Sunday, September 3, 2017

Сосема небитен африкански мозаик

(By Roger Mortis, 293/173)
Африка можеби не е позната по голем број на реномирани секти, но тоа не е поради тоа што секти нема во Африка, туку поради тоа што тие ретко успевале да се пробијат кон светската јавна перцепција, да го надминат локалното, да го пребродат регионалното.
Но затоа една од нив се прослави на толку драматичен и језив начин што успеа да го направи Џонстаун да изгледа премногу меко...

Ниту една африканска секта не може да се спореди со легендарното Движење за реставрација на десетте божји заповеди од Уганда. Земја позната по својот најславен син, култниот диктатор Иди Амин Дада, неславен по еден куп глупости, еден интересен филм и една .gif анимација - се покажала како плодно тло за сериозни забегувања кај дел од популацијата. Може помеѓу рајата имало и оптимизам дека после децении диктатура, глад, болести, граѓански војни и корупција конечно ќе осамнат подобри денови. Наместо тоа, сликата на мизеријата била комплетирана од бизарен секташлук со драматичен епилог.

Кога немаштијата ќе се збратими со безнадежноста тогаш може да се очекуваат екстреми.
А еден таков пат кон екстремното била и сектата со необично долго име која проповедала скорешен крај на светот (1.1.2000 година, се разбира).

Во деведесеттите, тоа златно време на секташтвото, низ светот се афирмираа голем број на феноменални секти. Надоаѓачкиот нов Милениум создаде плодно тло за исчекување на крајот на светот. Во Уганда, судбината споила две особи со крајно сомнително потекло кои ќе бидат клучни за спектаклот наречен масовен суицид.


Џозеф Кибветире, мистериозен лик со пропаднати политички амбиции, извесно материјално богатство и несомнена духовна сила - одлучил дека официјалните доктрини на Католичката црква повеќе не одговараат на потребите на времето.
А времето, било блиску.

Но што е Јин без Јанг, што е денот без ноќта, што е Џозеф без Кредонија?
Тоа било името на жената која ќе го радикализира Џозеф до крајни граници, поранешна "дама на ноќта", власничка на бакалница и производител на пиво од банани.
Презимето на онаа која го видела светлото, силно се покајала и одлучила да стапи на патот на праведноста - било Кверинде.
Наоѓајќи се во своевиден духовен расчекор, Кредонија видела во Џозеф голем потенцијал за теолошки иновации, со акцент на претстојниот Армагедон. И така на светот се појавила уште една секта, Движењето за реставрација на десетте божји заповеди.

Околу 1990, се појавила нивната заедничка книга со чуден наслов "Навремена порака од Рајот : Крајот на времето" каде што била изложена теологијата на сектата. Со доаѓањето на "вујче од Америка", некаков Доктор на теолошки науки со име Доминик Катарибабо, сектата добила на религиозна тежина. И така, година по година, бројот на следбеници почнал да расте за да достигне некои 5.500 изгубени души при крајот на деценијата. Крајно антагонистични кон сексот и личната хигиена, отворени кон детскиот труд и ропството, оваа група започнала да се припрема за Судниот ден кој требало да осамне на 1.1.2000 година со почетокот на Милемиумот. Сосема неинформирани за календарските подробности и фактот што новиот Милениум дојде на 1.1.2001 а не 2000 - секташите започнале да распродаваат и она малку што го имале, да ја колат стоката и чекор по чекор да се простуваат од овој свет.

Откако Последниот ден дошол и заминал а Судниот ден и Второто доаѓање ги немало никаде на повидок - голем број секташи разочарани и гневни ја напуштиле сектата.
Останувајќи со околу 1.400 најфанатични приврзаници, двоецот лудаци успеал да направи нов спин на новонастаната ситуација и да го одреди 17.Март 2000 (денот на Св.Патрик) за новиот погоден датум.
Не за Армагедон туку за Вознесение.
А најдобар начин за вознесение била смртта.

Таа ќе дојде во нивниот камп во областа Канунгу во вид на масовно самоубиство со неидентификуван отров. За разлика од нивните славни претходници од Џонстаун, овој пат немало ефтини сокчиња за растварање како агенти на смртта туку секташите одлучиле да заминато со стил, пиејќи Кока Кола измешана со отров.
778 души заминале од овој свет во главниот камп во Канунгу а други 283 умреле на пет помали локации низ областа.
До денес не се знае колку од вкупно 1061 леш извршиле самоубиство, колку биле убиени од други секташи а колку загинале во пожарите предизвикани од експлозија во главниот камп.
Не е позната ниту судбината на лидерите и основачите.
Првично се тврдело дека Џозеф и Кредонија се упоколиле во настаните за да години подоцна наводно бидат видени живи, Џозеф во Малави а Кредонија во Уганда. По Џозеф и официјално била распишана меѓународна потерница како осомничен за масовно убиство.


Иако на прв поглед овој секташлук и епилогот од него делува како копија на дешавањата во Џонстаун во 1978 со мали примеси на одлучноста која ја покажаа членовите на Рајската Порта во 1997 - сепак мора да се признае дека оваа секта имала и оригинални замисли и концепти иако не сум сигурен кои тоа би биле.
Според бројот на лешеви оваа секта е во самиот врв во историјата, поморбидни од нив се само Тагите од Индија. Но Тагите биле поклоници на хомицидот а не на суицидот. Што се однесува до суицидалните секти опседнати со Судниот Ден, тука Движењето нема конкуренција бидејќи го надмашува славниот Џонстаун за цели 122 лешеви. Она што недостасувало во однос на квалитет е надокнадено со квантитетот на трупови.

И онака е премногу тешко да се достигне славата на Џим Џонс или креативноста на Маршал Еплвајт, со еден таков терет на грбот не можат да се носат угандски распоп и некаква екс-проститутка-ванаби-Марија-Магдалена.
За крај треба да се упати критика до медиумите кои дозволиле еден ваков настан да пројде сосема незабележано. И не само тоа, и ex-post-facto вниманието кое го заслужува оваа секта е непостоечко, нема документарци, книги, филмови за овој настан. На што се должи тоа е прашање, дали се работи за латентен расизам каде што смртта на 1061 црн секташ е помалку битна од смртта на 41 бел секташ од САД, дали Источна Африка сепак е предалеку од главните текови на информација, дали перцепцијата на луѓето е кондиционирана за да смета дека такви настани се нешто нормално во тие подрачја...

Најверојатно се работи за Њуз-фид расизам...

No comments:

Post a Comment