Saturday, December 24, 2016

Исчезнувањето на Македонски Брод

(By Roger Mortis, 282/162)
Југослав и Персида одамна планираа да ги посетат своите роднини во "стари крај".
Иако животот во Инголштат ги беше навикнал на некои поинакви стандарди сепак кај нив остана онаа носталгичка нишка која емотивно ги поврзуваше со местото од кое потекнуваа, нешто како своевидена папочна врвка која го поврзувала телото при астрална проекција.

И така, Југо и Перса, на крилата на носталгијата и нискобуџетната авиокомпанија пристигнаа во Скопје откаде што се упатија кон локацијата на која живееле нивните претци, на едно место прилично далеку од било какво море па дури и езеро.
Но кога автомобилот застана на соодветната локација внесена во ГПС уредот, Југо и Перса не можеа да видат никаков град. Немаше згради, куќи, пци по улиците, стојадини со кука за влечење приколка...немаше ништо !


Изненадени од тоа, нашите јунаци логично претпоставија дека се работи за квар на ГПС уредот во автомобилот. Во дијаспорските умови се роди следната логична мисла, а тоа е да ја проверат локацијата со помош на своите смартфони опремени со ГПС софтвер. Кога смартфонот на Перса покажа исто што и уредот во рент-а-кар возилото, полека но сигурно паранојата почна да се вовлекува во нејзиниот мочен меур.
Празнејќи го својот позади едно дрво, Југо се обиде да стави крај на дилемата преку неговиот телефон. Но и по трет пат, локацијата беше таа. Освен ако сателитите не излегле од геостационарната орбите со цел да попречат на Југо и Перса да го најдат Градот.
Не, тоа сепак не беше случај.
Крајно збунети, во некакво бунило - Југо и Перса почнаа да се движат наоколу по рељефот. Ветрот кој ги нишаше тревите и трњето наоколу како да носеше со себе страв, како да придодаваше на паничната состојба.

Што сега?
Југо и Перса набрзина одлучија да се вратат во Скопје и да преноќат. Се стемнуваше, а планираната вечера во домот на роднините и спиењето во куќата пред која како мали деца си играа во калта сега беше само далечен спомен.
Враќајки се назад, застанаа на една бензинска станица да наполнат гориво. Сеуште во шок, почнаа да се распрашуваат меѓу вработените дали знаат како се стигнува во Македонски Брод.
Но ниту еден од вработените немаше слушнато за такво место.
Тоа само уште повеќе го потенцираше шокот. Што, зарем Југо и Перса имаа имплантирана меморија? Зарем ништо од она за кое мислеа дека се сеќаваат не постоело во реалноста?! Импликациите на ваквите помисли беа премногу сериозни за да бидат почестени со повеќе од 13 секунди во мозокот.

При враќањето во Скопје, Југо се сети на далечен роднина од Македонски Брод кој живееше во Скопје одамна. Нивните смартфони овој пат се покажаа во право светло бидејќи набрзина успеаа да го најдат телефонскиот број на Панде, роџакот.

Панде беше малку зачуден кога ги виде нивните шокирани физиономии во касните вечерни часови. Но сепак, како да претпоставуваше дека знае зошто се дојдени кај него.
После воведните испади на куртоазија, муабетот се насочи кон Македонски Брод. Кога ќерката на Панде со потсмев се обрати кон гостите со тврдење дека не постои такво нешто - беше испратена во својата соба. А Панде, видно возбуден од исповеста за скорешното искуство на Југо и Перса, прошепоти дека истото му се случило и него! И тоа ни помалку ни повеќе туку девет пати. Имено, Панде секоја година одел на тоа место откако пред девет години за последен пат имало град на тоа место.


"Сидо мори, не знам зошто никој не може да се сети на Македонски Брод. Со тоа што градот нагло исчезна од оваа реалност, го снема, го изеде мракот...некако и успеав да се помирам. Но со тоа што градот истовремено исчезна од сеќавањата - не можам. Барав на ова чудово, интеренет што го викаат, следев по весници, бев на штрек при вестите на ТВ - ништо. Ниту едно споменување за овие девет години!"

Колку што овој разговор беше тажен, истовремено беше и утешителен за Југо и Перса, па и за Панде - бидејќи сега веќе знаеа дека не се луди и дека немаат лажна меморија.

Чашка по чашка, ракијата ги стопли срцата на далечните роднини.
Панде дури и го снема на момент. Се врати за неколку минути носејќи во рацете некаков предмет замотан во платно. По димензиите и изгледот наликуваше на уметничка слика, но Панде немаше такви склоности.
Одмотувајќи го платното, пред очите на Југо и Сида излезе доказот, конечната потврда!
Жолто избоена сообраќајна табла на која пишуваше "Македонски Брод - 24км".

Со стрелка.