Tuesday, October 23, 2018

Безимениот

(By Roger Mortis, 303/183)
Тоа сончево септемвриско утро 1863-та, на брегот на Сенди Ков, во заливот Фанди, собирачите на Морска трева и школки очекувале да имаат пријатен ден. Она што не го очекувале, што изникнало на плажата - тоа бил човек во несвест.
Човек? Да, но не целосно.
Пронајдениот човек на брегот на Нова Шкотска, во она што за четири години оттогаш ќе се нарекува Канада, бил без обете нозе, хируршки прецизно ампутирани под колената и завиени во сеуште свежа и крвава преврска, разјадени од солената морска вода.
Освен тоа, имал крвава повреда на главата и многу расекотини и модрици по телото.

Враќајќи го сознанието после испивање малку Бренди, се испоставило дека овој човек е уште помалку целина од останатите. Бидејќи не си го знаел ни сопственото име.
А не знаел ниту да зборува.
Оштетување на гласните жици, жесток удар во главата или ментална попреченост, претпоставките биле многу, иако оваа последната со текот на времето се покажала како сосема неточна.
Оваа личност која морето необјасниво ја исфрлила на светлото на денот, под екотот на брановите, на рацете на плимата, заедно со трупците и алгите кои се чести гости на песочните плажи - добила експресно име од локалното население кое се насобрало да го види тоа чудо.

Џером. Зошто баш Џером?
Напрегајќи се да објасни нешто, типот испуштал звук кој наликувал на името "Џером" или барем така им се чинело на рајата. А зошто и да не? Можело да биде и Том и Дик и Хари, но ете, сепак доживеал второ крштевање под името Џером.


Извесна фамилија со презиме Олбрајт се сожалила на страдалникот и го прибрала привремено, барем додека не се опорави за да може да продолжи, до домот, до своите, до своето.
Но Џером немал ни дом, ни свои, ни свое. Секако дека некаде по белиот свет имал некого, но што со тоа кога немал меморија? Немање сеќавање значи немање ништо.
Олбрајтови после некое време, притиснати од својата сиротиња биле принудени да го дадат на друга фамилија да го чува Џером, некакви Корзикански емигранти со полукриминогено потекло со презиме Николас. Локалната франкофонска општина Метеган одредила 2 долари неделна издршка за Џером, (околу 60-тина денешни долари) пари кои ги давале на Николасови за да се грижат за најосамениот човек на планетата.

А тој, без свое знаење станал нешто како вашарска атракција, локална занимација, легенда за која се чуло низ цела Нова Шкотска па и подалеку. Раја почнала да доаѓа да го види човекот, да ги слушне звуците кои се обидувал да ги пушти. Џером не бил секогаш расположен да излегува пред народот кој плаќал по некоја цента за да го види тој необичен лик, но во тој случај мотивацијата била во вид на ќотек со кој бил теран надвор од куќата.
На ќотекот се придружиле и другите јавачи на понижувањето како исмевањето, фрлањето предмети во негов правец, имитирањето на неговиот специфичен `од со дрвени нозе и штаки од страна на децата, навредите и погрдните зборови, пуштањето кучиња на него да го плашат, а посебна забава биле неговите реакции во вид на `ржење и мафтање со самоделските штаки во обид да закачи нечија глава и да се одбрани од садистички настроените поединци.

После повеќе од шест години во таа куќа, Џером некако избегал и бил прифатен од друго семејство, овој пат Де Клерови во селото Сен Алфонс во истата општина, кои ќе го одржат во живот уште цели 43 години, грижејќи се за него во рамките на своите можности. А Џером не правел никакви проблеми, ги чувал нивните деца и си играл со нив, поднаучил да чита Француско писмо и најчесто по нешто читал, а врв на животното задоволство бил тутунот, кафето и чајот кои ги употребувал седејќи пред портата на дрвена даска и така чекајќи го зајдисонцето, буквалното и метафоричното, секој ден, скоро половина век...

Никој никогаш не го препознал Џером, негови фотографии биле објавени низ цела Канада, новинарите напишале неколку жалостиви наслови и артикли, сето тоа попусто. Шпекулациите дека е италијански морнар кому гангрената му ги одземала нозете, дека неговата фамилија го унаказила и протерала за да биде спречен да земе наследство, дека е екс-пират...останале само пусти шпекулации. Исто како и онаа најсуровата, дека бил несреќен член на екипажот на некој Канадски трговски брод чиј капетан не сакал да плати за осигурување на здравјето на морнарите и проблемите со нивните тешки повреди ги решавал со тоа што ги оставал на рандом места низ огромното крајбрежје и острови на истокот на Канада, самите да изгнијат по себе...


Невработлив поради чудниот сплет на околности, Џером никогаш не ја напуштил општината Матеган, проминувајќи скоро половина век помеѓу внатрешноста на куќата на Де Клерови и клупата во дворот, ретко патувајќи повеќе од неколку километри во посебни и прилично ретки прилики.
Поимот осаменост е неупотреблив во овој случај бидејќи е блед и неуверлив за да ја опише состојбата на изолираност на кутриот Џером, барем на момент да ја пецне нашата перцепција за болката во неговата душа...а кој збор воопшто и би го можел тоа?!

Седејќи си вечно така пред куќата, Џером го испуштил последниот здив на 15.Април 1912 година, на свои недефинирани, горе-долу околу 85 години.
А токму на тој исти ден, малку на Југоисток, неколку часа пред него, оваа реалност ја напуштиле и 1524 души од патничкиот брод "Титаник". Овој поморски помор ја украл смртта на Џером од насловните страни на локалните весници и осигурал големо друштво на јадниот Џером на патот од другата страна, ако неа воопшто ја има...
Но не и од локалната колектива свест, до денешен ден по Нова Шкотска сеуште било присутно преданието за овој непознат човек, кој дошол од никаде од непознати причини со непознат идентитет и останал сам, само да ја посматра природата, смените на годишните времиња, смените на генерациите, никогаш не присеќавајќи се кој е, што бил и зошто завршил така како што завршил.

Но Џером не е само оној кој заминал на исти ден со Титаник.
Го има во разни форми насекаде, по сиот свет, посебно онаму каде што погледот на луѓето никогаш не допира.
Ако баш не мора.
А за жал, баш и не мора...

No comments:

Post a Comment