Thursday, March 22, 2012

Constantine

(By The Marked One, 133/031)
Беше дождливо тоа утро.
Вообичаено за тој дел од годината, сепак баш таа година и не беше позната по влажноста, барем така ми вели сеќавањето.
Па токму тоа, невообичаено утро се појавија тие.
Мисионерите.
Беа дојдени од некоја далечна земја, таму некаде на западот, тоа мистериозно подрачје на светот со кое јас не бев запознат.

Мисионерите беа чудни луѓе, јас никогаш немав сретнато ликови од таков крој. Беше апсолутно конфузно на почетокот, комуникацијата иако бавна и со потешкотии за двете страни сепак ми се допадна. Веројатно и другите го мислеа токму истото.


Не мина долго време, а јас иако сметајќи се себеси за едно од поучените деца во нашето селце, со оглед на тоа дека бев слабичок и не можев да се посветам на физичка работа како моите врсници, сепак се најдов во тесно, чувствувајќи се толку неук, дури и глупав во присуство на тие моќници.
Тие беа совршени, чиниш блескаа од сето тоа знаење, моќта на информираноста беше материјализирана во заслепувачка светлина која доаѓаше од нивните глави крунисани со еден ореол симболизирајќи божественост. Беа надмоќни во секое поле, и нормално сите ние сакавме да учиме од нив.
Така мисионерите станаа наши тутори, наш Вергилиј низ пеколот на незнаењето посочувајќи го пред нас патот како мала газиена ламба, единствен пријател во темнината. Учевме од нив, ги восприемавме нивните мисли но и нивните амбиции и полека, можеби делумно со намера се претворавме во нашите учители.

И тогаш тие си заминаа.

Нашето селце остана пусто, џагорот затише и ние потонавме во медитативен транс. Јас лично се чувствував како пропаднат експеримент, напуштен од некој научник кој поради оваа или онаа причина не оставил нас, субјектите, длабоко во некој прашлив магацин во тегла без етикета. Сега тие се некаде далеку, претпоставувам во нивните домови во таа мистериозна западњачка култура која нашите умови не ја разбираа, а нашите обичаи никогаш не ја прифатија.

No comments:

Post a Comment