Monday, May 2, 2011

Abre Los Ojos

(By Naughty, 051/015)
Вторник. 
Денес има Лига на шампиони во фудбал. Вечерта што толку долго ја чекав. Тргнав до дневна за да ги земам оние 30-тина денари што ми останаа во паричникот. На ТВ, вклучување во живо од куќата на Големиот Брат. Некогаш се прашував зошто наместо обични луѓе не земат скитници, барем ќе им’ обезбедат кров над глава и редовен оброк на некое време, си мислев. Сега знам, ни скитник не би ја продал својата патетика за пари. Карши ТВ-то, на каучот лежи мајка ми, со бледо лице и завиткана во ќебиња. Таква е веќе скоро година, од оној ден кога ја отпуштија од фабриката, после 17 години верност и вредна работа. Во последно време престана да ја прима и терапијата што и' ја препишаа за ракот. Заеби, и онака ќе умре наскоро, а тоа во никој случај нема да го спречи мојата бедна стипендија која не покрива ниту пола од трошоците... 

Паричникот празен. Старото копиле повторно е во кладилница. Не помогна ниту кавгата од пред некој ден, кога ми ја пукна аркадата со шишето ракија, а јас му го скршив носот. Како да не е доволно што дневницата му е третина од дневниот џепарлак на копиљаците од другата страна на реката, па мора и да се коцка. Со моите пари.
Во оставата го најдов она старо вино во ексклузивно пакување, кое го чувавме за посебна пригода. Таму стои откако знам за себе. Изгледа било пишано оваа да биде вечерта што ќе ужива во неговиот сладок вкус. Го сместив во ранецот, земав се' она што ми требаше за прославата, си ги стегнав врвките и излегов. Ја наметнав капуљачата од блузонот. Не сакам да ми го гледаат лицето. Не се достојни.
На mp3 плеерот, кој патем беше се' што ми донесе високиот просек во првата година од моето студирање, свиреше "Времето на волкот", напишана од врсник од мојата населба, кој во своите стихови до детал опишуваше се' што мислам и чувствувам. А не ме познаваше. Само еднаш делевме такси до дома. Чудно, нели? Среќа што стариот пие само ракија - размислував.

Празниот паричник не ми е пречка да стигнам до било која дестинација во Скопје. Така е од оваа страна на градот. Користењето на јавниот превоз не не’ чини пари; сепак не е бесплатно. Мора да го истрпиш презирот од патниците и да си на штрек се’ до крајот на патувањето. Чекав од темната страна на автобуската. Не сакам шоферот да ме види и да ми ја затвори вратата пред нос. Најчесто успевам со ваквата стратегија. Спринт до средна врата, кратка борба со луѓето што се симнуваат, неколку примени удари од лакти во слабините и веќе си внатре. Додека се движев меѓу седиштата кон задната врата, дотераните шмизли ме скокаа со погледот како што голем дел од вас веќе го прескокнаа текстов. Мојата слика нема доволно розеви нијанси за да остане во нивниот фокус подолго од една секунда. Не ме боли кур, ниту јас сакам да ги гледам, а фактот што се речиси голи ни малку не ја менува состојбата. Всушност, мразам се’ што е женско од моментот кога ја видов девојка ми во лимузина со странски таблици. Префлив на"Street Struck" од Big L. Ме потсетува на поранешните другари од населба... 

Со погледот ги одмерував силите со дебелата жена која седеше на едно од столчињата на средината на автобусот. Знам што значеше кривата гримаса на нејзиното лице додека зјапаше во мене. Исто така знам дека таа плаќа високи суми за својата дрога именувана со куп латински имиња, а се купува во аптека, додека мојата беше бесплатна и носеше само едно име. Нема да го кажам. 




Стигнавме до замислената граница. Уште 50-тина секунди црвено светло ме делеше од другата страна. Дебелата се сврте кон човекот над неа, ја пребара ташната и му покажа карта. Fuck! – си реков. Кој кур?! Почнав и да мислам на англиски. Пак контрола. Премногу често се сретнуваме месецов. Со сила ја отворив задната врата и скокнав, трчајќи кон тротоарот, пред да ме прегази некое говедо со нов џип, зборувајќи на мобилен. Јеби га, од тука можам и пешки.

Конечно таму. Dis’ da spot. Десетина накитени локали, светла во секакви бои, силно озвучување, разорна галама, маси до самиот кеј и купишта розеви кошули, златни ланци, миничи, кармин. Тоа е кремот на градот. Шемата - како што го викаат ова место, а не знаат зошто. Јас знам, though. Затоа што тука никој не отстапува од шемата. Качени на воз, одат во непознат правец, а никој не се осмелува да ѕирне низ магливиот прозорец. Затоа сум јас тука вечерва. За да им’ го украдам вниманието на момент, да им’ покажам фрагмент од вистината која упорно ја избегнуваат. Но, прво да прославам. На метар-два од масите има тесни скали, претрупани со мириси на мочка и гомнарии. Лево од нив - клупи, десно – цигански камп. Овојпат, празни. Сите гледаат Лига на шампиони, remember? Јас пак, не знам ниту кој го игра натпреварот. Мразам фудбал. Сметам дека е зло спортистите да бидат платени со милионски суми, додека некаде на другата страна на светот, во фабриката на спонзорот, нивните патики ги изработуваат 7-годишни деца, робови. Наздравив во име на доброто и почнав да пијам.

Во меѓувреме, натпреварот заврши, а забавата почна. Во ушите ми се мешаа неколку хитови од врвот на светските топ листи одеднаш, но сепак најгласно ги слушав стиховите од Internally Bleeding на Immortal Technique, од мојот плеер. Време беше. Последната капка ми се лизгаше низ грлото, очите подзамижани, дланките лизгави од студената пот што ме облеваше. Се качив во гужвата. Набилданите ќељавици беа задлабочени во разговорот со неколку вештачки створа прекриени со купишта козметика. Се пробив меѓу масите. Никој не ме забележува. Баш како што очекував, се' одеше според планот.


Ја извлеков металната играчка од џебот, ја доближив цевката до слепоочницата и викнав “Look around you, motherfuckers!” додека го повлекував чкрапецот. Кој кур, пак на англиски?!
Се сомневам дека некој го слушна мојот крик, но знам дека го слушнаа истрелот што следеше. И знам дека мојата крв на нивната светкава гардероба нема да им’ дозволи да ги затворат очите, барем не во скоро време.
Не верувам во Господ. Но, ако е таму, го молам да не ме прати во рајот. Не ќе знам да се снајдам.

..............................
Инспирирано од вистинит настан, кој секојдневно се случува во мислите на _?_ милиони млади луѓе низ светот.

No comments:

Post a Comment