Monday, October 12, 2015

Животна дилема

(By Roger Mortis, 232/112)
Во деновите и неделите кои следуваа откако Станко ја запроси Наташа се случуваше нешто невообичеано.
Наташа како да беше на седмо небо, бидејќи после сите тие десет месеци заедно конечно на Станко му текна да ја побара за жена.
Станко немаше некои посебно изразени карактерни недостатоци, на моменти Наташа дури беше и загрижена како тоа Станко не покажува никаква `темна страна`. Дали се работи за смислен план или сепак Станко беше too good to be true?
Физички беше просечно-симпатичен лик кој доколку би ги немал оние две лузни на лицето би бил дури и лепотан.

Наташа не беше сигурна што тоа Станко работи бидејќи иако секогаш имаше кеш во себе и сметките беа подмирувани навремено - не и беше мило тоа што нејзиниот избраник има тајни пред неа.
Па нели една таква баналност како професија не би требало да се таи пред идната сопруга?

Една од ретките ситуации кои и беа чудни на Наташа беше фактот што кога купуваа весник - Станко секогаш почнуваше да го чита одзади, задржувајќи се не на страницата со спорт туку на онаа со некролози. Наташа спротивно од тоа, никогаш не ја читаше таа страна а и што би читала воопшто, известувањата за `тажна вест` или `шестгодишен помен`?!

Дојде и денот на свадбата, Станко немаше покането многу гости, а меѓу неколкумината кои ги викна, два-тројца се издвојуваа со своите нездрави физиономии. Ги претстави како колеги. Еден од нив, нешто постар и поисушен од другите беше склон кон алкохол. И како таков брзо се испијани и почна да ги замара гостите на масата. Наташа која во гужвите околу спремањето свадба не се имаше напиено ништо, остана со трезен ум кој веднаш проработе во насока на дознавање на тајната. Искористувајќи едно кратко остуство на Станко кој отиде да се поздрави со старосватовите - Наташа отиде кај колегата на Станко, нудејќи му да се напие Виски кое било старо 18 години и кое нејзините го чувале за специјални прилики. На колегата Станков не му требашe специјална покана, почна да пие и продолжи да расправа за новиот Ситроен кој го купил. Изгледа дека сите требаа да знаат дека го платил во готово! Јазикот му се разврза до таа мера што тајната за професијата на Станко - престана да биде тајна...


И така Наташа се појави пред Станко на првата брачна вечер со зацрвенета фаца од која фрчеа искри.

Наташа : Добро бе копиле едно подмукло...
Станко : Што ти е драга моја?
Наташа : Како бре што ми е, со оној другар ти ограбувате гробови и така доаѓаш до пари...
Станко : Ах бе Миле, говедо едно пијано, знаев дека ќе кажеш кога тогаш...
Наташа : Човече заеби го Миле не е битен сега, битно е што откопувате гробови, крадете накит и одела на покојници и продавате лешеви на црно...
Станко : Љубов моја, не се возбудувај беспотребно, смири се...
Наташа : Да се смирам? Пичка ти матер нездрава, дали си свесен што направи?
Станко : А што тоа направив, мила моја? Јас сум истиот Станко од пред неколку минути, само што сега знаеш со што се занимавам...
Наташа : Ограбуваш гробови бе нездрав еден!
Станко : Досега никој од нив не се пожалил на ништо, нив не им треба накитот...
Наташа : Престани!
Станко : Морам да ти објаснам...
Наташа : Нема што да се објаснува (и тука Наташа почна да плаче)
Станко : Немој љубена моја, не прави драма, пробај да разбереш...
Наташа : (липањето се интензивира)
Станко : Не плачи, смири се, знаеш колку те сакам, знаеш дека моето тело и душа ти се ставени на располагање, да не дозволиме една ваква ситница да ни ја упропасти нашата љубов...
Наташа : Ситница?
Станко : Па да, ситница
Наташа : Каква ситница бре, како ќе им кажам на мама и тато, отсекогаш ме мачеа со прашања `шо работи оној твојот, шо работи оној твојот`...оф божеееее...на Перса мажот и е шеф во Телеком, на Марта дечко и станал асистент а јас црна, јас што ќе кажам...
Станко : Глупости се тоа и ништо повеќе, зарем помалку ти значам од одобрувањето на твоите и на друштвото?
Наташа : Станко тргни ми се од пред очи, те молам, оди, не можам...

И така во нејзиниот живот се прикрадоа нови дилеми и почнаа да ја мачат Наташа. Дали да се разведе? Што ќе кажат сите за брак за кој била поведена парница после 36 часа?
Дали да го преброди сето тоа така што ќе го натера Станко да си бара нормална професија?

Наташа остана во дилема и наредниот ден. На телефонот забележа неколку пропуштени повици и смс-пораки од својот нов сопруг.
Го изми лицето избраздено од солзи, се нашминка и се упати на работа. Касиерките во Тинекс сепак беа почитувани членови на општеството...

No comments:

Post a Comment