Tuesday, March 14, 2017

Патишта

(By Roger Mortis, 286/166)
Чудни се патиштата човекови.
Особено кога станува збор за колективниот идентитет и евентуалната идеолошката припадност, некои би рекле еволуциски вградената потреба од припаѓање на некое Племе.

Ако се тргне од претпоставка за барем малку натпросечна интелегенција кај поединец и елементарна интелектуална чесност - тогаш тој поединец кога тогаш во својот живот ќе стигне до Анархијата, на интелектуален и идентитетски план.
Едноставно е невозможно да биде поинаку.

Зошто е невозможно? Затоа што сите патишта водат кон поединецот како единка сама по себе, почеток на секоја група, последна инстанца на биолошката предодреденост. Никој не се родил во група.


Еднаш стигнувајќи до неа не се знае каде човек ќе продолжи и по кои координати ќе замине,
Раскрсницата на која ќе се најде е чуден феномен. Нема четири правци туку безброј.
Патот кој ќе се фати е ствар која зависи од илјада фактори.
Страв, немоќ, несигурност, утилитаризам, жена, деца, осуда од средина, плата, прагматизам, кредит за кола...или ништо од сето тоа туку нешто сосема осумнаесто.
И сосема разбирливо.

Сепак поентата е дека луѓето кои барем две минути во животот го очешале рамото со Анархијата се оние поради кои животот е колку толку поднослив во овие услови.

Saturday, March 11, 2017

Дивите луѓе

(By Roger Mortis, 285/165)
Групи дезертери за време на Големата војна, затечени на ничија земја или по планините, шумите и пустините на разни фронтови - ги отфрлиле дотогашните лојалности и препуштајќи се на своето лудило се втурнале во ограбување и канибализам.

Потполно ослободувајќи се од стегите на националната припадност, религиозните упатства и добрите манири, фанатично здружени во своето зло - припадници на разни војски се збратимувале по две основи.
Првата била онаа типична дезертерска приказна каде што уплашени и разочарани млади луѓе решиле да се обидат да преживеат без многу врева, криејќи се заедно со довчерашните непријатели со кои се знаеле преку нишанот, оптички или механички.
А втората...тоа била погореопишаната група на побеснети пореметени фрикови, решени да се одмаздат на целото човештво, да ги искинат сите смоквини листови, да ги прегазат сите норми, да ја убијат сета таа трагична наивност поради која завршиле таму, во дупките покриени од тенок слој жолтеникав Сарин. Низ облаците со Хлор, помеѓу лешевите низ чии очни дупки ровареле штакори - не било тешко да се дојде до радикална промена на перцепцијата.


Душевно уништени од страданијата, можеби посклони кон лудило од останатите, или само како сублимат на општото лудило во неговата најчиста форма, овие бивши војници касапеле ранети екс-колеги и правеле едноставни кулинарски специјалитети од нив.

Пред тоа темелно ги лишувале од сиот можен материјален имот, колку и да бил скромен. Не се ограничувале на тоа туку напаѓале и цивили, фарми и оази, овчари и козари, патници и уседелици. На рабовите на сите фронтови вирееле мали но впечатливи групи на Дивите Луѓе, сенки во маглата, паника во очите на регрутот тукушто пристигнат на фронтот кој слушал нервозно шепотење меѓу постарите војници за тоа како болните крици на ранетиот Гијом или Гери или Генадиј или Гинтер биле прекинувани од неколку тапи удари во далечината а смрдеата на печеното човечко месо зафатило место во умот на војникот кое со ништо не можело да се исфрли оттаму, до судниот ден.