Friday, October 20, 2017

Петок

(By Roger Mortis, 295/175)
Петок е обично ден кој се поврзува со позитивната страна на животот.
Крај на работната недела, старт на викендот, време кога оптимизмот царува, чашата е половина полна, петокот е крајна спротивност на неговиот зол брат - Понеделникот.

Но тоа е на копното.
Низ морските широчини, каде што викендот не постои, каде што чашата е секогаш полупразна, каде што песимизмот и маглата се еден чекор понапред од разумот - таму Петок значи и нешто друго, значи ден кога не се започнува ништо, ден кој треба да се прескокне, да се заборави.

Крајно суеверните морнари понекогаш знаеле да бидат проблематични при инсистирањето на нивните суеверија. Британската воена морнарица како главен империјалистички играч во светот при крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век се соочила со неколку побуни на морнарите кои предизвикале главоболки. Секако дека суеверијата не биле причина за тоа, но знаеле да бидат иницијална каписла.
А на врвот на баксузот било испловувањето на бродовите на ден Петок.

И поради таа причина, а можеби и не баш, околу почетокот на деветнаесеттиот век, Адмиралитетот на Британската кралска флота, се обидува да ги разбие вечните морнарските суеверија околу испловување во петок, решено било еднаш засекогаш да докаже дека нема ништо баксузно да се исплови на тој ден.


Во еден Петок, во Јануари 1818 година, бил нарачан бродот HMS Friday (Брод на Неговото Величество - Петок).
Се работело за Брик, релативно мал и брз едреник чија кобилица била положена на навозот на бродоградилиштето во Петок, бил спуштен на вода во Петок и бил предаден во официјална употреба...во Петок.

Дури и за капетан бил пронајден човек со пезиме Петок, некој си Џејмс Фрајдеј. Првата пловидба била закажана исто за - Петок.
Скромната свечена церемонија служела за да ги потисне стравовите, за да ја совлада Паранојата, да го сузбие гласот во главата на присутните дека сето тоа можеби и не е најдобра идеја...
По испловувањето бродот HMS Friday без проблеми се упатува кон мирната морска шир, запловува кон зајдисонцето, отпоздравува со бродовите со кои се среќава...и неколку дена подоцна исчезнува без трага, никогаш повеќе не е виден ниту некој слушнал што се случило со него.

Некои упатуваат на постоењето на урбан мит со слична тематика, некои се колнеле дека навистина постоел таков брод, трети истражувале низ регистрите на Кралската морнарица но не успеале да пронајдат докази за постоењето на таков брод, барем под тоа име.

И така брикот Петок останува заборавен помеѓу загадочната несигурност на морнарските приказни во пристанишните крчми, помеѓу тутунската магла и мирисот на силниот алкохол, некаде помеѓу тивкиот разговор и незаузданото суеверие се губи трагот на бродот кој требало да означи поинаков пристап и триумф на рационалноста над мистеријата.
Наместо тоа, Петок со своето кратко (не)постоење само послужил како извор на нови легенди, митови и преданија кои до ден денес пловат низ океаните и низ умовите на лицата кои го обожаваат непознатото, кои се радуваат на необичното и недефинираното...

No comments:

Post a Comment