Wednesday, September 30, 2015

Кој рано рани

(By Roger Mortis, 230/110)
It's eight fifteen
And that's the time that it's always been
We got your message on the radio
Conditions normal and you're coming home...
(Orchestral manoeuvres in the dark)

Нуклеарната бомба како најдеструктивен нус-продукт на човечката цивилизација е употребена само на два наврати, обата над Јапонските острови, во Август 1945. Иако е детонирана повеќе од 2.000 пати во разни форми, `пробно` и `експериментално`, со тоа збогатувајќи ја атмосферата, почвата и водите на планетава со честички кои носат радост и среќа - надвор од тие две детонации in anger на крајно цинично кодно именуваните бомби `Дебелиот` и `Детенцето`, сеуште светот не доживеал хет-трик на атомска експлозија над некој урбан центар.

Бомбата како бомба се разликува од конвенционалните бидејќи делува на повеќе начини и останува во долг и непријатен спомен со своето контаминирачко дејство. Прво во посета доаѓа механичкиот ударен бран предизвикан од силината на детонацијата изразена во илјадници тони конвенционален експлозив, зад него се влече топлотниот удар поради екстремната температура која се развива за време на експлозијата, третиот јавач е јонизирачката радијација која убива брзо и болно, четвриот е снажниот електромагнетски пулс а бонусот е во вид на зрачењето кое паѓа од небото со часови и денови во вид на дожд или прашина и служи за долготрајна контаминација на подрачјето погодено од ваква ситуација.

Количината на среќа потребна за да се преживее горенаведеното е навистина значителна. А количината на среќа потребна за да се преживеат двете атомски бомби...е толку астрономска што крајно би ги шокирала сите коцкари, кладилничари и хазардери на светот.

Таква среќа имала една сосема реална личност, јапонскиот конструктор на бродови Цутому Јамагучи кој преживеал не една туку две атомски експлозии!


Цутому по природа воопшто не бил хазардер, обично играл на сигурно и бил почитуван член на заедницата. Работејќи во корпорацијата Мицубиши во Нагасаки, еден ден бил распореден на тромесечна работа во Хирошима, во последното воено лето, 1945. Последниот ден од неговата работа бил 5.август а веќе на 6-ти требало да се врати во Нагасаки. Го пропуштил утринскиот воз поради тоа што ја заборавил својата пропусница во канцеларијата и така ги дочекал судбоносните `осум и петнаесет` на некои три километри воздушна линија од `нултата точка`...
Господинот Јамагучи потполно јасно го забележал бомбардерот Боинг Б-29 и самата бомба која била успорувана со помош на падобрани. Било чудно што само еден единствен авион фрла една единствена направа, сосема различно од традицијата на стотици бомбардери кои фрлале илјадници бомби во еден лет над Јапонија.

Причината станала брзо очигледна, заслепувачкиот блесок и погоренаведените `убавини` кои следеле во подножјето на атомската печурка му нанеле тешки повреди на Цутому, пукнати тапанчиња на ушите, изгореници, привремено слепило...освестувајќи се по некое време поради тешките болки, Цутому се упатил во засолниште каде што ја поминал ноќта. Утрото заминал за...Нагасаки!
Иако повреден, следејќи го стереотипот за фанатичната јапонска работливост - Јамагучи се појавил на своето работно место на 9.Август. Утрото кога еден друг Боинг Б-29 со една друга бомба веќе летал кон градот-резервна опција...бидејќи над примарната цел (градот Кокура) временските услови биле толку лоши што го оневозможиле фрлањето на бомбата...

Разговорот помеѓу Цутому и неговите колеги кои со неверица го слушале неговото тврдење дека само една единствена бомба ја разорила Хирошима од каде што Цутому се вратил - бил прекинат со нов силен блесок и нова експлозија. Не верувам дека уште од кога хомо-сапиенсот се здобил со моќ на говор, низ историјата на меѓучовечките муабети - едно тврдење било афирмирано на толку сурово прецизен и навремен начин.
Повторно наоѓајќи се на околу три километри од `нултата точка` Цутому овој пат потполно неверојатно - поминал без особени повреди, ушните тапанчиња и онака веќе му биле надвор од употреба...

Преживувајќи ги двете бомби во бизарен сплет на фантастични околности, за овој човек може да се постави прашањето колку на прво место Цутому бил `баксуз` да се најде воопшто во позиција да биде погоден од двете експлозии?! После војната, носејќи си ги со себе последиците од бомбардирањето - Цутому Јамагучи сепак доживеал длабока старост и во 2009.година станал прв официјално признат двоен преживеан од атмоските експлозии иако се претпоставува дека има и други кои ја имале таа сомнителна среќа да се најдат на двете места во распон од 72 часа.

Денес веќе покоен, Цутому останува познат во светот како човекот кој преживеал две атомски бомби и со тоа крајно изместувајќи некои стандарди при перцепцијата за среќа...или несреќа.

No comments:

Post a Comment