Sunday, April 1, 2012

Како убив Сон

(By The Marked One, 137/032)
Лежерно испружен на тревата оросена од ефтино вино, празни стаклени шишиња и пластични чаши, плашливо лазев по работ на ретроспективата, животот премотувајќи го напред-назад како дете, премотувајќи ја лентата со пенкало.
Атмосферично и евентуално мотивиран да извршам увид на дамнешното минато и истото да го споредам со скорешните настани, пасивно барав одговор на прашања често поставувани додека пишувам некое есејче, метафоризирајќи го секој аспект од животната трка на безнадежот.

Прелистувајќи ги старите текстови, содржински безначајни приказни на тинејџер кој можеби и не се разликува толку колку што посакувам, или проектирам во очите на оние кои немаат друга работа, со згаден израз на лицето атакувам на ликот и делото на малото глупаво дете кое се обиде експоненцијално да порасне.


Смешно е, заслужува потсмев секој беден обид да се самоомаловажувам барајќи поддршка, барајќи признание од некој надворешен спектатор кое мозоков без никаква логична основа ќе го перцепира како валидно. Лицемерен акт кој заслужува врвна осуда, фантомски, подло му забивам нож на вчерашниот јас, притаено без влакна на јазикот плукам врз утрешниот.

Целата еволуција, тој раст кој тукушто започна во кратки реченици успевам да го оцрнам и исквернавам секој збор, верување и став кој некогаш сум ги држел. Фобичен за се она што некогаш минало, живеам во страв дека утре ќе еквивалентира со вчера. Во бизарниот судир на две личности кои декади делеле иста школка веќе се наѕира голотијата на она што се задржало во сите тие спротивставени контури.

Oстанувам конфузен, најповеќе за себеси, сеуште разбиструвајќи ја сликата на која една по една се калемат годините, со секое ново гранче згуснувајќи ја масата, заматувајќи ми го видот оставен на милост и немилост на сопствениот сарказам. Старите текстови се сеуште тука, потсетник, хронолошки водич низ влезот на уште еден обичен тинејџер во светот на возрасните.

No comments:

Post a Comment