Sunday, September 16, 2018

Пијаниот Кинез

(By Roger Mortis, 301/181)
Годината е 2017-та, локацијата е Јужна Кина, поточно градот Гвангжу, орудието на Судбината се пар риби познати како Барски Јагули а причината е Алкохол, многу лош Алкохол помешан со наплив на лудило, веројатно појавено некаде помеѓу нискиот свод на изнајмената соба, внатрешниот бес и надворешниот притисок.

Но која е личноста која излезот од анонимноста го побарала преку туркање на двете Јагули во сопствениот Анус? Дневниот весник Хуанчу не го соопштува името на машката особа, ниту пак неговите сексуални афинитети, семеен статус или музички вкус, само кажува дека имал 45 години, работел на околните градилишта и дека бил зависник од Алкохол.
Сепак, човекот за кој станува збор не бил забележан да направи сериозен инцидент под дејство на Алкохол се до тој значаен датум, 10.Март 2017, кога Јагулите како вид веројатно за прв пат стапија во човековата утроба.


Пиејќи сам цела вечер, неименуваниот господин во настап на крајно оригинална самодеструктивност, не знаејќи што да прави со себе и со светот околу себе - ги грабнал една по една двете Јагули од аквариумот и започнал да ги става во својот Анус. За среќа или несреќа, Јагулите имале природен лубрикант во вид на некаква лигава маса околу себе и така се нашле во Ректумот на Кинезот а потоа продолжиле кон дебелото црево. Бидувајќи околу 2,5 цм широки и 15-16 цм долги, не е тешко да се разбере како го направиле тоа.
Оттаму рибите, можеби чувствувајќи се некако клаустрофобично, го пробиле ѕидот на дебелото црево и се нашле во внатрешноста на организмот на ликот, предизвикувајќи стравични стомачни болки и грчеви.

Брзата помош веројатно ја имала најшокантната интервенција во историјата на Гвангжу и пошироко, преполна со досетки за хомоеротска зоофилија, а докторите го упатиле 45-годишниот алкос на Дигитална радиографија со цел да бидат пронајдени неочекуваните гости во телото на Кинезот. Бидејќи рибите биле во движење а инфекцијата присутна, ризикот од Сепса и евентуален крај на животот на овој човек не бил за потценување.
Сепак, после 24 часа од аналната апликација на Јагулите, едната риба била хируршки отстранета од телото.

Втората риба била малку потешка за локација, но поради јасниот отвор во цревото кој јагулата го пробила и крварењето, патот на рибата станал видлив по крвавата трага. Таа била најдена склупчена некаде до желудникот и извадена.


Бидејќи не нарушил ниту еден закон, Кинезот бил само пратен на Интензивна нега да се опорави од операциите и оттаму повторно, брзо и сигурно се вратил во анонимноста на непрегледната кинеска раја. Понатамошната судбина на овој човек не е позната, што се случило во овие година и пол откако си ги ставил јагулите во чмарот е мистерија, дали сепак станал славен и богат и се оженил со Царската ќерка или понатаму останал да чмае во малата соба, во крајно загаденото и пренаселено предградие, во бескрајните работнички блокови, продолжувајќи ја рутината соба-посо-соба-ракија,  нема никогаш да дознаеме.
Останува надеж дека нема да ја прекинува таа рутина со својата перцепција за оригиналност.

Како што нема да дознаеме ништо и за тоа како се осеќале двете јадни риби кои морале да пројдат низ една чудна, смрдлива и грозна авантура...

No comments:

Post a Comment