Sunday, April 1, 2012

Градот и јас - јас и градот

(By The Marked One, 136/032)
Го мразам.
Ја презирам секоја плочка која ја газам, молневито низ глава премотувам сцени во кои го гледам како гори во величенствен оган, кулминација на фрустрираниот живот кој ни го овозможува.
Секоја асфалтна улица по која сум минал барем еднаш ми ја вжештува внатрешноста, секој простак кој ќе ограби старица и ќе нападне девојка која брза на работа.
Секој скитник, секое дете со цигара во раката, секој Ром во стариот дел од паркот, легнат на врелиот асфалт со кеса на лицето. Одвратни се.
Неопислив е тогаш изразот на моето лице. Искривен од ужас, згаденост. Шареноликите светилки кои безуспешно ја кријат неговата мизерија.

Го сакам. Не можам без него.
Ме храни, дрогира со мојот омилен опијат и ми овозможува накратко да ја стишам скрибоманијата.
Се што сум пренел на хартијата, клета да е судбината која и ја приредила таа трагична пресретка со мојава рака. Се што сум напишал, очите кои читаат, умот кој го контемплира сиот тој гнев кој го вентилирам така фуриозно.
Дали умот ќе се запраша? Дали ќе го акумулира гневот?
Дали буквиве ќе променат нечие мислење, дали ќе спасат живот?


Дозата на гнев која секој ден ми ја врачува, компактифицирана и зачинета со блага елоквенција и агресивен сарказам и навреди, убаво стокмена во еден мал есеј. На ова се сведува унифицираното, се она што денот ќе ми го подари. Секоја мисла, добра или не, значајна или не, пожелна или не, градот ќе го помириса огнот кој му гори под нозете. Ќе ја почувствува врелината на омразата која ја зачна некогаш одамна, и сеуште чезнее, одвај задржувајќи се на работ на заборавот.

Секој збор ќе биде всечен во умот на луѓето.
Луѓето. Потребни ми се. А сам сум. Сакам да се до мене. Да ги помирисам тие ефтини парфеми. Таа притаена злоба, прикриена со извештачени пластични насмевки. Сакам да се до мене, за да го мразам секој нивен атом.
Целокупната манифестација на нивното постоење.

Ми требаат. А сепак, сам сум.
Ми требаш за да те мразам. Да те набљудувам, во секој моментум буден, трезвен.
Неразумен.
Биди потсетник на се што ме мрази, се што сака да го уништи мојот вид. Убиј ме, и гледај како се прераѓам, овојпат посилен од тебе.
Ти, музо Сатанска!

No comments:

Post a Comment