Saturday, April 28, 2012

Низ окното

(By The Marked One, 141/032)
Упорно ја подаваше главата нанадвор. Како прваче кое за прв пат го спознава општеството во придружба на нови лица додека го гледа татка си како полека исчезнува на хоризонтот. Мало лице, облеано во солзи кои полека капеа по студениот камен под и чиниш вдахнуваа живот во тие безмилосни плочи.
Мртвите настојници, вечни стражари кои во себе ги содржеа спомените на нејзиното монотоно секојдневие. Ќелијата беше тесна, како да беше создадена да ја исцеди сета позитивна мисла која нејзиниот уморен мозок ја генерираше, допуштајќи им на мизеријата и безнадежот вечно да тлеат.  Овој продорен студ во нејзината кревка внатрешност беше исклесал длабоки лузни, расчеречувајќи ги сништата на уште една млада душа. Амбиција која одамна се извлекла низ вратата како стаорец кој ја насетил поплавата на она што некогаш било раскош.

Времето овде не течеше. Беше сосем невозможно да бидеш сигурен колку долго тие застрашувачки ѕидини го задушуваат оној кој ги запоседнува. Во секоја ќелија имаше мал отвор ограден со дебели челични  прачки кој вршеше некоја илузорна филтрација на воздухот. Од време на време, сонцето успеваше да се вметне низ тие метални пранги и да искраде макар една насмевка од нејзиното лице. Се преливаше низ нејзината златеста коса давајќи и изглед на ореол, како ангелски аскет кој стоички гледа во црнилата кои го кријат лицето на џелатот на нејзината иднина. Фрустрирачки на моменти, во неа избиваше порив да го загради окното со дел од парталите кои го прикриваа нејзиното фрагилно тело,  опустошено од суровоста на заточеништвото.


Агонизирачки се повлекуваше во темните агли на таа клета кутија, бескрајното ништовило кое кореспондираше со состојбата на нејзиниот дух. Го преколнуваше секој центиметар кој ја оддалечуваше од небесното синило, таа света возвишеност која долги години за неа беше обично исмевање на нејзината клета судбина.  Стисокот на беспомошноста одамна силно ја приклешти, без воопшто да ја допушти рожбата на сомнеж кој ќе побуди барем ронка надеж. Не, тој збор нејзиниот речник одамна го испушти.
Силен тресок го прекина нејзиниот транс. Можеше да начуе тешки метални чизми  низ мрачните коридори на затворот, одекнувајќи, расцепувајќи ја тишината, воедно и моменталната кратка благопријатност која ја чувствуваше. Окното полека ја расветлуваше келијата, наговестувајќи ги мугрите.

Пред келијата се појавија тројца стражари. Mрзеливо ја поткрена главата и изнасилено им се насмевна. Се поткрена и полека ги подаде рацете нанапред, како да сакаше да го карикира ултимативното оддавање во ледените прегратки на смртта. Кротко, послушно како мала срна која гази во стапалките на мајка си ги проследи стражарите. Невообичаено тивките ходници ја зголемуваа тензијата што ја чувствуваше додека се обидуваше да ја проголтне кнедлата која се имаше заглавено во нејзиното грло.
Кога конечно излегоа низ малата дрвена вратичка топол ветар проструи низ крошните на околните дрвја кои возвратија со морбидно весела мелодија. Стравот конечно ја доживуваше својата кулминација и таа почна неконтролирано да се тресе, безуспешно обидувајќи се да ги сопре солзите кои навираа на нејзиното убаво лице.

Стражарот до неа не успеа да ја смири и таа падна наназад, енергетски докрајчена за последен пат погледна во мајското небо. Тензијата за миг исчезна, како краткиот поглед кон синилото за неа да претставуваше вечна расправа со Бог. Застана на коленици, ги затвори очите вцрвени од солзи и го зеде последниот здив.

No comments:

Post a Comment