Monday, September 17, 2012

Немање

(By The Marked One, 155/035)
Немаме пари.
Немаме за јадење.
Ебан денар немаме.

На куров да ве качам сите, кукумјавки. Да ми простите на речникот.
Фрустрациите како вообичаено се излеваат, како жешка лава ми ги греат градиве. Ме полнат со омраза. Ќе речат дека сум тажен, обичен тинејџер кој плаче за внимание и пропагира дека само тој ја разбира општествената аберација и дека единствено тој е илуминаторот на денешницата и сите нејзини пороци додека истовремено лелека за својата осаменост.

Ќе ве разочарам, бидејќи и јас сум еден од вас.

Јас ниту сум тажен, ниту сум сиромав, ниту сум незадоволен од финансиската состојба. Ниту од социјалната.
Нервозите се производ на фрустрации кои за возврат се излегнаа од неможноста на кретенштината околу мене да се фокусира на вистинските црнила во средината на хабитација.

Кога веќе сме во рацете на капитализмот, а вие желни да го смените не знаете ни да ги направите првите вистински чекори кон тој сон, не е ли можеби подобро да работиме на подобрување на системот наместо да го посеруваме овој а воедно и оној од сништата?

Еден од тројца македонци во денешницата везден лелека како е невозможно да се пронајде работа. Забавата започнува моментот кога на субјектот ќе му најдете работа. Истиот повторно лелека, надолго раскажувајќи дека тој не сакал да го работи она што му е назначено, дека платата е прениска, дека не завршил одреден факултет за да работи нешто сосем седмо.


Да почнеме со факултетот. Дали субјектот смета на фактот дека моментално во државата не постои дефицит на кадарот за кој тој се остручува?
Дали очекува законите на природата да се сменат токму за него и од никаде да генерираме работни места кои се непотребни? Што да правиме доколку на никому не му е потребен економист, психолог или нешто трето? Веднаш ќе го обвиниме системот, нели? Секогаш е лесно вината да се префрли на нешто друго. Зошто субјектот избрал да се остручи за она што е непотребно? Дали очекувате од светот да организира масовен hoarding на работна рака?

Се разбира, дури и оние кои ќе прејдат преку неволноста да не го работат токму она за кое сонувале, својата работа ја вршат ужасно. Неуслужливи, невнимателни, незаинтересирани за муштериите. Влегов во продавница и кога замолив да бидам опслужен со пола кило грозје бев прашан дали сум “фатен во рацете”...
Што би се случило доколку јас на работа му речам на мојот клиент, “склопи го инструментот и сам работи со истиот. Што ме гледаш, да не си фатен во рацете?”

Македонецот е горделив вид од расата Гоцева. Тој не работи за ниски пари. Гоцевата раса не си ги валка рацете со се и сешто, и се разбира, потоа се жали по форуми како нема “ебан денар”. Огласниците се преполни со понуди за работа. Ама нели, треба англиски, треба да знам да работам на word. Не сум јас за келнерка. Не сум за да работам во погон. Не сум за ова, не сум за она. Сакам канцелариска работа, сакам минимална плата од 300 евра.

Сакам ова, сакам она...

Сакај.

Нема.

Tuesday, September 11, 2012

Што сакам ?

(By The Marked One, 154/035)
Атракција родена и одгледана во апатија. Мислев дека е невозможна. Дали опседнатоста со нашите мании ја диктира процентуалноста на совпадливост, множејќи ја со нула. Фрлени во заблудите на сопствената десолација сонуваме иднина без наше присуство. Одвратниот град е мојата муза. Метафоризирана смрдеа. Ако сум аватар на идеите, тогаш светов отиде по ѓаволите. А што си ти?

Мислев дека сум луд. Ми недостасува спротивното, она што во целост е послано пред нозеве. Но јас не сум исполнет. Дали сум ненаситен или некомпатибилен?

Низ долгите разговори кои ги водевме...не, зарем не зборував со себеси? Ако постои, дали нереалноста е препрека? Идејата е моќен адут во рацете на фантазерите. Дај ни ја неизбрусана и крута. Нова. Како деца, радосни ќе ги испитуваме сите нејзини ќошиња, сите можности. Сите крајчиња.
Обожувам да другарувам со сопствените идеи. Долги разговори во малата соба. Сами, интелектуално се интимизираме, ги истражуваме крајностите на мојата психа. Деновиве по се изгледа имам време и волја за мала доза сентименталност.


Ќе претпоставам дека истата е само нус продукт на оваа фаза. Конекција која ја воспоставувам со себеси, олицетворена во имагинарна личност.
Да негирам дека досега не постоеле вакви, нематеријални животни копилоти во мојот живот е апсурдно. Мојата фантазија ми позволува да си поигрувам со карактерите на луѓето. Ги земам и ги групирам во замислени човечки трупови кои подоцна се реинкарнираат во моите советници.
Колку глупав начин да си помогнеш себеси.

А дали ми треба помош? Сеуште сум несигурен околу тоа прашање. Би го преформулирал во “Што ми треба?” само за да сфатам дека информацијата е излишна.

Што сакам?

Friday, August 24, 2012

Can`t stop me now!

(By The Marked One, 153/035)
Семејството беше една пречка.
Беше апсолутно недозволиво да се каже се` кај мене дома.
Пцуењето беше забрането.
Викањето беше забрането.
Отвореното критикување беше проколнато, фрлено некаде под тепихот.
Во тишината.
Бев долгогодишно размонтиран, разоружан. Моите оружја, зборовите. Не се сеќавам точно на се. Веројатно било потешко отколку сега. Иако не верувам дека било агонизирачко. Можеби само на моменти. Маалото во кое битисував. Тоа веќе беше друга приказна. Секоја секунда мината со џганот беше скапоцена.

Декларацијата како противник на верата на ближните во очите на светот не ја сметав за ништо посебно. Иако мојот свет имаше да каже многу за тоа. Сметав на нивната остроумност, а колку ли само бев заблуден...

Тргнав на исцрпувачка мисија, барајќи го трнот во очите на моите најблиски. Ме интригираше фрустрацијата во нивните очи секогаш кога еден од законите ќе прекршеше. Секој момент кога свесно ја пречекорував вербалната прохибиција.


-Професорке, мислам дека не сте во право!
-Извинете, наставнику. Зарем ова не може и вака да се реши?

Бев дете. Мислев дека сум од помош. Знаев ли дека боцкам во големата вреќа со сало? Знаев ли дека штотуку зачекорив на стаклено его?

Не. Не ми ни беше од посебно значење. Сметам дека бев во право. Дури и денес ги кршам индивидуалните табуа. Отворено, пред секого. Ја разоткривам патетиката. Не сум дете. Но сеуште сметам дека помагам. Иако сум презрен.

Градам имиџ кој биполарно го доживувам. Не знам дали ми годи туѓата фрустрација на моите плеќи. Дали сакам да сум вентил?

По ѓаволите, зарем мотивите се важни?

Ќе продолжам со мојот манифест. Мојата декларација да го правам она кое што сметам дека е правилно. Само, сега веќе не сум дете. Прангите на општеството како да олабавија последниве неколку години. Јазикот ми се одврза. Во есенција, себеси ќе се наречам двигател на себеомразата во секој од вас.

А мразејќи се себеси, ќе ме мразите и мене. И јас ќе ве сакам и мразам поради тоа.

Thursday, August 23, 2012

За секого по еден

(By The Marked One, 152/035)
Пишувам. Ткаам реченици, потковувајќи ги со времето минато низ оние мали прашливи книжулиња. Оние стотици илјади страници, сите човечки приказни кои ме пронижале. Хартијата со вистинска вредност. Кога бев помал, читајќи понекогаш позеленував од завист и љубомора, посакував да сум на местото на творецот на приказната во која лелеев. Таа книжевна хармонија истовремено ме ужаснуваше и вознесуваше во божествена екстаза. Посакував да бидам Тој.

Низ годиниве кои пролетаа, безмилосно и остро атакувајќи на мојата игнорантна младост можеби најмногу и посветив време на сопствената творечка моќ. Илјадниците реченици кои се излеаа од моите неразумно трошени мозочни ќелии постепено како мускул ја зацврстуваа оваа способност. Решив активно да пишувам.

Што?

Го пишувам она што го мислам бидејќи сакам да го кажам, или барем она што сметам дека мора да се каже. Малку генерично и магливо опишано. Но всушност тоа е и поентата. Моите мисли, моите размислувања, се што ме допрело а вредело да се спомне сум го навезел на тие листови, инаку безначајни. Се соголев себеси пред публиката. До коска, ја положив секоја моја клетка пред критичките очи на масата. Театрално, со многу емоции, урнебесно се распнав себеси за туѓата информираност и угодност. Мислам дека тихото вниманието кое проследи беше цената за која ја продавав душата.


Ми годи. Бидејќи сакам да  го кажам, и сакам да бидам чуен. Затоа го правам на најдобриот можен начин. Метод кој ми овозможува да го привлечам вниманието и потоа да го насочам кон она што е битно. Она што треба да биде потенцирано. Истовремено, моето его постојано се храни и згојува. Како богато дебело дете кое ги краде чоколадите под елката ден пред Нова Година.

Вооружан со артилеријата која сиве овие години ја акумулирав, воедно и подобрувањата кои ги извршив на истите. Секоја дебата ја гледам како судир. За мене бојното поле е таму, бидејќи таму сум челичен. Би сторил се како би ја зголемил мојата моќ да се изразам, воедно да триумфирам против практично секого бидејќи сакам да победувам, или пак, морам да победувам. Велат дека на светов постои куршум на кое е испишано твоето име. Јас на секој испишан збор закачувам по еден куршум.

The score so far

(By The Marked One, 151/035)
Ноти, една до друга нанижани низ најразлични интервали, наговестуваат дефиле на ураган. Колку и да мразам рекурзивни сеќавања, или мразев кога бев дете, ме удри силно во глава “repetitio est mater studiorum” .  Премотување на филмот, како да отворив кутија-албум со слики и наеднаш да минав низ сите, некои од нив доживувајќи ги како денот на кој се сликани. Веројатно е она што ме прави сентиментален. Иако деновиве немам време за тоа.

Во одекот на минатото, или барем сребреникавата линија на помраченото небо која ја потенцира подобрата утрешнина сеуште ги гледам скалилата. На почетокот на оваа етапа пред многу години, во миговите кога мислев дека истата завршила мислев дека ќе преминам со голема емотивна експлозија. Сега, мислам дека немам време ни за тоа.

Разоткривањето на вистинското наравоучение на секоја животна фарса е од суштинско значење во секој случај, барем дотколку еволуирав. Да го разберам очигледното.


Имав, па и имам луѓе што ме сакаа. Ме сакаат. Не сум сигурен колку ги сакам или ги сакав за возврат.
Калкулациите ми избегаа. Единаесетката од време на време ми се појавуваше во фокусот. Бев почитуван и презрен. Можеби затоа што се проституирав за внимание, а бев скапа курва.

Стариот карактер, се она што го изгради мојот лик низ неколкуве години сега е излишeн кожурец. Немам никаква интелектуална потреба да се навраќам на некое старо заборавено доба и повторно да се валкам во арам и катран. Барем не без да аквизирам нешто, а сега сум сигурен дека нема.

Дури и да добијам нешто од таа реинкарнација, бенефицијата од застарена технологија е мала и ништожна. Зарем не се стремев кон иднината? Тие богатства ги оставам на некој друг, некој кој ќе ја има среќата да ми чекори во стапките. Не сум егоцентричен, само имав добар живот.

Она што ме прави горд, а е продукт на годиниве е непокајанието. Ја разбив догмата на јавното мнение, секој комшиски муабет, секој стереотип, секоја родителска замерка кои ме прогонуваат до ден денес. Не жалам ниедна постапка, ниеден збор кој го упатив. Бев дете и се однесував како што и доликува на мојата возраст. Единствено можеби пораснав малку пребрзо, додека вчера бев млад и бунтовен, денес се чувствувам стар и намќор.

Не ме држи, ниту на било кој начин спречува да продолжам да еволуирам. Се менувам без да сакам, иако ќе речат на полошо. Восприемив доволно мудрост од луѓето од кои ја побарав, луѓе кои сепак не беа секогаш тука за мене. Но, не бев ни јас. Благодарам ќе го чувам за друг пат, иако можеби некој некогаш го заслужи.

Exposure Manifesto

(By The Marked One, 150/035)
Чекај малку. Ајде да ја ротираме перспективата на момент, ок?

Секогаш кога човекот достигнува нови височини во било која област на науката, со секој последен крик на технологијата безрезервно се “шлепаат” мал милион квази-научни и ѓубре хипотези од полуедуцирани  жими мајка интелектуалци во кој скоро секогаш е елабориран крајот на светот, поттикнат од новите “научни лудории.”

Лошата едукација, неиформираноста и селективното контемплирање во последно време сериозно го загрозуваат здравиот скептицизам а воедно и дозволуваат поволна почва за изртување на еден тон њу-ејџ религиозни гомнарии.

Искрено, длабоко сум навреден од секоја фолишајка приказна за се и сешто, за секакви непостоечки феномени накалемени на здрава наука, иако честопати застарена. Сепак, и покрај лопатите гомна, она што опасно ме лути е толерантноста која масата ја негува према овие лешинари. Сите тие врачови, надрилекари, исцелители, левитатори, телекинетици, пропагатори на њу ејџ бљувотини и спиритуализам кои за ебан кеш баратаат по разно разни социјални мрежи секојдневно врбувајќи тинејџери во нивната глупост.

Иако, во глобала ваквите декадентни појави сеуште се отерани у три лепе по некое непишано правило, за среќа сеуште одродени од општо признание, познати само на потиштени тинејџери и таратајки сепак масовната гомнарија на христијанството а посебно исламот е глобално прифатена.


И после 2000 години, нека си веруваат ако сакаат, не ти штети. Не ми штети?! И те како ми штети. Ти штети и тебе. Штети  шеријатот, талибанското право. Штети педофилијата, штети шовинизмот, штети хомофобијата, штетат лажните пророци и нивните превари што ги продаваат како чуда. Зошто да бидеме селективни околу тоа кои лаги ќе дозволиме да се шират?! Зарем не е очигледна штетата што ја предизвикуваат Мухамедините фундаменталисти?!

Се нема гз да се делува отворено критички врз нешто заканувачко како Ислам. Зарем некоја жена што јаде ќотек секој ден и на 60 степени шета на пазар во бурка ќе проговори отворено против опресијата? Или некое 9 годишно девојче во Јемен. Оние кои правеа масовни свадби со 40 годишни мажи.
Евиденција за вашиот морален и интелектуален блуд има насекаде!

Време е да се побијат сите богови. Нови и стари. Сите се тука поради лоша едукација и некоректно размислување и сите предизвикуваат штета, како на себеси така и на околината.

Со овој манифест ги повикувам сите непријатели на лагата да се спротистават јавно на глупавоста и декаденцијата. Сите оние кои со помош на информираност и здрав скептицизам непрестајно се борат против гомнариите кои нашите сопствени мозоци ги генерираат.

Време е да размислуваме здраво. Oчигледно, нашата толеранција према вашите манипулации истекува.

“Whether we believe what we see or see what we believe, we will always find the truth distorted by belief.” 

Ова е светот, а светот сум и Јас!

(By The Marked One, 149/035)
Повеќето од вас кои поради грегариусност  креираат и одржуваат врски во широк дијапазон, тоест врски од најразличен вид со одреден број индивидуи , во истиот релативно краток период се залетуваат во замката на безусловна доверба.  Ваквите догматики во тој опоен шарм на лажна сигурност ги продавате и на другите околу вас, во обид да им го накалемите сопствениот став околу нивото на посветеност во врската. Па зарем ова не е хипокризија?!

Дефилирате со вашите фрустрации, комплекси и разновидни социолошки проблеми по интернет социјалните мрежи, положувајќи го фрагилното его под нозете на светот кој нема време за вашите јадосувања. Ги рефлектирате сопствените грешки во карактерната инфраструктура, плачипичкосувате кога некој ги истакнува како ваши.


Очајно посакувате, или подобро кажано секојдневно се будите од сон во кошмар обидувајќи се да се убедите дека постои еден убав мал розов свет кој упорно револвира околу вас. Своерачно изработените законитости по кои го молите Бога да функционира светот се екстензија токму на вашата ароганција, на вашата волја да доминирате, човечката исконска љубов кон воспоставена контрола.

Објектот  во кој е насочен зракот доверба нема да се смени, нема да молдира. Едноставно ќе го запознаете подобро, и тогаш ќе ви се згади.

Да се биде што?

(By The Marked One, 148/035)
Да се биде човек.
Моќна реченица, силен стимул на наивниот хомо сапиенс. Да се биде човек. Колку е суптилно придвижувачка таа парола, тој изблик на божемен натурализам.  Се вовлекува во сечиј говор, како мирудија во секоја манџа, сите повикуваат на истото. Да се биде човек. Да се пронајде човечноста во себе, да се рудари, умствено и душевно да се преметнува низ гребените на себството како би се пронашла светлината на човечката душа. Да се открие човекот во себе.

Звучи апстрактно, мистично а тоа и е она што го прави заводливо. Да се биде човек. Биди човек, направи ова. Па она. Па сега пак ова. Да се биде човек, да се биде член на манифестацијата на врвот на синџирот на исхраната, проекцијата на моќите на еволуцијата, сведено на обично квази интелектуално лакрдијаштво. Уморен сум од дефинициите, етикетите и условите кои некој пролетер во своето слободно време ги склопувал со ќофтиња и ракија.


Биди човек, донирај. Хм, дали се возгордеавте  дотолку што алтруизмот си го накалемивте само во своето досие? Дали навистина се себеизмамивте, во долгите бессони ноќи низ кои талкавте низ вашата евидентирана инфериорност, тешејќи се дека можеби имате покомплексен живот од дождовниот црв? Бескрајно, во темнината цимолкајќи како мало лигаво дете се препелкавте во правта молејќи се на лажен Бог да ви се открие на миг, зрно утешение за бедните.

Биди човек. Биди високата, супериорна фела во животинското царство. Како Бог, со крената глава чиниш носот ќе го зариеш во небесниот свод, бестрашно чекори низ се што надмина сиве овие милениуми. Па ти си човек. Твојата титула звучи фасцинантно, за миг се чувствуваш заслужно.

А што всушност си ти, минорен сапиенс, за она што ќе те проследи? Инфрачовек, црв во споредба со децата на новиот Еон. Твоите патетични обиди да го спречиш доаѓањето на чистилиштето на џганот, спасоносниот оган на умствено надмоќните, веќе те истошти. Џганот, стар и нов ќе го потиснеме и затвориме во високи печки. Ќе го протераме, стреламе по улиците, бесиме по мостовите и фрламе на пците.

На крајот, се што те очекува е смрт.

Saturday, August 18, 2012

The Leviathan, coming of age

(By Roger Mortis, 147/035)
Со промоцијата на државниот патриотизам и национализмот како негова појасна верзија се добиваат феноменални резултати за владеачките елити. Масата добива нова емоција, се добива нова група на која уплашениот поединец ќе припаѓа со едноставна декларација за припадност, по повод неговото раѓање меѓу одредени линии на картата. Или на неговите предци. Или чисто онака...

Сеуште нема одговор што е тоа позитивно во патрио/национализмот. За рајата. За олигархиите секогаш има. Тоа е само еден од механизмите за робовите да си молчат и да имаат блокада во умот, некаков firewall во случај да почнат да размислуваат какво влијание има државата врз нивниот живот, што навистина губат и што навистина добиваат.

Дваесеттиот век секако беше најкрвав во целокупната историја. Можеби показател дека со софистицирањето на државата во склад со технолошкиот развој би се дошло до можност за отфрлање на идејата за неспособност на поединецот или групата да решаваат за својот живот без туторство од надлежниот бирократ? Сосема обратно, за жал, дваесеттиот век беше век на врвот на национализмот и век на  половина милијарда луѓе убиени од страна на државите. Впрочем, технологијата овозможи развој на пропагандата без преседан. Улогата на овој нов феномен најдобро го опишал никој друг туку мајсторот на пропагандата, херојот на апотеозата на идејата за државата, нацијата и расата - Јозеф Гебелс. From the horse`s mouth, as they say :

`If you tell a lie big enough and keep repeating it, people will eventually come to believe it. The lie can be maintained only for such time as the State can shield the people from the political, economic and/or military consequences of the lie. It thus becomes vitally important for the State to use all of its powers to repress dissent, for the truth is the mortal enemy of the lie, and thus by extension, the truth is the greatest enemy of the State.`



Да, Лагата.
Дека се делат заеднички интереси со луѓе кои никогаш не сте ги виделе и нема да ги видите во животот, дека ве ограбуваат за ваше добро, дека сте стока која не може без јарем, дека секаде наоколку вребаат `унутрашњи и спољни непријатељи`, дека вашиот живот не ви припаѓа вам туку на лица делегирани од олигархијата за таа намена.
Дека ако немаш никакви емоции за своите ближни тука се фудбалерите или пингпонгарите кои ќе ги љубиш жестоко но сезонски, на рати и тоа си автентичниот Ти кој се пронашол себеси.

Никогаш нема да ти кажат за тоа колку смрт, болка, мизерија и страдање донесе идејата за држава на човекот. Никогаш нема да ти кажат колкав дел од животот ќе ти биде одземен од страна на државата.
Дека на понудените емоционални и идентификациски `пристаништа` никогаш не би фрлил `сидро` по своја воља. Ама баш никогаш.
Никогаш нема да ти кажат дека она што си очекувал да го добиеш како повратна спрега е само ефтин мит кој не е поддржан од никаков правноважечки документ, мит, илузија на вешто штелуваниот тас на терезијата со цел да не превагне нагонот за биолошки опстанок и да заигра оружјето.

А мене ми е непријано да ви кажам дека тој нагон е пред пораз, ако веќе не е и сосема поразен.

Friday, August 17, 2012

The Leviathan, spawn

(By Roger Mortis, 146/034)
Откако одредена класа на паразити во човечка форма дошле до сознание како да се приграби вишокот на производи на одредена територија која ја прогласиле за држава понатаму следува релативно едноставна динамика на настани, вечен круг на ограбувачи и ограбувани.
Но колку и да бил силен организираниот мистицизам, dollars for donnuts, често доаѓало до јавни и недвосмислени испади на незадоволство изразени во селски и робовски побуни и востанија, елиминации на аристократијата, клерот и владеачките семејства. Можеби најпознат пример од `старото време` се робовските војни во Римската империја, посебно Третата робовска војна во која робовите ја донеле Империјата на работ на колапсот. Името на Спартак останало до ден денешен како симбол на борба против државата и експлоатацијата.

Но Спартак сам по себе е само капка во морето во 7 милениуми старата борба меѓу паразитите и сапрофитите на две нозе. Од денешното `заборавање` да се даде фискална или да се пријави реалниот приход (двојно книговодство) се до набиената глава на надбискупот од Кентербери или испразнувањето на шаржер во телото на претседателот на САД Мекинли, борбата навидум е вечна и трае со различен интензитет, географските, културолошките, психолошките и индивидуалните разлики се и разликите во отсликувањето на таа борба.

Основните постулати на организираната сила со цел енфорсирање на собирање арач од популацијата омеѓена со одредена граница од друга популација остануваат непроменети од древните времиња на Сумер до денес. Разликата е во технологијата која се менувала и давала нови форми на грабежот.


Старата шема, the divine right to rule траела околу пет и пол милениуми. И сосема успешно со помош на клерот (без разлика дали замислените другарчиња биле наредени во пантеон, осамени ама сепак тројни, или едни и апсолутни) ерата на државата како регулатор на сите односи во општеството никогаш не била сериозно разнишана, иако имало неколку значителни предизвици. Се` до доцниот среден век. Then slaves become kinda restless.

Така доаѓаме до друг дефинирачки момент во историјата а тоа е настанокот на националните држави. По слабеењето на влијанието на религијата и нејзината улога во заштита на државниот поредок, поради Ренесансата, индустриската револуција, големите научни и географски откритија, астрономските ереси, меѓуконфесионалните војни и корупцијата на црквите (посебно католичката), новите идеологии и филозофии (можеби најдобро претставени преку Дидроовата изјава `Men will never be free until the last king is strangled with the entrails of the last priest`) и ерата на рационализмот, стотиците ако не и илјадници кметовски бунтови, востанија и револуции низ Европа и Азија...потребата од ново замислено другарче на кое ќе се повикува елитата во своето контунирано опстојување и експанзија на туѓ грб била очигледна.

Enters the new deception.
The Nation.

Но тоа другарче требало да им импонира и на свештениците на секуларниот мистицизам. На учените и писмените. Да одговара на новиот предизвик за припадност кон некоја група. Larger then thyself. Always.
Стравот од Бога е апдејтиран со Љубовта кон нацијата/државата.
За порационалните и оптимистичните тука се и наводните бенефити од државно-бирократскиот апарат врз даночниот обврзник.
Кој мора да работи двојно повеќе за да нема време да се прашува колку навистина чини тоа што наводно ќе го добие ако му се укаже потреба.

Но секако, едно останало непроменето. Државјанинот нема никаков документ каде е согласен со условите под кои треба да егзистира. Колку, дали и ако добие нешто за да не стане бесен и да ја согледа соголената реалност...се решава арбитрарно. Како во Сумер така и во Белгија...

(To be continued)

Wednesday, May 9, 2012

Бело

(By The Marked One, 145/033)
Нежен женски глас се распространи во малата соба. Тапетите исполнети со вселенски летала и картикатури на планети и ѕвезди со весели насмевки, дрвениот кревет во облик на формула и купчето роботи неуредно стокмени во мал темен агол во собата се изјаснија дека станува збор за детска соба. Кензо сеуште врткајќи се, полуразбуден, во малиот син јорган сеуште ја игнорираше мајка си. Потребата за сон сеуште го стегаше, а и училиштето не беше забавно. Прекривките беа студеникави и делуваа освежувачки во тоа топло летно утро. Мајка му повторно го повика, овој пат нејзиниот глас одлучувачки продирајќи низ превезот на тишината како мал зрак светлина, надеж која се изборила дотрајувајќи низ густата темнина. Потстана и набрзина се откри кога мајка му конечно влезе во неговата соба. Се чувствуваше како да му е потребен титански напор само да ги отвори очите и да погледне кон светлината која се искраде во собата кога таа ја отвори вратата.
-Појадокот е готов, Кензо.

***

“Утро, еднакво мизерно, еднакво одбивно, еднакво смрдливо и го мразам еднакво како сите други утра. Го презирам. Сакам да видам како утрото, облеано во топла крв со безброј рани на грбот, крунисано со венец од густи трње на главата го носи крстот на кој ќе биде распнато пред сиот свет.”

***

-Возот кон индустриската пристигнува за тринаесет минути.
Шисуи се стресе и потстана од столчето во кое лежерно, скоро безгрижно дремеше последниве четириесетина минути. Утрото беше исцрпувачко за него и металниот глас кој се забоде во неговите уши како длето не беше од голема корист. Станицата изгледаше пост-апокалиптично. Повеќето столчиња беа скршени, ѕидовите затрупани од натписи и разни плакати не дозволувајќи белите плочки со кои беше обложен ѕидот да излезат на виделина.
Политички гракања на младата квази-интелектуална фела... – помисли Шисуи.

На старите звучници поставени на ѕидовите, или барем оние кои сеуште функционираа, тихо се разгласуваше Глинка дополнително нагласувајќи ја бедотијата на таа мала станица. Целата глетка беше жалосна, на човека му емулираше чувство на надоаѓачка смрт, смрзнувајќи му ги вените, безмилосно труејќи го со тага. Во тие мигови, тие проклети утра кои мораше да ги споделува со осамената станица за Шисуи претставуваа ѓаволовата реклама, пробна верзија на пеколот. Обид на злите сили на универзумот да му го загорчат животот, како зли црни верверички кои фрлаат со лешничиња кон загубените шумски патници. Вака замислен се качи на експресниот воз и како зомби, скоро ползејќи отшета до едно од празните места во средината на вагонот и се спушти до една средовечна жена. Шисуи со доза на презир кој едвај го прикри набрзина на одмери од глава до петици. Изгледаше сосем нормално, и веројатно тоа страшно му пречеше. Правата црна коса, чиниш математички пресметано беше спастрена со неколку шноли и ластичиња давајќи и повеќе изглед на бојадисана статуа отколку на живо битие. Имаше мало, сериозно лице со јадри светло зелени очи кои го правеа нејзиниот поглед прониклив и болно продорен. Човек се чувствуваше сосем соголен пред моќта на тоа длабоко зеленило. Правилните црти и малото носе од неа правеа една сосем убава жена, можеби и подмладувајќи ја десетина години и принудувајќи го секој маж да се чувствува делумно несигурно во нејзино присуство. Шисуи ја мразеше. Секој нејзин атом беше разорувачки, генератор на неподнослива болка во егото на младиот научник. Се чувствуваше толку деминутивно, како бебе на валканиот под со раце испружени кон заслепувачкото сонце. Беше невозможно човека да и се спротистави на љубовта на прв поглед, безнадежно беше одрекувањето од сите примитивни пориви кои се побудуваа во стомакот со самото присуство на таа доминантна женска фигура.

Свирежот на сопирачките на возот делуваше како атмосферски анастетик, инстантно аболицирајќи ја тензијата која постепено ескалираше за време на патувањето. Шисуи несмасно се исправи, задржувајќи се на една од полурѓосаните метални шипки кои беа поставени низ вагонот и полека, тетеравејќи се слезе по металните скалила.
Платформата на која се симна беше станица сама по себе која фирмата во која беше вработен последните единаесет години ја имаше поставено специфично за своите работници. Индустриската зона беше свет издвоен од останатиот дел од Токио. Овде, оџаците на фабриките и централите се издигаа стотици метри над тлото како да сакаа да ескивираат од сиот тој механизиран живот. Oблакодерите заканувачки се надвиваа од сите страни, злокобно и заканувачки како архајски демони кои произлегле низ процепите на астралот во потрага по човековата спокој. Во совршен ред, како пиони во првите борбени редови на сите страни се гледаа контејнери со радиоактивен отпад и ладилници и филтри за отпадните води. Животот беше синоним за оскудност во овие предели. Немаше ни трага од било каква фауна и флора, згора на се, самиот воздух беше застоен и блуткав а ветрот како да ја насетуваше морничавоста на ова проколнато место па се чинеше како свесно да го избегнува. Смртта и очајот одамна загосподарија со срцата на оние кои ја имаа несреќата да се најдат овде како вечни агитатори на умствениот распад. Неотповикливи џелати на емотивното кралство кои сласно, со палецот минуваа по сечилото на нивните секири. За Шисуи, ова беше уште еден ден на работа.
Внимателно се спушти по скалилата кои водеа удолу, кон еден од отворите, воедно и споредните влезови на фирмата. На вратата го пречека Хирако, стариот портир кој на волшебен начин знаеше многу од интригите кои како сублимат се провлекуваа низ тихите разговори на вработените. Старецот денес само мило се насмевна и го пропушти Шисуи низ големата, тешка метална порта.

Коридорот беше празен, и прилично темен. Овие ходници ги користеа само персоналот кој се занимаваше со одржување на институтот и од време на време од научниците кои поради оваа или онаа причина беа приморани да го користат експрес транзит системот. Шисуи брзо се провре низ нив и конечно излезе на светлина, точно на главниот влез. Големата соба која наликуваше на болничка чекална беше осветлена од висечки неонки кои за миг го заслепија, па така делумно замижан пројде низ неколкуте клупи и белата овална маса, оставајќи ја Акико, младата згодна рецепционерка со прашален израз на лицето. Ходникот се распостилаше право, огромен поплочен тунел осветлен со безброј мали жолтеникаво-бели светилки. Целата архитектура и ентериерот му даваа многу стерилен изглед на институтот. Изгледаше како некој да ја исцицал секоја емоција од внатрешнините, изоставајќи бело мртвило зад себе.
Конечно ја здогледа познатата челична врата зад која се наоѓаше неговиот кабинет. Во неа, како што очекуваше го најде Исаму.


-Знам зошто си овде. И веројатно можам да одговорам на сите твои прашања уште пред да ги поставиш. Затоа... те молам. Имам работа.
-Како можеш да бидеш толку индиферентен, по ѓаволите?! Зарем ова не те засега и тебе? Зарем ова утро излезе од дома, преправајќи се како денес да е уште еден обичен ден? Дали го погледна син ти пред да излезеш? Ова не е обично...
-ДОСТА! Мислиш дека мојот збор навистина е битен овде? Мислиш дека доколку, како тебе, го кренев гласот како би се спротиставил на одлуките на бордот би променил нешто во судбината на сите тие луѓе? Колку време мислиш дека овој план ми е познат? Колку време мислиш дека го чувствувам ова бреме на моиве гради, ја проколнувам натежнувачката судбина?!
-Ќе го кренеше ти! Ќе го кренев јас! Ќе го кренеа уште многу! Ќе...
-Ќе не убиеја без понатамошни дискусии, и планот повторно ќе си течеше по распоред. Зошто мислиш дека јас или ти сме некакви вредни фигури во оваа безумна партија шах? Освен тоа, експерименталниот метод е метод на науката, а ние, Исаму, сме НАУЧНИЦИ! Облекуваме стерилизирани бели костуми, носиме стерилизирани бели маски, навлекуваме стерилизирани гумени бели ракавици. Ние сме пропагатори на белото, на стерилното. Во нашата работа нема време за...

-Се слушаш ли?! Зборуваш како проклета машина. Како обичен куп железо кој едноставно ги пресметал сите возможни исходи, не водејќи грижа за повикот на етичките и моралните должности бидејќи никогаш не го ни почувствувал! Зарем утрово лицето на малиот К...
-РЕКОВ ДОСТА! Што...? Зошто не можеш да разбереш? Нашиот глас. Нашата мисла. Нашиот избор. Нашите деца. Не се наши...Во нашите животи не постои зборот “наше”. По ѓаволите, ни животов не е наш. Се што имав, се што имаше...тоа е одамна надвор од нашиот дофат.
-Се надевав дека ќе ме разбереш, но сега ќе морам да посегнам кон...алтернативни методи.

***

-Прва помош во канцеларијата на Мадараме Шисуи! Побрзо, по ѓаволите!
Акико потскокна. Радиото ја фати неподготвена и зеде неколку секунди за да си го поврати здивот.
-Прва помош во канцеларија 718! Акико! Било кој!
Акико во паника го поврза каналот со обезбедувањето. Сеуште беше во апсолутна конфузија, без грам идеја што всушност прави. Делуваше како механизирана кукла која во се придвижува во дадени услови.
Сега трчаше кон канцеларијата од каде што дојде повикот.
-Шисуи... што ли се случило... – промрморе.
Кога пристигна виде дека обезбедувањето веќе беше внатре во собата. Надвор, на носилка можеше да забележи човечки труп прекриен со бела ткаенина. Се ужасна кога ја забележа огромна дамка крв која полека се прошируваше на средината, таму каде што требаше да бидат градите на трупот.
Од нејзината страна се појави Шисуи. Можеби беше потресен, но сепак некако успеваше да го прикрие ужасот кој би требало да го нагрне на него скорешниот шок.
-Што се случи, господине Мадараме?
-Исаму. Се обиде да ме убие.
-Што?! Зошто?! Добро ли...
-Се е во ред, Акико. Имаме специјалисти кои ќе се справат со него. Ќе преживее.
-Но, вие...
-Јас морам да одам Акико. Кажи ми...имаш ли роднини во Toшима?
-Хм...па не. Всушност, сирак сум. Но...
-Добро. Морам да одам, Акико. Се гледаме подоцна.

***

-Ти се допаѓа ли? Татко ти ги купи завчера, сеуште не сум ги пробала.
-Одлични се.
Низ кујната се беше спуштила тишина. Кратките разговори на Кензо и мајка му, проследени од ѕвечкање на малата лажичка беа единствените знаци на живот во тоа утро. Сонцето беше невообичаено силно за ова време од денот. Како самиот Аполон да напуштил небесата во потера по своите афери.
-Земјотрес?
-Не знам, не изгледа како...
Силна експлозија одекна некаде близу нивната зграда. Во миг ѕидовите паѓаа, апаратите во кујната летаа на сите страни и загушлив прав се крена од сите страни. Тресењето продолжи и по експлозијата, експоненцијално засилувајќи се, не дозволувајќи им на станарите во нивната зграда ни момент да се соземат. Стана невообичаено врело, всушност се чувствуваше мирис на изгорено месо низ рушевините.
Кензо се извлече од под масата. Мајка му ја немаше никаде. Се провлече низ ходникот кој беше делумно затрупан од огромни парчиња бетон, полека напредувајќи до влезот на зградата.
Пламења беснееја на сите страни, предизвикувајќи во малиот Кензо контемплација дали всушност воопшто е жив. Врелиот воздух скоро го кутна, сепак со сета сила се тераше нанадвор. Зградата се затресе и тој падна наназад и поврати врз своите гради.

Полека се исправи и продолжи да се тетерави кон излезот, конечно гледајќи мала светлина низ еден од процепите на бетонските блокови. Сврте лево низ ходникот и здогледа прозорец, или барем би требало да биде прозорец, со оглед на тоа дека прозорците во неговата зграда беа хоризонтални, а овој беше вертикален.
Исползе до отворот и излезе надвор. Сонцето силно блештеше и дополнително му ги влошуваше гадењето и вртоглавицата кои го имаа запоседнатно. Одеднаш погледна надоле, инстантно сфаќајќи дека всушност стои на фасадата на зградата.
Го крена погледот кон небото, и гледајќи еден бесконечен облак сива прашина се струполи под злобниот поглед на жешкото сонце.

***

Влезе во тоалетот и со огромна брзина и драматични чекори се втурна кон една од вратите. Беше заклучена. Се наведна и забележа две стапала обуени во скапи кафени чевли. Одвнатре, пригушено можеше да се начуе тихо липање на возрасен маж.

Saturday, May 5, 2012

Џган

(By The Marked One, 144/033)
Џган!
Зошто е градов преполн со џган?!
Фрустрацијава која навира од сите страни како проклета делта од лава, гнев кој претекува од сите страни, несомнено каузалноста на рацеве кои се тресат чиниш страдам од Паркинсон. Скопје. Мизерна савана инфестирана од змијарници и свински буништа запоседнати од новиот џган со кој безволно кохабитирам која во мене раѓа контемплација околу прашањето “Што ме спречува да одам на човечко сафари?!”.


Од сиот џган, стар и нов, што најмногу мразам денес?!
Спасението за оваа безвредна сурија одамна го избришав од опциите кои се нудат на пазарот. Скептичен, со неверица на лицето одмавнував со главата пред секое протеже кое душегрижниците par exellance го возвишуваат, валидизирајќи ја неговата интелектуална немоќ. Низ годиниве кои изминаа лаев, се препелкав на земјата и плукав пена и крв во агонија, обидувајќи се да потенцирам на оваа несопирлива општествена чума. Ги проституирав сопствените нерви, неврони и мускулна маса со желба да придонесам до репарација на дефектите, едукативниот хендикеп на џганот. Мајчински од мене. Сожалував, гласен во поддршката на слабиот, природно обележан за екстинкција. Бев помлад, умот ми леташе, нормативизмот на кој ги калемев своите мислења наивно го распостилав пред нечистотијата на свинските стапала на џганот. Бев помлад, и кревок. И имав надеж. За човештвото како раса. Сега тоа зло, таа застрашувачки моќна алатка во рацете на изнемоштените и слабите повторно ја заклучувам во кутијата од која и дозволив да одлета.
Summa Summarum, го ремоделирам сопствениот терк, систем на вредности кој очигледно ме доведува до погрешни заклучоци и ја амплифицира мојата толеранција која во мое присуство ја сметам за непожелна. Најстрого ја осудувам секоја желба да се вознесе џганот, оваа дамка во еволуцијата. Со сета сила ќе ја сатанизирам сатанизирам умствената немоќ, неуморливо атакувајќи на секоја родилка на стагнацијата. Нови цени!

The Leviathan, birth

(By Roger Mortis, 143/033)
Да се осврнеме малку на настанокот и развојот на најголемиот масовен убиец на родот Хомо-сапиенс-сапиенс, неслучајно истовремено и најомилена причина за умирање кај наведениот вид. The Plague people love. 
Основниот механизам веројатно е Организираниот мистицизам кој се инкарнирал во своите најподли и најдеструктивни форми - државата и организираната религија. За разлика од мистицизмот кај поединци или мали групи кои ја користат туѓата лековерност или суеверие за свои цели, тука имаме глобална појава која ретко кој ја доведува во прашање. А глобални се и последиците.

Зошто е тоа така и каде се крие “суштина пријеваре“.


Државата настанала кога одредена група на луѓе, немоќни да го обезбедат својот физички опстанок со работа која продуцира конкретни резултати (производи и услуги) се организирале за да можат да живеат на туѓ грб. 
После првобитното такво организирање, еден од дефинирачките моменти во историјата на нашата цивилизација е раѓањето на организираниот мистицизам со кој отишле чекор понатаму откривајќи дека можат да живеат сосема одлично на туѓ грб, а не само да си го обезбедат физичкиот опстанок. Тешко е без да се располага со соодветни факти да се шпекулира, но веројатно со напуштањето на лутачкиот начин на живот на заедниците ловци-собирачи и трајното населување со раѓањето на земјоделството и сточарството се раѓа и вишокот на продукти од една страна и одреден тип на Хомо-сапиенси кои сфаќаат дека не мораат да зависат од милоста на заедницата за својот опстанок и покрај својата тотална непродуктивност.
Секако, им биле потребни соодветни механизми со кои ќе ја остварат целта.

Enters the State.
Enters the organized religion.
They got married and spawn atrocities in millenia to come.

Сами по себе, психо-физички инфериорните лица, а под такви се карактеризираат не поради недостиг на интелигенција и способност за манипулирање туку поради немоќта за створат ништо креативно, да додадат вредност на било што, не би можеле ниту да дојдат до власт ниту долго да владеат без мистицизмот. Тука доаѓаме до семоќните богови или бог, зависи која варијанта на која територија била на сила. Анонимниот авторитет. Гласот во главата. Гласот на стравот. Наводниот дарител на правото на владетелот да владее, наследно. Divine right to rule. Сите носители на власта се повикувале на “правото“ дадено од некоја виша сила да седат на власт за време на нивниот овоземен живот. Да бидат наследувани од членови на семејството. И не само тоа туку тој систем подоцна опфаќал цели класи на врвот на општеството и економијата. Раѓањето на носителите на организираниот мистицизам, Аристократијата и свештенството.

(To be continued)

Tuesday, May 1, 2012

Кон надвор

(By The Marked One, 142/032)
Крошните на високите листопадни дрвја беа небото на коe таа ги посочуваше своите молитви. Огранок од густа шума, ограда која ја штитеше од малициозното денес.
Оној исконски хорор кој некогаш се прелеваше низ нејзините вени лежеше уредно стокмен во сандак на дното на нејзиниот ум. Седејќи на нејзината омилена полјанка со вкрстени нозе и боси стапала вкопани во сочната трева уживаше во сончевите зраци кои весело продираа низ гранките и танцуваа по нејзиното лице.
Свежото мајско ветре од време на време се разгласуваше низ околните стебла, струејќи,
придавајќи му на моментот една невообичаена свечена амбиенталност, како да го одбележуваше почетокот на некој барокен бал.

Овие моменти целосно ја исполнуваа. Со восклик ја пречекуваше хармонијата што ја опседнуваше таа чистинка,  поетските крици на природата кои мајчински ја негуваа со една поинаква, чиста љубов. Обожуваше да шета и едноставно да ги допира корите на старите врби, внимателно милувајќи ги нивните ливчиња. Едноставна убавина, пријател и сопатник на кој можеше да му ги преточи мислите, се чинеше дека во таа компактифицирана утопија го наоѓаше својот Ангел-чувар.


Божествена атракција, детска симпатија која секојдневно ја носеше на оваа ширина и родителски ја положуваше во слаткава луцидност. Честопати се предаваше на своите емоции, во вокална придружба на музиката која се чинеше дека доаѓа од секаде наметнувајќи и чувство дека се  наоѓа во огромна сала на класичен концерт. Нејзиниот глас дополнително ги китеше звуците кои тлееа низ воздухот, перфекционистички а сепак без воопшто да вложи било каков труд ја вткајуваше својата песна во таа убавина, како солист кој  бил повикан да свири со некој огромен оркестар.
Блаженството кое нејзината милозвучна мелодија го воспоставуваше во живиот свет околу неа можеше да се почувствува секаде каде што допираше нејзиниот глас. Високите дабови чии врвови мрзеливо се нишкаа лево-десно за миг оставаа и впечаток како да танцуваат на ритамот на нејзината песна.
Весело им се смешкаше додека кокетираше наоколу како да сакаше ги повика да ја следат, да копнеат по нејзиниот бесконечен шарм. Не постоеше некој кој не беше целосно маѓепсан од нејзиното присуство. Всушност, целата манифестација наликуваше на собир во кој се обожува токму таа, чиниш сиот тој мал свет изолиран од секојдневието беше создаден токму за неа.
Наликуваше на некоја античка кралица која се воздигнала од сенките на минатото, женствена фигура по која толпата безрезервно лудувала.
Трофејот кој надворешниот свет од се срце сакаше да го заклучи во малата стаклена витрина и така да собира прашина, покажувајќи го само на избрани гости.

Сонцето полека се повлекуваше, доаѓаше до крајот на својата дневна траекторија. Сенките полека избледуваа, како потчинети на мракот се повлекуваа во неговото надоаѓачко присуство.
Топлото ветре како да го загуби здивот, незабележливо се внесе во молчалив уметнички пост и звуците срамежливо исчезнаа.  Дабовиот танц  ја достигна својата величенствена каденца и таа се поклони на средината на чистинката додека на нејзиното лице се отчитуваше мал немир.
Ја префати косата, спаструвајќи ги и најмалите прамени во уредна пунџа и го проследи малото земјено патче кое полека се спушташе по едната страна на ридот.

                                                                  ***

Вратата се отвори и двајцата радосно истрчаа од нивната соба. Проструеја низ широкиот ходник натежнат со ренесансна уметност и се натегнаа на белиот дрвен гелендер кој го надгледуваше ходникот.
Таа погледна нагоре и се насмевна.
-Здраво милички, денес беше навистина напорен ден. Да не сте гладни?

Saturday, April 28, 2012

Низ окното

(By The Marked One, 141/032)
Упорно ја подаваше главата нанадвор. Како прваче кое за прв пат го спознава општеството во придружба на нови лица додека го гледа татка си како полека исчезнува на хоризонтот. Мало лице, облеано во солзи кои полека капеа по студениот камен под и чиниш вдахнуваа живот во тие безмилосни плочи.
Мртвите настојници, вечни стражари кои во себе ги содржеа спомените на нејзиното монотоно секојдневие. Ќелијата беше тесна, како да беше создадена да ја исцеди сета позитивна мисла која нејзиниот уморен мозок ја генерираше, допуштајќи им на мизеријата и безнадежот вечно да тлеат.  Овој продорен студ во нејзината кревка внатрешност беше исклесал длабоки лузни, расчеречувајќи ги сништата на уште една млада душа. Амбиција која одамна се извлекла низ вратата како стаорец кој ја насетил поплавата на она што некогаш било раскош.

Времето овде не течеше. Беше сосем невозможно да бидеш сигурен колку долго тие застрашувачки ѕидини го задушуваат оној кој ги запоседнува. Во секоја ќелија имаше мал отвор ограден со дебели челични  прачки кој вршеше некоја илузорна филтрација на воздухот. Од време на време, сонцето успеваше да се вметне низ тие метални пранги и да искраде макар една насмевка од нејзиното лице. Се преливаше низ нејзината златеста коса давајќи и изглед на ореол, како ангелски аскет кој стоички гледа во црнилата кои го кријат лицето на џелатот на нејзината иднина. Фрустрирачки на моменти, во неа избиваше порив да го загради окното со дел од парталите кои го прикриваа нејзиното фрагилно тело,  опустошено од суровоста на заточеништвото.


Агонизирачки се повлекуваше во темните агли на таа клета кутија, бескрајното ништовило кое кореспондираше со состојбата на нејзиниот дух. Го преколнуваше секој центиметар кој ја оддалечуваше од небесното синило, таа света возвишеност која долги години за неа беше обично исмевање на нејзината клета судбина.  Стисокот на беспомошноста одамна силно ја приклешти, без воопшто да ја допушти рожбата на сомнеж кој ќе побуди барем ронка надеж. Не, тој збор нејзиниот речник одамна го испушти.
Силен тресок го прекина нејзиниот транс. Можеше да начуе тешки метални чизми  низ мрачните коридори на затворот, одекнувајќи, расцепувајќи ја тишината, воедно и моменталната кратка благопријатност која ја чувствуваше. Окното полека ја расветлуваше келијата, наговестувајќи ги мугрите.

Пред келијата се појавија тројца стражари. Mрзеливо ја поткрена главата и изнасилено им се насмевна. Се поткрена и полека ги подаде рацете нанапред, како да сакаше да го карикира ултимативното оддавање во ледените прегратки на смртта. Кротко, послушно како мала срна која гази во стапалките на мајка си ги проследи стражарите. Невообичаено тивките ходници ја зголемуваа тензијата што ја чувствуваше додека се обидуваше да ја проголтне кнедлата која се имаше заглавено во нејзиното грло.
Кога конечно излегоа низ малата дрвена вратичка топол ветар проструи низ крошните на околните дрвја кои возвратија со морбидно весела мелодија. Стравот конечно ја доживуваше својата кулминација и таа почна неконтролирано да се тресе, безуспешно обидувајќи се да ги сопре солзите кои навираа на нејзиното убаво лице.

Стражарот до неа не успеа да ја смири и таа падна наназад, енергетски докрајчена за последен пат погледна во мајското небо. Тензијата за миг исчезна, како краткиот поглед кон синилото за неа да претставуваше вечна расправа со Бог. Застана на коленици, ги затвори очите вцрвени од солзи и го зеде последниот здив.

Tuesday, April 24, 2012

Смртта на Платон

(By The Marked One, 140/032)
Утринското кафе во тоа мало запуштено локалче за неа беше последниот хабитат во кој илузијата на емоционална безбедност сеуште не беше разрушена.
Прилично мало кафуле, со неколку маси со извалкани прекривки и поткршени порцелански пепелници. Воздухот беше тежок и мирисаше на мошус, оддавајќи им на гостите чудно чувство дека се наоѓаат во бордел. Оддалеку беше сосем невозможно да се одреди функцијата на објектот, всушност ако се осмелиме да аргументираме дека воопшто изгледа функционално. Па сепак, ваквиот визуелен впечаток на кафулето му овозможи мала но редовна клиентела.

Во оваа група спаѓаше и Минерва. Четириесет и четири годишна жена со петнаесет годишна адвокатска кариера и еден пропаднат брак во своето резиме. Беше воочливо дека времето ни одблизу не било нежно со неа. Иако беше слаба, со загрижувачки големи подочници и чудно нанесена шминка, внимателниот набљудувач можеше да ги забележи правилните црти на нејзиното лице, остатоците од еднаш бујните облини кои очигледно потенцираа дека пред вас седи нешто што некогаш било атрактивна зрела жена.

Со вкрстени нозе уредно скротени во модерни хулахопки го читаше денешното издание на Тајмс, од време на време фокусирајќи се на одредена статија, откривајќи ги брчките на лицето.
Вратата се отвори и на неа се појави фигура на маж. Висок, со црна коса која слободно се спушташе до неговите рамења, наметнат во долг тежок мантил. Момче, не постаро од дваесет и пет-шест години. Тазе член во интелектуалната фела на општеството. Имаше проникливо, но генерално наивно лице, веројатно должејќи му го тоа на фактот дека минал повеќе време студирајќи го животот наместо да го живее. Ставот зборуваше за неговата ароганција, надменост која минијатурните успеси му ја всадија во инаку емотивно нестабилниот светоглед.

Се приближи до шанкот, лежерно потпирајќи се на едно од високите столчиња и нарача седум дупли текили.
-Седум? Некој е нерасположен денес...хм?
До него нечујно се беше шмугнала Минерва. Нејзините продорни зелени очи похотно шараа по неговото тело. За миг погледите им се сретнаа, и таа реши повторно да иницира.
-Елоиза, мило ми е.
-Луиџи,  задоволството е мое.
-Џентлмен? Денес? Овде? Мислам дека ќе се вратам на кафето...
-Зарем тоа е до толку запрепастувачки? Очигледно не сте го шетале светов...хм?
Минерва се насмевна. Светот за неа беше уште една уста која секојдневно плукаше во нејзиното лице. Уште едно стапало врз нејзината гордост, голема капка киселина која секојдневно го разјадуваше нејзиното битие.


Разговорот продолжи. Двајца туѓинци на ничија земја ги соголуваа своите души низ возвишени реторики во кои притаена демнеше првобитната желба. Умствено, агресивно во огнен изблик на eмоции се нафрлаа еден на друг вешто испалувајќи oраторски проектили кон соговорникот. Мошусот во кој беше превиткана таа напната атмосфера упорно ги исполнуваше нивните ноздри, оставајќи му на разумот се помалку место да се искаже.
Мекиот џез полека испари од старите звучници во аголот.

-Затвораат, малечок. Ќе си одиш ли?
-Малечок? Имам автомобил.
-Ммммм. Велиш, голем си? Да видам да не верувам.
-Сум.
-Доволно голем да ме одведеш дома? Ајде, малечок. Не планирам да пешачам до дома.

На паркингот осамен беше паркиран зелен СААБ. На метар од него слабо пулсираше една улична светилка, морбидизирајќи ја целата сцена. Тој од далеку го отклучи и Минерва влезе во него. Седнувајќи почувствува како нешто брзо се сви околу неговиот појас.
-Голем? Колку голем?
Се насмевна и страствено го бакна. Вешто го раскопча црниот тексас и пред тој да може да контемплира околу последните две минути таа веќе цврсто го имаше зграбено малиот Луиџи.
-Па?
 -Сум видела и поголеми.
-Несомнено...
-Што требаше да значи тоа?

Тој се созема и ја презеде иницијативата. Новиот тапацир потемне од пот. Полека, прилепени еден за друг прогресираа кон ултимативниот танц на вечноста. Воздишките ја затегаа атмосферата во автомобилот како некој ѕвер кој во сета своја бруталност се извил над својот плен. Со раката се проби под здолништето и ги потегна хулахопките. Разумот одамна абдицираше и божествена страст како магма се прелеваше од нивните усни. Цврсто ја префати и како мала плишана кукла ја смести во скутот. Во еминентен примитивизам доминираше врз неа како диво животно. Силно ја стискаше и бесно ја движеше угоре-удолу, чиниш играчка. Светилката надвор конечно згасна, конечно допуштајќи му на мракот да настапи. Тотално мртвило го сви паркот, прекршено само од кланкањето на зелениот автомобил и тихите воздишки кои произлегуваа од неговата внатрешност.

Во тој миг продорен крик го расцепи мракот. Звук кој ги замрзнуваше вените, повик на  дивината прикриена во нејзината утроба. Се префрли на совозачкото седиште и се накашла. За момент ја погледна и на нејзиното лице ги виде годините кои ја пиеја нејзината душа, ја згрутчуваа нејзината младост. Во тој миг бескрајно ја сожалуваше. Се почувствува како да гледа во јама, како самиот абисал на океанот да бил спростран пред неговите очи.
-Каде?
-Градски парк, стариот влез.

Наскоро возеше низ живиот дел на градот. Светилките овде ги бојадисуваа улиците и зградите, давајќи му го на градот тој таинствен ноќен шарм. Таа мистериозна привлечност, како странец кој се појавил во некое кафуле и за момент го привлекол вниманието на сите во него.
Конечно запре и го паркираше автомобилот на тротоарот на еден напуштен сокак. Од сите страни се извиваа згради кои изгледаа скоро напуштено. Taжна слика, обвиена во депресивна темнина. Се заврте, повторно се насмевна, го бакна во челото и излезе од автомобилот.
СААБ-от сврте и си замина оставајќи ја во апсолутен мрак. Во зелениот автомобил, еден младич гледаше лична карта на која пишуваше Френк Питерсон. Тој извлече цигара од задниот џеб, ја запали и силно потегна.

Monday, April 23, 2012

Време

(By The Marked One, 139/032)
Дали неможноста да ја одредам траекторијата по која движењето е најповолно е причина да аболицирам од моментот во кој бдеам? Дали воопшто е неможност?

Воздухот е застоен, неподнослив.
Дамарите ми баботат од проклета монотонија и полека емотивно асфиксирам. Патеката која внимателно ја трасирав, агресивно пресекувајќи низ игнорантноста се губи во натежнувачката магла. Белата густина опсегајќи се до бескрај, сурово разорувајќи ги моите клетки, на патот остава уште еден обичен човек, испиен и емотивно мртов.

Апсолутно исклучен од терминалот, закотвен во сопствените мисли. Потрагата по веродостојност на идентитетот, валидизирање на светогледот, едноставно е премногу исцрпувачка а божемните награди аквизирани на крајот од тунелот се, во најмала рака,  незадоволителни. По се изгледа, скршениот компас повторно и повторно ме доведува до безизлезни ситуации. Зомби во кои е олицетворена сеопштата стагнација во слеп бес ме раскинуваат и полека тонам, длабоко во абисалот на глупоста. Проклети да се синџирите во кои ме оковавте! Темните зандани во кои насилно ме фрливте додека очајно ја барав вашата помош повеќе не се предизвик за овој ум. Сега, кога се надвиснав  над вашите скршени тела како самиот ѓавол кој настапил при кулминацијата на претставата, се што можат вашите погани усти да генерираат се безуспешни обиди да се зачува колку што може повеќе вашето еродирано его.


Со израз на неверица на лицето ги набљудувам прашливите излози, застарените методи кои циркуларно се продаваат, старите приказни во кои веќе ретко кој верува. Сиот тој театар на интелектуален разврат претставен пред моите крвави очи. Принуден да бирам од зла, со заврзани очи да посочам со прстот по клетвата која сам ќе си ја напишам. Сакрамент во кој со сопствената крв ја пишувам фактурата на сопствената индивидуалност.

Време. Репетицијата стана досадна. Повторно и повторно влетувам во истиот оглупавувачки кошмар, канцер во мојот напредок без никаква надеж за ремисија.
Време. Конечно, повторно ќе се нурнам во сопствениот пламен, ќе ја анихилирам секоја трага од се што некогаш сум бил.
Време. Книгата на лагите испишани сиве овие мизерни години ќе биде закопана длабоко во сенките на минатото.  Величенствена експлозија проследена од злокобна тишина, последна порака од тинејџерот до неговиот наследник.

Tuesday, April 10, 2012

Херои во празно

(By The Marked One, 138/032)
Забавен момент на кој секогаш сакам да му го обрнам вниманието кое ни од далеку не го заслужува се душегрижниците кои веруваат дека се способни да им помагаат во животните искушенија на нивните ближни. Оние самопрогласени витези на каузалност индуцирана и родена во ароганција.

Претераниот алтруизам, кој се граничи со ароганција и во себе носи доза фанатицизам верувам дека доживотно ќе ми влијае како гасот за смеење,  на некој начин, иако не тој на кој се надеваат овие псевдо мини-месии, значително ќе ми го подобри животов.  Можеби бигоров кој го одамна го опседнал ова срце накратко ќе ги олабави прангите. Можеби за момент ќе почувствувам како безбојните шепи полека се креваат од мојот граден кош, дозволувајќи краток проток на кислород. Како раните на Прометеј, преку ноќ ќе бидам исцелен за утре повторно да ме колваат.   Или барем оние моменти кога сум депримиран и мизерен ќе се изнасмеам на тие јадри души кои се секогаш тука за да им помогнат на понесреќните да ги надминат сопствените животни премрежја.

Освен кога не се.


Смешното, а воедно и фрустрирачкото се наоѓа токму во тој месијански комплекс кој ја подгрева потребата да се помогне, дразнејќи и стимулирајќи ги центрите за задоволство. Ваквите компакт спасители на човештвото активно бараат шанса да херојствуваат во нечиј живот, спасувајќи распаѓачки љубовни врски, тешење и слично. Комичното се состои токму во актот на помош, од луѓе кои најчесто не можат да си помогнат ни себеси. Де факто слепиот ти ги нуди очите за да можеш да гледаш.

Трагедијата се раѓа кога нашиот нео-Христос не ја наоѓа својата damsel-in-distress. Потребата да биде херој во неговите очи ќе создава ситуации во кои тој треба храбро да дојава како витез облечен во златно-бел оклоп и да го избави својот “штитеник” од канџите на несреќата.

Она што успешно ќе избега е идејата за фер двобојот со сопствената судбина.  Идејата дека помагањето не секогаш се состои во помошта. Не секој беден алтруистички обид е навистина алтруизам на големата резолуција. Допуштајќи им тет-а-тет судир со немирите на сопственото минато и сегашноста, генерираме прилика повторно да се издигнат по победата, со уште една животна лекција. Поразот, болката кој ја на носи самиот по себе е силен учител, неиздвоив Вергилиј низ животните перипетии.

Помошта од денес за утре, инстатно ги дразни центрите за задоволство како кај субјектот така и кај објектот во дејствието. Обид кој заборавот брзо ќе го проголта, оставајќи ја жртвата, жртва.

Sunday, April 1, 2012

Како убив Сон

(By The Marked One, 137/032)
Лежерно испружен на тревата оросена од ефтино вино, празни стаклени шишиња и пластични чаши, плашливо лазев по работ на ретроспективата, животот премотувајќи го напред-назад како дете, премотувајќи ја лентата со пенкало.
Атмосферично и евентуално мотивиран да извршам увид на дамнешното минато и истото да го споредам со скорешните настани, пасивно барав одговор на прашања често поставувани додека пишувам некое есејче, метафоризирајќи го секој аспект од животната трка на безнадежот.

Прелистувајќи ги старите текстови, содржински безначајни приказни на тинејџер кој можеби и не се разликува толку колку што посакувам, или проектирам во очите на оние кои немаат друга работа, со згаден израз на лицето атакувам на ликот и делото на малото глупаво дете кое се обиде експоненцијално да порасне.


Смешно е, заслужува потсмев секој беден обид да се самоомаловажувам барајќи поддршка, барајќи признание од некој надворешен спектатор кое мозоков без никаква логична основа ќе го перцепира како валидно. Лицемерен акт кој заслужува врвна осуда, фантомски, подло му забивам нож на вчерашниот јас, притаено без влакна на јазикот плукам врз утрешниот.

Целата еволуција, тој раст кој тукушто започна во кратки реченици успевам да го оцрнам и исквернавам секој збор, верување и став кој некогаш сум ги држел. Фобичен за се она што некогаш минало, живеам во страв дека утре ќе еквивалентира со вчера. Во бизарниот судир на две личности кои декади делеле иста школка веќе се наѕира голотијата на она што се задржало во сите тие спротивставени контури.

Oстанувам конфузен, најповеќе за себеси, сеуште разбиструвајќи ја сликата на која една по една се калемат годините, со секое ново гранче згуснувајќи ја масата, заматувајќи ми го видот оставен на милост и немилост на сопствениот сарказам. Старите текстови се сеуште тука, потсетник, хронолошки водич низ влезот на уште еден обичен тинејџер во светот на возрасните.

Градот и јас - јас и градот

(By The Marked One, 136/032)
Го мразам.
Ја презирам секоја плочка која ја газам, молневито низ глава премотувам сцени во кои го гледам како гори во величенствен оган, кулминација на фрустрираниот живот кој ни го овозможува.
Секоја асфалтна улица по која сум минал барем еднаш ми ја вжештува внатрешноста, секој простак кој ќе ограби старица и ќе нападне девојка која брза на работа.
Секој скитник, секое дете со цигара во раката, секој Ром во стариот дел од паркот, легнат на врелиот асфалт со кеса на лицето. Одвратни се.
Неопислив е тогаш изразот на моето лице. Искривен од ужас, згаденост. Шареноликите светилки кои безуспешно ја кријат неговата мизерија.

Го сакам. Не можам без него.
Ме храни, дрогира со мојот омилен опијат и ми овозможува накратко да ја стишам скрибоманијата.
Се што сум пренел на хартијата, клета да е судбината која и ја приредила таа трагична пресретка со мојава рака. Се што сум напишал, очите кои читаат, умот кој го контемплира сиот тој гнев кој го вентилирам така фуриозно.
Дали умот ќе се запраша? Дали ќе го акумулира гневот?
Дали буквиве ќе променат нечие мислење, дали ќе спасат живот?


Дозата на гнев која секој ден ми ја врачува, компактифицирана и зачинета со блага елоквенција и агресивен сарказам и навреди, убаво стокмена во еден мал есеј. На ова се сведува унифицираното, се она што денот ќе ми го подари. Секоја мисла, добра или не, значајна или не, пожелна или не, градот ќе го помириса огнот кој му гори под нозете. Ќе ја почувствува врелината на омразата која ја зачна некогаш одамна, и сеуште чезнее, одвај задржувајќи се на работ на заборавот.

Секој збор ќе биде всечен во умот на луѓето.
Луѓето. Потребни ми се. А сам сум. Сакам да се до мене. Да ги помирисам тие ефтини парфеми. Таа притаена злоба, прикриена со извештачени пластични насмевки. Сакам да се до мене, за да го мразам секој нивен атом.
Целокупната манифестација на нивното постоење.

Ми требаат. А сепак, сам сум.
Ми требаш за да те мразам. Да те набљудувам, во секој моментум буден, трезвен.
Неразумен.
Биди потсетник на се што ме мрази, се што сака да го уништи мојот вид. Убиј ме, и гледај како се прераѓам, овојпат посилен од тебе.
Ти, музо Сатанска!

Give`m their heroes back !

(By Roger Mortis, 135/032)
Count Carl Gustaf von Rosen

Not all of us are born out of same stock

Необична животна траекторија која започнала во сосема обична орбита. Толку необична што во времето во кое живееме не се сомневам дека луѓето би климале сожалувачки со глава. Но тоа не е дека луѓето немаат идеали, или ако ги имаат се разводнети како бензинот на локалните пумпи. Тоа е бидејќи немаат жироскоп во главата.

Роден во Шведска, потекнува од редовите на високата аристократија што го прави неговиот животен пат малку невообичаен, ако се земе дека кај огромното мнозинство припадноста кон одредена социјална и општествена класа ги моделира начините на кои го перцепираат светот и целите кон кои се стремат.
Можеби се започнало со татко му, склон кон преземање на улога на “црна овца“ во семејството, истражувач и пилот кој го донирал својот авион на финските востаници при војната за независност од Советска Русија, 1918-19. Фамилија со добри врски и статус, роднина на никој друг туку Херман Геринг кој бил “кривецот“ за побудувањето на љубовта кон летање на малиот Карл, за време на престоите на подоцнежниот мрсен заповедник на Луфтвафе во домот на Карл и прикаските за неговите (сосема реални) подвизи за време на Големата Војна. Жив пример за дуалноста на сиот светот и околностите кои владеат во него. If there was one, this was it, fatty Herman setting the stage for saving thousands of kids.


Дали пред или после станувањето пилот и не е важно, но кај Карл се јавила потреба за биење однапред осудени битки, замислена идентификација со витештвото од минатите времиња или повремени испади на алтруизам, како и да е после нападот на фашистичка Италија на Етиопија во 1935. се пријавува како пилот на Црвениот крст и лета на мисии на доставување храна и извлекување ранети цивили. Италијаните во немање на воздушен противник од страна на симболичните воздушни сили на царот Селасие, тренирале на понекој авион на хуманитарните организации, па така фон Розен ја става главата во торба многу пати а еднаш е и отруен при напад со боен отров на аеродромот каде бил стациониран.

Неколку години после оваа авантура се пријавува како доброволец при нападот на бољшевичкиот СССР на соседна Финска 1939. Гледајќи ја “бројноста“ на финската авијација, посебно во делот бомбардери се решава за импровизација која ќе му стане заштитен знак понатаму. Располагајќи со доволно средства, што од фамилијарни извори што од плата како пилот на Холандската КЛМ, набавува половен патнички ДЦ-2 кој го претвора во “направи-сам“ бомбардер со импровизирана шахта за исфлање на бомби и оптички нишан. Со него извршува бројни напади на агресорските сили, despite the unthinkable odds.

Откако завршува “зимската војна“ Карл се пријавува во РАФ за да лета како доброволец против Луфтвафе. Но во таа замисла го спречува британската обавештајна служба поради неговите роднински врски со Геринг, потценувајќи ја искреноста на грофот (неговата сопруга загинува како припадничка на холандското движење на отпорот во борба против Германците) и губејќи неверојатно силна пропагандна прилика (Herman`s nephew scored a kill against Luftwaffe, down with the Hun).


После војната се упатува повторно во Етиопија каде неговите подвизи не се заборавени и цела деценија живее таму, организирајќи го новоорганизираното воздухопловство во таа земја. Следува можеби најконтроверзниот период од неговиот живот кога неговите постапки имаат глобално влијание. За време на граѓанската војна во Белгиски Конго лета како личен пилот на генералниот секретар на ОН, Даг Хамаршалд.
Освен на една дата, кога се пријавува дека е болен и препушта на друг пилот да го превезе Хамаршалд.

А случајно или не, тоа е летот кога авионот на генералниот секретар е соборен и Хамаршалд загинува во атентат, најверојатно дело на Белгиски платеници.

Напуштајќи го Конго за време на тие контроверзни настани, некое време останува off the radar, и се појавува на сцена по неколку години кога ја прави легендата за самиот себе, граѓанската војна во Нигерија 1967-70 поради отцепувањето на народот Ибо од истата и стварањето на Биафра како независна држава.
Освен Израел,Франција и неколку соседни земји, Биафра е блокирана од сите страни и САД и СССР и Британија се ставаат на страна на Нигериската централна власт и ги помагаат да ја вратат “забеганата“ покраина назад. Карл лета како доброволец на доставување на хуманитарна помош на жртвите на блокадата кои масовно умираат од глад. Токму Биафра е местото каде за прв пат светот со помош на камерите гледа сцени на масовен помор на деца.
Но секојдневниот контакт со тие деца и нивниот поглед кој се гаси поради интересите на “поголемите играчи“ е нешто друго од послепладневно воздивнување околу неправдите во светот и утехата со секуларното евангелие кое се повикува (не патејќи од преголема оригиналност) на грешната човекова природа.
Сето тоа го наведува да преземе нешто повеќе.

Со група пријатели платеници, колоритна група на екс-Луфтвафе асови, бивши Јужноафрикански пилоти, Шведски авантуристи и припадници на локални племиња кои се интересираат да научат да летаат - се решаваат да прејдат во офанзива. После неуспехот во набавка на “сериозни“ борбени авиони на меѓународниот пазар за отпадоци и воени вишоци, освен неколку “АТ-6 Тексани“ и “А-26 Инвејдери“ како и еден “Б-25 Мичел“, реликт од Втората светска војна, повторно проработува смислата за импровизација.

Се враќа во Шведска каде купува 5 (или 6 по други извори) двоседи за основна обука МФИ-9 на кои подоцна француски техничари монтираат ракетни фрлачи и оптички нишани.
Со овие “несериозни“ машини со мотор од 100 к.с. го прави она кое ги шокира сите, friends and foes. После обуката на неколку локални пилоти и пробни летови, тргнуваат во најнерамноправната борба во историјата на авијацијата, против Нигериското воздухопловство опремено со современи авиони, радарска мрежа, противвоздушна одбрана и потпомогнато од “инструктори“ од Варшавскиот договор, Египет и Британија.

За време на целата војна, не е забележан случај на удар на нигериската авијација врз герилата. Основна цел - да се убијат што повеќе цивили и да се запрат хуманитарните летови.


Фон Розен и друштво го растураат Нигериското воздухопловсто.
Буквално.
Kickin` the shit out of.
Нема конечни информации за бројот на авиони кои биле изненадени од малите авиончиња на Фон Розен, дваесетина авиони и хеликоптери (Ил-28, МиГ-17, Ц-47, ДЦ-6), неколку аеродроми, неколку противавионски батерии, голем број возила и преку 300 војници, што загинати, што ранети.
И притоа не губејќи ниеден авион и покрај постојаниот оган на кој биле изложени.

Но најважниот дел бил во одвлекувањето на Нигериската авијација од нејзините цели (Genocide Airlines) кон борба со противник кој чинел заедно колку резервен мотор за МиГ-17. Talking about cost-benefit, they were out of this world. Бројот на спасени животи е тешко да се процени, но за жал Биафра не успева да се одбрани и е припоена назад кон “матицата“ а репресалиите продолжиле и понатаму. Even von Rosen and his merry men couldn`t make the final difference. But they dealt a blow.
После евакуацијата од Биафра, повторно лета по Африка на разни летови за доставување на храна и лекови, со години и пркоси на судбината, куршумите и протиавионската артилерија. Кои никогаш нема да го соборат.

Среќата на небото не го напуштила воопшто. За жал, му врти грб на земјата. Карл, веќе 68. годишен, со живот зад себе за кој можат да се пишуваат томови, загинува при напад на Сомалиски војници на некаков помошен аердором, за време на војната меѓу Етиопија и Сомалија во 1977, последното поглавје од драмата во која сосема доброволно, надвор од сите причинско-последични врски на овој свет се нашол еден аристократ и вечен борец за заборавени идеали.

Sunday, March 25, 2012

Кога чудакот со илјада гласови занеме

(By The Marked One, 134/031)
Чудакот навистина имаше илјадници гласови.
Секој глас беше посебен, колоритен и сосем реален, уникатен во многу погледи. Секој од нив некако таинствено се проткајуваше меѓу останатите, архетип на индивидуалната волја, а сепак заедно грмеа посилно од катаклизмична вулканска ерупција. Нешто што тој одамна го беше изумил, сознание кое го беше запоставил како кујнска алатка која ретко се користи.

Долго време чудакот зборуваше со себеси, во еманципирачки акт наспроти опресијата на осаменоста емулираше дебата, за чудо секогаш доаѓајќи до разни констатации кои понекогаш и не му беа по волја. Беше тоа одамна, а воздухот во неговата кревка куќарка која осамена се клацкаше во планинските венци, одеднаш се промени. Чудакот не ја насети промената, беше сосем внесен во дебатирачките игри и воопшто не обрна внимание.

Всушност, џагорот беше доволно бучен, расправата доволно разгорена при што чудакот никогаш не забележа дека еден од гласовите засекогаш згасна. Чудакот имаше илјада гласови, еден од нив, дали повеќе или помалку во моментов не правеа разлика.


Но гласовите продолжија да исчезнуваат. Еден по еден, како мали светулки, ѕвезди кои го достигнале својот финален стадиум згаснуваа во ноќта. Мирисот на смртта, гнил и застоен, тлееше во воздухот. Се чинеше дека чудакот конечно стануваше се посвесен за зголемувачката тишина. Џагорот полека замираше, беше тих, ослабен, како да доаѓа од некоја огромна далечина.

Чудакот сепак остана со неверица на лицето, сеуште убедувајќи се дека гласовите ќе се вратат. Зборуваше полека, со смирен израз на лицето а сепак длабоко во себе го чувствуваше надоаѓањето на пропаста.
Не мина долго, а чудакот забрзано занемуваше. Се обидуваше да ги повика своите гласови, поставувајќи го грлото во специфични позиции, чиниш инструмент, во беспомошен обид да ги врати. Веќе избезумен по неуспешните обиди, почна да се тресе и безумно да си нанесува повреди по телото. Дивјачки се удираше по главата, се гризеше по рацете и си ги гребеше градите.
По десетина минути кога заморот конечно го кутна, легна врз прашливиот под покриен со модринки и длабоки рани, заспивајќи веднаш.

Кога утредента се разбуди, стана и тргна да се замие во тоалетот. Се погледна себеси, се насмевна и рече : “Бурна вечер...”
Никаков звук не произлезе од неговата уста. Се обиде повторно. И повторно. Се обиде со други зборови, реченици. Други гласови. Безуспешно. Врескаше, или барем се обиде, бесчујно, со израз на болна агонија на лицето.

Поразен, кутнат од сопствената клета судбина се испружи на подот и ги затвори очите.

Thursday, March 22, 2012

Constantine

(By The Marked One, 133/031)
Беше дождливо тоа утро.
Вообичаено за тој дел од годината, сепак баш таа година и не беше позната по влажноста, барем така ми вели сеќавањето.
Па токму тоа, невообичаено утро се појавија тие.
Мисионерите.
Беа дојдени од некоја далечна земја, таму некаде на западот, тоа мистериозно подрачје на светот со кое јас не бев запознат.

Мисионерите беа чудни луѓе, јас никогаш немав сретнато ликови од таков крој. Беше апсолутно конфузно на почетокот, комуникацијата иако бавна и со потешкотии за двете страни сепак ми се допадна. Веројатно и другите го мислеа токму истото.


Не мина долго време, а јас иако сметајќи се себеси за едно од поучените деца во нашето селце, со оглед на тоа дека бев слабичок и не можев да се посветам на физичка работа како моите врсници, сепак се најдов во тесно, чувствувајќи се толку неук, дури и глупав во присуство на тие моќници.
Тие беа совршени, чиниш блескаа од сето тоа знаење, моќта на информираноста беше материјализирана во заслепувачка светлина која доаѓаше од нивните глави крунисани со еден ореол симболизирајќи божественост. Беа надмоќни во секое поле, и нормално сите ние сакавме да учиме од нив.
Така мисионерите станаа наши тутори, наш Вергилиј низ пеколот на незнаењето посочувајќи го пред нас патот како мала газиена ламба, единствен пријател во темнината. Учевме од нив, ги восприемавме нивните мисли но и нивните амбиции и полека, можеби делумно со намера се претворавме во нашите учители.

И тогаш тие си заминаа.

Нашето селце остана пусто, џагорот затише и ние потонавме во медитативен транс. Јас лично се чувствував како пропаднат експеримент, напуштен од некој научник кој поради оваа или онаа причина не оставил нас, субјектите, длабоко во некој прашлив магацин во тегла без етикета. Сега тие се некаде далеку, претпоставувам во нивните домови во таа мистериозна западњачка култура која нашите умови не ја разбираа, а нашите обичаи никогаш не ја прифатија.

Магичен круг

(By Igor, 132/031)
Кој ги издигнува политичарите?
Ние.
А ние сме влезени во магичен круг, единствениот спас е да се рече стоп. Само што е потребна  дехипноза на народот, бидејќи рајата од поодамна е во хипнотички транс. И "итрите" политичари и "простиот народ" се дел од играта. И проститутките и светците, и сите други спротивности во кои едните се демек горе а другите долу.

Снобизмот е директна последица од години и години перење на мозок. Тоа се програми кои се комбинација на непосредно наметнати "програмирања" или како реакција на истите. Слободна воља кај луѓето не постои, се се тоа патерни на однесување. Се е влезено во магичниот круг во кој некој друг ги диктира правилата. На прв поглед тоа е државата, но ако се запрашаме кој е мотивот зад сето тоа?
Дали можеби позади системот постои некоја интелигенција која го створила всушност?


Eве еден симбол на Византија.
Во едната рака двоглавото орле држи меч (симболизирајќи ја државата), а во другата е црквата (крстот). Над тие две е круната која ги контролира и обете. Се живо на овој свет работи за интересите на "круната".

Често она кое луѓето го посочуваат е само мал дел и не може да се третира изолирано од сите други програми. Во основа државата го стимулира егото, можеби од таму треба да се почне. Можеби кога би дознале за својата вистинска природа луѓето ќе појдат по правиот пат.

Гледам и се чудам дали е тоа можно...најлесен начин е да го снема апаратот за контрола и манипулација на народот, а тоа е државата. После многу години (генерации) на луѓе можеби ќе се стабилизира животот на планетава. Кога би се просветлиле луѓето, кога би дознале за својата природа животот на земјава ќе стане како во замислениот рај.

The truth is outside of all fixed patterns.

Гасеници

(By The Marked One, 131/031)
Чекав автобус вчера.
Како и завчера. Ништо посебно навистина. По стандардната маршута проаѓав покрај собранието со претерано очигледен неизмерен презир на лицето, нешто слично на гримасите кои ги правам во тоалетот рано наутро по долга ноќ исполнета со чили, месо со непознато потекло и статии на купени новинарски ректумољубници.

Во пресрет, повторно ми дојде Г-дин АкоСакате. Фино момче во години, судбината, каква и да била токму неговата, го оставила на улица. Очигледно, позицијата во која се наоѓа е во најмала рака незавидна.
Прилично круто, без збор, дури и без да го погледнам фрлив некоја зафрлена монета во малото пластично канче и незаинтересирано, некако ноншалантно ја продолжив маршутата.

Секунда контакт доволно да ме зашемети. Барем во истиот момент кога решив да и обрнам внимание на целата таа навидум вообичаена сцена. Одеднаш, како самиот ѓавол (кој не постои) да ми шепна цела филозофија читко компактифицирана во два збора.

“Јади гомна!”

Како требаше да го сфатам ова?
Како што сакам, јади гомна ѓаволе...Всушност не постоиш. Зарем повторно со себе зборував тој ден?

Во очи веднаш ми падна еден млад пар. Не им давам повеќе од 14-тина годинки на дечиштата.
Очигледна беше љубовта. Или барем љубовта на момчето кон недооформеното (иако веројатно веќе ебено од минимум тројца соселани и еден близок роднина) газе на девојката.
Раката која повеќе од очигледно не дошла во контакт со Бон-Тон сликовница во прво одделение скоро да пенетрираше низ гаќите на кои има ДНК од минимум тројца кои не ги носеле.
Soft porn на автобуска станица, без разголените гениталии. Звучи како вообичаениот влажен сон на просечниот otaku. Само што девојката не беше CGI.


Како и да е,  почувствував силен наплив на омраза кон се околу мене. Општество каде изопаченоста достигна ново ниво, секојдневно надминувајќи се себеси во една величенствена парада на непристојност.
Човек денес би правел се и сешто, на се и сешто. Било кога, било каде. Сексот се форсира надвор од табу блокот, во ред, но не и на лицата чијашто возраст соодведствува со зрелоста потребна за да се афирмираат како активни учесници во истиот.

“Завршивме основно и он очекува да ме најде невина?”

Урбана легенда или не, младите слепо се впуштаат во девијантни актови кои само се презентирани и карикирани како „in„ и младиот џган без грам едукација е препуштен сам на себеси да преплива низ сексот и дрогите.
Од едната страна ги имаш дечињата кои уште не ја прочитале ни Хајди, а веќе гордо можат да набројат со колку мажи биле досега. Од другата страна имаш багра која напаѓа деца и стари дедовци по сокаците, демолира автобуси и пишува политички натписи по фасадите на зградите.

Гореспомнатите ректумољубници тирадираат околу истово како и јас, се разбира не заборавајќи да напоменат дека немирите се обид на противничките ректуми да ги дестабилизираат овие кои ги плаќаат.

А, кој навистина е виновен што нашите и вашите деца се фатени во вкрстен оган?

Па, ние.