Tuesday, April 24, 2012

Смртта на Платон

(By The Marked One, 140/032)
Утринското кафе во тоа мало запуштено локалче за неа беше последниот хабитат во кој илузијата на емоционална безбедност сеуште не беше разрушена.
Прилично мало кафуле, со неколку маси со извалкани прекривки и поткршени порцелански пепелници. Воздухот беше тежок и мирисаше на мошус, оддавајќи им на гостите чудно чувство дека се наоѓаат во бордел. Оддалеку беше сосем невозможно да се одреди функцијата на објектот, всушност ако се осмелиме да аргументираме дека воопшто изгледа функционално. Па сепак, ваквиот визуелен впечаток на кафулето му овозможи мала но редовна клиентела.

Во оваа група спаѓаше и Минерва. Четириесет и четири годишна жена со петнаесет годишна адвокатска кариера и еден пропаднат брак во своето резиме. Беше воочливо дека времето ни одблизу не било нежно со неа. Иако беше слаба, со загрижувачки големи подочници и чудно нанесена шминка, внимателниот набљудувач можеше да ги забележи правилните црти на нејзиното лице, остатоците од еднаш бујните облини кои очигледно потенцираа дека пред вас седи нешто што некогаш било атрактивна зрела жена.

Со вкрстени нозе уредно скротени во модерни хулахопки го читаше денешното издание на Тајмс, од време на време фокусирајќи се на одредена статија, откривајќи ги брчките на лицето.
Вратата се отвори и на неа се појави фигура на маж. Висок, со црна коса која слободно се спушташе до неговите рамења, наметнат во долг тежок мантил. Момче, не постаро од дваесет и пет-шест години. Тазе член во интелектуалната фела на општеството. Имаше проникливо, но генерално наивно лице, веројатно должејќи му го тоа на фактот дека минал повеќе време студирајќи го животот наместо да го живее. Ставот зборуваше за неговата ароганција, надменост која минијатурните успеси му ја всадија во инаку емотивно нестабилниот светоглед.

Се приближи до шанкот, лежерно потпирајќи се на едно од високите столчиња и нарача седум дупли текили.
-Седум? Некој е нерасположен денес...хм?
До него нечујно се беше шмугнала Минерва. Нејзините продорни зелени очи похотно шараа по неговото тело. За миг погледите им се сретнаа, и таа реши повторно да иницира.
-Елоиза, мило ми е.
-Луиџи,  задоволството е мое.
-Џентлмен? Денес? Овде? Мислам дека ќе се вратам на кафето...
-Зарем тоа е до толку запрепастувачки? Очигледно не сте го шетале светов...хм?
Минерва се насмевна. Светот за неа беше уште една уста која секојдневно плукаше во нејзиното лице. Уште едно стапало врз нејзината гордост, голема капка киселина која секојдневно го разјадуваше нејзиното битие.


Разговорот продолжи. Двајца туѓинци на ничија земја ги соголуваа своите души низ возвишени реторики во кои притаена демнеше првобитната желба. Умствено, агресивно во огнен изблик на eмоции се нафрлаа еден на друг вешто испалувајќи oраторски проектили кон соговорникот. Мошусот во кој беше превиткана таа напната атмосфера упорно ги исполнуваше нивните ноздри, оставајќи му на разумот се помалку место да се искаже.
Мекиот џез полека испари од старите звучници во аголот.

-Затвораат, малечок. Ќе си одиш ли?
-Малечок? Имам автомобил.
-Ммммм. Велиш, голем си? Да видам да не верувам.
-Сум.
-Доволно голем да ме одведеш дома? Ајде, малечок. Не планирам да пешачам до дома.

На паркингот осамен беше паркиран зелен СААБ. На метар од него слабо пулсираше една улична светилка, морбидизирајќи ја целата сцена. Тој од далеку го отклучи и Минерва влезе во него. Седнувајќи почувствува како нешто брзо се сви околу неговиот појас.
-Голем? Колку голем?
Се насмевна и страствено го бакна. Вешто го раскопча црниот тексас и пред тој да може да контемплира околу последните две минути таа веќе цврсто го имаше зграбено малиот Луиџи.
-Па?
 -Сум видела и поголеми.
-Несомнено...
-Што требаше да значи тоа?

Тој се созема и ја презеде иницијативата. Новиот тапацир потемне од пот. Полека, прилепени еден за друг прогресираа кон ултимативниот танц на вечноста. Воздишките ја затегаа атмосферата во автомобилот како некој ѕвер кој во сета своја бруталност се извил над својот плен. Со раката се проби под здолништето и ги потегна хулахопките. Разумот одамна абдицираше и божествена страст како магма се прелеваше од нивните усни. Цврсто ја префати и како мала плишана кукла ја смести во скутот. Во еминентен примитивизам доминираше врз неа како диво животно. Силно ја стискаше и бесно ја движеше угоре-удолу, чиниш играчка. Светилката надвор конечно згасна, конечно допуштајќи му на мракот да настапи. Тотално мртвило го сви паркот, прекршено само од кланкањето на зелениот автомобил и тихите воздишки кои произлегуваа од неговата внатрешност.

Во тој миг продорен крик го расцепи мракот. Звук кој ги замрзнуваше вените, повик на  дивината прикриена во нејзината утроба. Се префрли на совозачкото седиште и се накашла. За момент ја погледна и на нејзиното лице ги виде годините кои ја пиеја нејзината душа, ја згрутчуваа нејзината младост. Во тој миг бескрајно ја сожалуваше. Се почувствува како да гледа во јама, како самиот абисал на океанот да бил спростран пред неговите очи.
-Каде?
-Градски парк, стариот влез.

Наскоро возеше низ живиот дел на градот. Светилките овде ги бојадисуваа улиците и зградите, давајќи му го на градот тој таинствен ноќен шарм. Таа мистериозна привлечност, како странец кој се појавил во некое кафуле и за момент го привлекол вниманието на сите во него.
Конечно запре и го паркираше автомобилот на тротоарот на еден напуштен сокак. Од сите страни се извиваа згради кои изгледаа скоро напуштено. Taжна слика, обвиена во депресивна темнина. Се заврте, повторно се насмевна, го бакна во челото и излезе од автомобилот.
СААБ-от сврте и си замина оставајќи ја во апсолутен мрак. Во зелениот автомобил, еден младич гледаше лична карта на која пишуваше Френк Питерсон. Тој извлече цигара од задниот џеб, ја запали и силно потегна.

No comments:

Post a Comment