Saturday, August 12, 2017

Јадни врабац

(By Roger Mortis, 291/171)
Врапците се птици кои никој не ги приметува.
Нивното постоење се подразбира, посебно во урбани средини, исто како она на станбените блокови или паркинзите. Едноставно се тука.

Тие се битија кои си летаат наоколу, малечки, јаднички, плашливи, најчесто во кафено-црно-сиви невпечатливи бои, кутри само како што врапчињата на сред зима можат да бидат.
Не знам зошто но скоро секогаш кога ги гледам (а ги гледам секој ден) - ми предизвикуваат чувство на блага меланхолија. Дали поради тоа што симболизираат сиромаштија или маргинализираност или нешто десеето или поради некој лош филм во главата, кој би знаел.
Иако имаат сосема добар глас и си пеат врабји песни секое утро, тоа чувство на меланхолија сепак се појавува непокането, од страна, од непознат правец, без особена причина надвор од појавата на врапците.


Но тоа чувство после извесно време беше наподополнето со чувство на некаква милост. Мали, јадни, бедни, некои бушави, некои шарени, слаби и дебели, тажни и весели - почнав да ги приметувам и да им давам храна и вода на малите јадничиња.
А тие пак, од своја страна носат подароци.

Можеби зад постоењето на врапците се крие тоа дека тие се малечок пердувест контејнер за заробените души на невидливите, на сиромасите, на исклучените, на изолираните, на заточените, на немоќните, понижените, несреќните...

Легендата зборува за злобната страна на Гаутама Сидарта познат и како Буда кој ги проколнал врапците да бидат неприметни до крајот на светот. Имено, во моментот кога Буда се просветлил - сите живи створови дошле да се поклонат пред него. Тигри, кобри, пци и стаорци, оси, комарци и луѓе.
Единствено ги немало врапците кои понесени од својата игра, барање храна и безделничење не сметале дека тој настан е којзнае што. И така при крај на церемониите, привлечени од огромниот број животни и птици - се појавиле колку да видат за што станува збор. Искрената љубопитност, а не величината на Буда биле причина за нивното присуство.
Буда, просветлено гневен на тоа што врапците се дрзнале да не се поклонат - ги проколнал никој да не ги приметува до крајот на светот, да останат на маргините на постоењето, на крајот од перцепцијата...Јадни мали Врапко.

No comments:

Post a Comment