Tuesday, November 10, 2015

Винстоне, сине...помагај!

(By Roger Mortis, 240/120)
Некои, некаде, некогаш...се запознавале со дистопијата како феномен преку книги и филмови. Поимите како `Големиот брат` или `Орвелијански` станаа дел од секојдневниот речник на популацијата. Но и покрај безброј книги, филмови, документарци, тв-серии и стрипови кои се денес достапни а кои се бават со дистописки теми - се случи нешто чудно.

Нажалост ја имаме таа `чест`, историски момент, да се наоѓаме во real time дистопија.
Како и жабата од експериментот со врелата вода, кога истата бега од садот ако биде ставена веднаш во врела вода а останува да биде сварена ако полека се повишува температурата на водата - така и ние, читајќи и гледајќи на екран дистописки теми, не сме успеале да ги препознаеме симптомите навреме. И сега се вариме во дистописката чорба.


Бидејќи денес...дистопијата ние веќе ја живееме. Возрасни луѓе се самоцензурираат. Да не чуе некој нешто. Да не поткаже некој некаде. И она малку човечко кое им вирее во мозокот, го убиваат. Пошто отиде кралската рента. Дивидентата на стравот. Двестате евра. Таквите ја хранат таа дистопија. Во нејзиниот желудник завршуваат нашето минато, сегашност и иднина, завршуваат судбините на уште неродени деца.

Но и тоа не е најстрашно. Најстрашното доаѓа за следните генерации кои од wage slaves ќе се промовираат во chattel slaves. Кога за напишано мислење на виртуелен медиум ќе се оди на робија, ќе се јаде ќотек и ќе се останува на улица. Кога цената на гол физички опстанок значително ќе се наголеми, како што веќе се наголемува. Што значи за некои 10 до 15 години од денес.

Последниот бастион на независната мисла, покрај внатрешноста на черепот (за што нашироко расправаше граѓанинот Винстон Смит) претставува виртуелниот свет.
Но виртуелата е само одраз на реалноста.
Бројноста и активноста на членството на некаква виртуелната платформа/заедница која би била намерно или случајно собиралиште на ликови со алтернативни погледи кон стварноста - не е секогаш одраз на евентуалната можност за генерирање фактор кој ќе може да влијае врз јавното мислење.
Тоа е и проблемот со виртуелните заедници.
Продорот на активноста од страниците со бинарен код кон реалноста изгледа дека е малку возможен.
Ако не се продолжена рака на некаков real life активизам тогаш и дометот на таквите заедници останува ограничен во рамките на виртуелноста.

No comments:

Post a Comment