Friday, December 11, 2015

Четници, усташи и нипонофили

(By Roger Mortis, 249/129)
Дека нациите се социјални констукти е одамна познат и непријатен факт. Мистерија е механизмот кој тера милиони луѓе да се идентификуваат како оприпадници на одредена нација. Уште поголема е онаа кога самодекларирани припадници на одредена нација - имаат симпатии или антипатии кон некоја друга нација, или кога тие едноставни емоции ескалираат до степен на отворена љубов или омраза...

Емоциите (а не разумот) се сржта на колективниот идентитет на рајата, било тој да е секуларен или верски...а во сите тие идентификации се кријат само емоции, и тоа од оние грозните. Стравот, пред се`.
Рационалност не барајте и не очекувајте бидејќи ја нема во рамките на колективната припадност, најмногу поради тоа што нациите се вештачки арбитрарни конструкти а во голема мера и етникумите. За религиозните припадности не вреди ни да се трошат зборови од тој аспект.

Појавата на симпатии па дури и идентификација со нација во која не се `родил` поединецот веројатно е поради тоа што тој се чувствува инфериорно како припадник на `својата` нација...и си мисли дека со афилијација кон друга нација ќе му биде подобро во главата. Особено ако се работи за поголема нација, како што е случајот со русофилијата или американофилијата.
Зошто некој припадник на одредена нација воопшто би се осеќал инфериорно?
Па ете да земеме маќедонче, србинче, бугарче или албанче, сите тие гледаат дека нивната нација е безначајна на светската сцена, слаб стандард, слаб живот, нема нешто значајно во поглед на уметност или наука...евентуално ако се издешава некој инцидентен спортски успех или полу-успех, тек тогаш би се осетиле како дел од нешто `значајно`, ларџер ден лајф ситуација која ќе ги оттргне од индивидуалната безначајност и ќе ги фрли во колективната екстаза на идентификација со нечиј индивидуален успех кој се доживува како личен.
Крајно ирационално, будаласто и инфантилно, но истовремено и тажна реалност...


Во сиот тој хаос има некои правила, да речеме русофилијата се појавува поради кирилицата, православието, славјанството, моќта (реална и замислена), технолошкиот прогрес (целосно замислен во случајот), во поретки случаи поради некои руски писатели од далечното минато, Баљшој театар итн. или по малку од сето тоа, во сет тој неред во главата има нешто кое поединецот го осеќа како `свое`, препознатливо, `наше`...демек.
Често се јавува кај пензионери или кај особи кои биле одгледувани од пензионери.

Кај американофилите (не знам дали е правилен израз но и не е важно) е јасно - сепак се работи за доминантната империја и културна доминација на сите полиња, сите ние велиме и хај и бај и ноу шит, никој не вели пожаљастја уште помалку сајонара или пак рандом мандарински збор за рандом ствар. Тоа е таа хегемонија, сакале или не. И наши дедовци растеле со вестерни и мјузикли, тоа е одамна присутно и Џон Вејн и Гари Купер и силиконските секс-бомби, се работи за генерации раја подложени на влијанието на американската масовна култура...иако нималку порационална појава од русофилијата, сепак е за нијанса пологична.

Освен наведените `филии` постои и понекој англофил, франкофил, германофил, можеби таљанофил или обожавател на сите нешта јапонски (нипонофил !?)
Што до некаде е разбирливо и покрај тоа што е бизарно. Ако се раководиме по застарените и лажни идеи за `национални` култури и влијанија, а за потребите на овој пост можеме малку да го пуштиме мозокот на `идентификување` - сфатлива е потребата за `навивање` за одредена `нација` која сепак нешто значи во светот.

Она што е помалку сфатливо, па дури и се граничи со забеганост се испадите на србоманија, бугарофилија и поретко гркоманија - појави каде идентитетот се пренасочува кон подеднакво слаби и безначајни матрици кои немаат што да понудат повеќе од самата оригинална припадност. Тоа е загрижувачко за припадниците на таа нација (се прашувам која би можела таа да биде?) бидејќи се чуствуваат толку безвредни и инфериорни што се идентификуваат со комшиските безвредни идентитети.
Можеби се работи за рецидиви, влијанија од некогаш, бидејќи во трката за измислување нации во 18/19.век рисјанската раја под отоманско ропство на балканот почнала да се дели на нации, и игром случаја, групите на лица кои се идентификувале како срби, грци и нешто покасно бугари - си измислиле нации пред тоа да го стори групата на лица кои ќе се идентификуваат како македонци и на тој начин имале head start за пропаганда...

А онаму каде индивидуалноста се подредува на колективот, онаму каде што припаѓањето на себеси и на луѓето кои нешто ви значат во реалниот живот - се заменува со припадност кон измислени заедници - таму се раѓа злото, омразата, и на крај ирационалноста триумфално танцува над милиони мртви...што значи скоро на целата планета Земја, sans Antarctica.

No comments:

Post a Comment