Saturday, May 7, 2011

Круг

(By Roger Mortis, 054/016)
Необичен беше изразот на нејзиното лице. Некаква задоволна насмевка под очите кои избегнуваа туѓи погледи. Имеше некои четириесет и пет години. Оставаше нејасен впечаток дека некогаш била атрактивна девојка по која веројатно поминувале похотни погледи, нечии вљубени очи или барем по некој еректиран пенис...
Она што сега го привлекуваше вниманието кај неа, покрај испиеното и претенко тело, гротескната шминка и несигурниот од, беше нејзиното бебе од кое ниеднаш никој не ја виде да се оддели...

Секаде каде што одеше, одеше со своето малечко. Добро повиено и во сигурна мајчинска прегратка. Заштитено од све она за кое таа сметаше дека е закана за малото...како многу мајки и таа го имаше оној израз кој е несфатлив за мажите...

Никој не знаеше кој е татко на бебето, дали тоа бил некој војник на отуство, љубовта на нејзиниот живот или локалниот ебач од досада. Чудно беше што не беше цел на оговарање...освен на новодојдените во градот кои првпат ја гледаа...

Мистеријата се разоткри еден обичен дождлив ден на скалите пред локалната болница. Од причини засекогаш закопани во нејзиниот ум таа често се врткаше околу градската болница.
Не...немаше никакви драми или соочувања со евентуалниот татко на малото. Никакви судбински средби, барем не од оние по кои се пишуваат романи, се прераскажуваат како најнов трач или завршуваат на страниците на црната хроника.




Само едно мало лизгање по лизгавите скали. И шок. Шок кога таа се зализга и падна по скалите. Прв пат по којзнае колку време бебето под влијание на неумоливата гравитација ги напушти нејзините прегратки и се стркала по скалите. Остана да лежи долу на нив, меѓу изразот во очите на мајката, некоја есенција на ужасот, стопирано време во нејзините очи и шокот на оние кои беа сведоци на случката.

Бебето остана да лежи. Таа во прв момент не се помрднуваше. И покрај падот во кој ги зафати сите скалила едно по едно...бебето не пушти ни глас...а како и би пуштило кога беше од - пластика!
Не беше тоа никакво бебе туку обична кукла, малку старомодна и излитена.
Пластиката не е склона кон повреди.

Колатерална штета на невидливите каприци на судбината, наркомански приказни од некое друго време, подмолна игра на случајноста, кармички инцидент без повратен билет...како и сите ние иако сите на свој начин, носејќи го својот крст се додека имаме некаква илузија пред нас. Дури имаме некаква пластична кукла во нашите раце имаме и нешто кое не тера да не застануваме. Да не го прекинуваме кругот.

Безначајна сцена од безначајна улица во малиот, сив град на границата со ветената земја...тажна инспирација во мозокот на еден работник на хидраулична преса за време на паузата за цигари...

No comments:

Post a Comment