Tuesday, September 25, 2018

Првата Генеза

(By Roger Mortis, 302/182)
Познат и признат факт е дека Цивилизацијата, ако со тоа име можеме да го удостоиме организираниот живот на раја под власт на разни психопати и социопати, започнала таму некаде во Сумер, пред некои 6.500 години и оттогаш наваму имаме илузија за линеарно движење на историјата, од поедноставни форми до денешните ултра-компликувани општества (Јапан, јави се).

Но што ако историјата е цикличен циклус, што ако постоела барем една претходна релативно високо развиена глобална цивилизација, или можеби и неколку, што ако таа исчезнала под теретот на сопствените грешки и заблуди и само ни оставила голем број на објекти како предупредување за следните цивилизирани луѓе да не ги повторуваат нивните грешки?

Зошто ваквите хипотези секогаш наидуваат на осуда на официјалната Академија е нејасно, не дека и меѓу нив нема раја која би сакала да истражува во тој правец, но тоа би значело ставање крај на кариера, па тука се кредити за куќа и кола, сопружник и деца, одмор на Бали, така што и најдобрите намери завршуваат таму некаде, во ехото на ходниците на универзитетите.
Има за среќа и такви како Робер Бовал или Роберт Шок, (да, тоа е презиме), високо стручни лица кои ги напуштиле институциите и со помош на нетот створиле не само алтернативни хипотези туку и успеале да ја надминат финансиската уцена на разни начини, од продажба на книги до предавања на места каде алтернативата е ценета.


А за каква хипотеза се работи во основа, што е сржта на потребата од нови откритија?
Се работи за претпоставка темелена на бројни докази и индиции за постоење на високоразвиена цивилизација која егзистирала приближно пред 12.518 години.
Обично погрешно и кобно се именува како Атлантида, Лемурија, Му-Мајката Земја, Хипербореја, Шамбала, Агарти а во игра се и остали поими.
Зошто е тоа грешка? Затоа што не знаеме како самите се нарекувале и можеби затоа често се користат тие поими во опишување на таа цивилизација.
И нашава цивилизација нема име ако сме веќе кај тоа, името кое ќе и го дадат некои наредни цивилизации откако оваа ќе приумре ќе бидат повторно погрешни.
Јас инсистирам на зборот “Прва Генеза“ а оваа пост-Сумеријанската би била “Втората генеза“ на човековата цивилизација.

А што ако имало и пред претпоставената други цивилизации? До таму за жал, мојот ум не може да перцепира иако треба и мора да се остави простор за такво нешто.

Некои луѓе уживаат во поимот "Претпотопна цивилизација".
Под цивилизација се мисли на глобална цивилизација поделена на повеќе држави (!?) или некакви ентитети со многу сличности но и многу разлики од денешнава. Претпоставката која е најлогична е таа дека во одреден момент поради исцрпување на ресурси, судир на интереси, алчност за профит, зони на влијание...избувнала војна која ја уништила таа цивилизација во најголем дел.
А тука е и теоријата која неодамна се појави со цврсти и несоборливи докази дека Земјата минала низ "опашот" на Комета во распад баш во тој временски период што предизвикало огромни уништувања од честите метеорски дождови како последица на тоа, следеле и климатски промени кои го заглавиле светот во последното глобално Ледено доба и тоа бил крајот на светот за тие луѓе.

Но тие луѓе не сакале да си одат од оваа реалност пред да остават барем некаков траг зад себе. Разни споменици кои сеуште науката не може да ги објасни се некоја врста временски капсули кои ги оставиле како порака за идни цивилизации, за денот кога човештвото ќе закрепне и пак ќе тргне по нагорна линија, да ги сфати како предупредување што може да се случи ако се повторат нивните грешки. Или само како потсетник дека ете, некогаш живееле тие луѓе по светот.

Бидејќи оваа претпоставка не е доволно истражена тешко е дефинитивно нешто да се каже што не би претставувало субјективно мислење. Независните истражувачи не располагаат со средства за темелни истражувања, све е препуштено на официјалната наука која упорно ја негира таквата можност, иако сама не е способна да даде дефинитивни одговори.


И покрај милијарди долари и евра кои секоја година ги трошат, археолозите, историчарите, палеонтолозите...со еден мал дел од таа цифра конечно би се дошло до одговор на прашањата кои сеуште постојат под името “мистерии“...но тоа веројатно нема да се случи, наследените интереси, катедрите, его-триповите, фондовите, издаваштвото...си имаат своја инерција и свој наследен интерес. Затоа ќе слушаме навредливи објаснувања од типот на 100.000 робови и работници кои влечкале камења од 80 тони а немале сеуште измислено тркало, и како за 50 години, за пар генерации, се усовршило градењето на пирамиди од Џосеровата скромна до величествената Кеопсова, и после имаме повторно драматичен пад во изградбата на пирамиди низ цела староегипетска историја, или ако немаат одговор како на пример во случајот со линиите од Наска...ќе измислат некоја религија заради која наводно биле градени тие линии и отстранет цел еден врв на планина за таа цел, од страна на лица кои немале технологија за тоа.
Иако ситници како немањето авиони пред 2000 години и неможноста за проектирање такви колосални цртежи на простор од десетици километри кои се видливи само од воздух воопшто не ги вознемирува.

Тоа секако не значи дека алтернативата е секогаш во ред. Многу луѓе паѓаат во стапицата на црно-белото резонирање, па така ако официјалното е некогаш погрешно, алтернативното мора да биде точно. Не. Алтернативците не се ниту 50% во ред, можеби не се ниту 10%. Многу од нив си предат лажни сказни, има тука од све за секого, од вонземјани до супер-херои, од богови до лудило. Но барем поставуваат понекое одлично прашање и ја одржуваат широката маса во љубопитна состојба.
А заедничко на двете страни им е што зборот "Не знам" ги плаши и ужаснува повеќе од било што на светот.

Важно е да се земе плата
И да се оди на одмор со фамилијата.
И да се вози теренско возило кое никогаш нема да напушти асфалт.

Истото тоа би го имале и во случај да ги отворат умовите за дел од алтернативните хипотези.
Како што некој забележал, на истражувањата на Стариот свет не му недостасуваат египтолози, археолози и лингвисти. Потребни се инженери, геолози, историчари кои се бават со економска и финансиска историја, специјализирани за стариот свет, people of some Grit, луѓе кои знаат дека не можеш да подигнеш 80 тона на 100м висина без сериозна механизација, раја која цел живот работи со подигање терети и не верува во ефтини приказни.
Египтологот нема проблем да поверува дека тоа е можно. И без тркало, и со 1,3 милиони раја популација во Египет за време на Кеопс (денешна РМ има повеќе), половина жени, одреден процент деца и старци, власт, голем клер и војска, па инвалиди, болни и луди...и таа раја што останува како воопшто способна за активност на платото Гиза требало за 21 година да го суспендира животот, да ја замрзне економијата, да престане да јаде и пие и повторно нема да им било доволно тоа за стварање на било каква економска можност за изградба на такви објекти.
Освен ако Кеопс не бил Пол Пот.
А и да бил, немало да успее, не за друго, затоа што е невозможно.

Зошто повеќе луѓе не се осеќаат навредени од такви прикаски ми е нејасно.

Sunday, September 16, 2018

Пијаниот Кинез

(By Roger Mortis, 301/181)
Годината е 2017-та, локацијата е Јужна Кина, поточно градот Гвангжу, орудието на Судбината се пар риби познати како Барски Јагули а причината е Алкохол, многу лош Алкохол помешан со наплив на лудило, веројатно појавено некаде помеѓу нискиот свод на изнајмената соба, внатрешниот бес и надворешниот притисок.

Но која е личноста која излезот од анонимноста го побарала преку туркање на двете Јагули во сопствениот Анус? Дневниот весник Хуанчу не го соопштува името на машката особа, ниту пак неговите сексуални афинитети, семеен статус или музички вкус, само кажува дека имал 45 години, работел на околните градилишта и дека бил зависник од Алкохол.
Сепак, човекот за кој станува збор не бил забележан да направи сериозен инцидент под дејство на Алкохол се до тој значаен датум, 10.Март 2017, кога Јагулите како вид веројатно за прв пат стапија во човековата утроба.


Пиејќи сам цела вечер, неименуваниот господин во настап на крајно оригинална самодеструктивност, не знаејќи што да прави со себе и со светот околу себе - ги грабнал една по една двете Јагули од аквариумот и започнал да ги става во својот Анус. За среќа или несреќа, Јагулите имале природен лубрикант во вид на некаква лигава маса околу себе и така се нашле во Ректумот на Кинезот а потоа продолжиле кон дебелото црево. Бидувајќи околу 2,5 цм широки и 15-16 цм долги, не е тешко да се разбере како го направиле тоа.
Оттаму рибите, можеби чувствувајќи се некако клаустрофобично, го пробиле ѕидот на дебелото црево и се нашле во внатрешноста на организмот на ликот, предизвикувајќи стравични стомачни болки и грчеви.

Брзата помош веројатно ја имала најшокантната интервенција во историјата на Гвангжу и пошироко, преполна со досетки за хомоеротска зоофилија, а докторите го упатиле 45-годишниот алкос на Дигитална радиографија со цел да бидат пронајдени неочекуваните гости во телото на Кинезот. Бидејќи рибите биле во движење а инфекцијата присутна, ризикот од Сепса и евентуален крај на животот на овој човек не бил за потценување.
Сепак, после 24 часа од аналната апликација на Јагулите, едната риба била хируршки отстранета од телото.

Втората риба била малку потешка за локација, но поради јасниот отвор во цревото кој јагулата го пробила и крварењето, патот на рибата станал видлив по крвавата трага. Таа била најдена склупчена некаде до желудникот и извадена.


Бидејќи не нарушил ниту еден закон, Кинезот бил само пратен на Интензивна нега да се опорави од операциите и оттаму повторно, брзо и сигурно се вратил во анонимноста на непрегледната кинеска раја. Понатамошната судбина на овој човек не е позната, што се случило во овие година и пол откако си ги ставил јагулите во чмарот е мистерија, дали сепак станал славен и богат и се оженил со Царската ќерка или понатаму останал да чмае во малата соба, во крајно загаденото и пренаселено предградие, во бескрајните работнички блокови, продолжувајќи ја рутината соба-посо-соба-ракија,  нема никогаш да дознаеме.
Останува надеж дека нема да ја прекинува таа рутина со својата перцепција за оригиналност.

Како што нема да дознаеме ништо и за тоа како се осеќале двете јадни риби кои морале да пројдат низ една чудна, смрдлива и грозна авантура...