Thursday, September 3, 2015

Thug life

(By Roger Mortis, 223/103)
Далечното минато, неоптеретено со постоење на медиуми, скоро сосема слободно од било каков вид на масовно ширење на информации - било особено погодно за долговремено егзистирање на оригинални здруженија на граѓани познати како секти, од кои една е посебно фасцинантна.
Сектата Таги, со своето делување во тек на половина милениум и со бројот на жртви кој е поголем од оној на сите секти во историјата земени заедно, оригиналните Thugs, ужасот на Индија - се издвојуваат од една просечна хомицидална секта по времетраењето, еволуцијата во клуб на платени убијци и според безграничната лојалност кон божицата Кали. А таа е само едно од милионите божества, полубожества и аспекти на божества во хаотичниот верски систем познат како Хиндуизам.
Некаде добра, фина, плодна и конструктивна, некаде зла, одвратна и деструктивна, во овој случај нејзината сила зависела од редовното снабдување со човечка крв и пригодните ритуали над жртвуваните.

Како и сите натприродни будалаштини, така и оваа е подложна на секакви интерпретации а во случајот со сектата Таги - жедта за крв која наводно и била потребна на Кали за да опстане во оваа реалност е ништо повеќе од уште една теолошка дилема во слава на ирационалното.

Етимологијата на популарниот англиски поим Thug (кој означува грубијан, криминалец, `горила`), упатува токму кај припадниците на оваа секта кои во времето на Британскиот Раџ биле предмет колку на бројни легенди и митови, толку и на смртоносна реалност и големи напори на британските колонијални власти да стават крај на опасноста.


Организирани уште во тринаесеттиот век, Тагите со векови демнееле по патиштата и крстопати, залутани патници и товарни коли, гласници и конвои исчезнувале од површината на светот со помош на тивките орудија на Тагите кои презирале пролевање крв во страв да не ја навредат Кали.
Затоа користеле посебни ткаенини со кои ги давеле своите жртви. Крвта на жртвите не смеела да се пролее на земјата бидејќи со тоа станувала нечиста и непогодна за апетитот на Кали, од таму следи дека Тагите природно се свртеле кон давењето како modus operandi.

Со векови припадниците на оваа секта ја усовршувале уметноста на практичан `глума` со цел да се камуфлираат во безопасни патници кои влеваат доверба, со еден збор биле нешто како ретардирана верзија на јапонските Нинџи.

За разлика од други секти, кај Тагите членството било наследно, стриктно од татко на син, со ретки случаи на регрутирање на бистри деца со брзи прсти од редовите на потенцијалните жртви, над кои ќе се сожалел некој `давител`. Ритуалот за иницијација бил посебно згоден, а започнувал на десетгодишна возраст кога идниот Таг морал да биде сведок на ритуално убиство! Подоцна следувале учества во грабежите како `логистика`, за да после неколку години `обука` се пристапело кон првото убиство со кое младиот Таг влегувал во светот на возрасните...

Бројот на жртви на оваа секта е невозможно да се утврди, пред се поради неверојатниот временски период во кој во тотална тајност егзистирала оваа организација, се` е оставено на проценки и шпекулации каде што цифрата од 30.000 жртви се зема за апсолутно најниска а онаа највисоката оди и до два милиони.
Како и во многу други ситуации, можеби и тука вистината е некаде на средина што сепак остава простор дека секташите убиле стотици илјади луѓе со што се одвојуваат од светот на деструктивните секти и влегуваат во категорија на општествени непогоди бидејќи од нивна рака настрадале повеќе луѓе отколку во многу војни и епидемии.

На почетокот на 19.век, британските колонијални власти сеуште одбивале да поверуваат во постоењето на вакво нешто, нивниот скептицизам бил засилен и од тоа што немало извештаи за британски жртви а локалната раја и онака била бизарна `потрошна роба`.
Она што подоцна ги навело на дејство била трговијата која почнала да трпи од постојаните напади на секташите и фанатичната упорност на еден човек, Сер Вилијам Хенри Слиман, заменик гувернер на неколку области на потконтинентот и воен ветеран од бројни конфликти на тие подрачја.
Слиман имал сериозна мака да ги наведе властите на дејство бидејќи ретко кој верувал дека Тагите сеуште роварат, но после самоиницијативното заробување на неколку секташи и доставувањето на сериозни докази - Британскиот Раџ му дал одврзани раце при справувањето со сектата.


Била формирана специјална паравоена единица (Thuggee and Dacoity Department) која била задолжена да ја елиминира сектата без премногу церемонии. Од 1835 до 1850 траел беспоштедниот лов на секташи во кој имало од се` по нешто, употреба на она што подоцна ќе биде познато како counter-insurgency tactics, цели битки и операции против организацијата, бројни судења и истраги при што најмалку 1500 членови на сектата биле осудени на смрт а уште повеќе затворени или протерани.

Најзначаен момент бил фаќањето на легендата на Тагите, извесниот Таг Бехрам кој за време на половина век `ординирање` своерачно ликвидирал 931 жртва што го става во нова, досега непозната категорија на серијски убијци, необичен лик од кого би стравувале манијаци како Џефри Дамер или Ричард Куклински. Природно, Бехрам добил смртна казна и бил обесен во екот на кампањата во 1840.
Обезглавената секта, лишена од своите легендарни секташи и најактивни членови започнала да венее и во наредните децении сосема престанале извештаите за нивните зулуми. Тешко е да се претпостави дека тајна организација со огромно членство искалено низ искуствата на петстогодишно криење од властите би исчезнала комплетно за толку кратко време. Ако ништо друго митот останал да живее до денешен ден и се претпоставува дека низ пустите хиндустански патишта, залутан патник сеуште понекогаш бидува задавен и ограбен од Тагите дури и во 21.век...

Оваа секта има слаба литературна и медиумска покриеност во западниот свет, со исклучок на еден од филмовите во серијалот за `Индијана Џонс` (Проколнатиот храм) каде што археологот-авантурист со своите пријатели се обидува да избега од канџите на Тагите. Во сеќавање останува сцената кога Тагите откорнуваат срца со голи раце кои полека престануваат со чукање надвор од жртвата, судбина која филмски `за малку` не го задеси и самиот Харисон Форд.
Нормално, се работи за филмско искривување на реалноста во која на Кали би и било скршено срцето ако види искорнати срца кои прскаат со крв насекаде и со тоа го загадуваат `горивото` кое ја погонувало...

No comments:

Post a Comment