Sunday, December 6, 2015

Repent through money!

(By Roger Mortis, 247/127)
Следејќи го примерот на своите колеги од официјално признаените религиски организации - лидерите на верските секти ширум светот обично живеат спрема девизата `do as i say, don`t do as i do`. Тоа најчесто се манифестира во однос на материјалните богатства за кои секташката доктрина проповеда скромност па дури и целосно отфрлање на `ѓаволскиот` материјален свет. Она што важи за `страдото` не важи за водачите, којшто од своја страна максимално се предаваат на земските задоволства.

Минатата година светските медиуми известија за потонувањето на траектот `Севол`, на пат помеѓу јужнокорејските пристаништа Инчон и Џеџу при што се удавија 304 патници и членови на екипажот. Истрагата за причините за трагедијата набрзо упатила кон компанијата-матица `Чонг Хае Џин Марин` во чие власништво бил бродот а зад таа компанија потоната во лавиринт на прокси и фронт-фирми со цел да се маскираат вистинските власници - се криела една секта, поточно еден необично талентиран лик под име Бјунг Ун Јо, свештеник на сектата Гу Вон Па (Секта на спасот) која што била фракција на корејската Евангелистичко-баптистичка црква, една од разните протестатски деноминации кои доминирале меѓу бројните христијани на југот на полуостровот.

Како што истрагата и судењето откриле - господинот Јо и неговата секта во чии канџи се наоѓала компанијата - работеле со цел to minimize the cost and maximize the profit, не баш во склад со библиската традиција но целосно во склад со капиталистичкото евангелие. Кратејќи на сите можни трошоци во поглед на безбедбоста и контролата на бродовите, најмувајќи сомнителен екипаж и офицерски кадар од самото дно на маритимната професија и редовно претоварувајќи ги бродовите со товар - трагедијата едноставно морала еден ден да се случи. И се случила на 16.Април 2014. Но тоа било само злокобно ехо, задоцнет татнеж на една друга трагедија а тоа е малку познатото масовно самоубиство на секташите од `Сектата на спасот` во 1987.


За разлика од надалеку славните масовни самоубиства на секташи како неверојатниот случај во Џонстаун од 1978 или оној на `Рајската порта` во 1997 - корејските секташи склони кон напуштање на овој свет ќе останеле на маргините на сеќавањето доколку не се случела трагедијата со бродот `Севол`.

А таа ги потсетила суеверните на настанот од 29.Август 1987 кога 32 члена на сектата си го одзеле животот со помош на неидентификуван отров во фабриката `Одејанг` во околината на Сеул. Предводени од Сун Џа Парк, четириесет и осумгодишна високорангирана членка на сектата и мајка на три деца (кои и самите ќе се отрујат) - група на секташи се собрале во очекување на Судниот ден. Класичната рисјанска догма кажува за големо табу во однос на самоубиството кое води директно во пеколните казани. Исто така кажува и за вредноста на покајанието.
Но секташите некако ги измешале овие два концепти, онака како што само фанатични секташи тоа го можат - и заклучиле дека покајанието е невозможно без страдание. А постои ли поголеми страдание од суицид?

Потребата за покајание била засилена од се` позачестените финансиски гревови на госпоѓа Парк и нејзините најверни следбеници. Замешани во куп афери со перење пари, злоупотреба на средства на инвеститорите и слични превари, неретко биле цел на властите и богами и на разјарени измамени лица кои си ги барале парите назад. Физичките напади биле чести а во гужвата се приклучиле и медиумите. Изложени на голем притисок, секташите го проектирале својот сопствен страв на целиот свет, што и не е ретка појава кај лица со испран мозок.

Излезот бил еден. Покајание и искупение преку смрт. Сун Џа Парк ги собрала своите најверни следбеници, им поделила отров и ги гледала како завршуваат во грчеви и со пена на устата пред и самата да го стори истото. Подоцна се појавиле гласини дека се работи за убиство, дека убер-лидерот Бјунг Ун Јо ги отрул секташите од страв дека ќе `пропеат` пред властите и дека тоа ќе значи крај на милионските приходи а со тоа и на самата секта. Официјалните извештаи на истражните ограни заклучиле дека сепак станува збор за самоубиство иако тоа не значело дека Јо е ослободен од сомнеж бидејќи наредните години бил честа цел на истрага, па дури и уапсен во 1991 но тоа не довело до долгорочни резултати и Јо бил пуштен на слобода после кратко време...


Недофатливиот Јо повторно влегува во центарот на јавниот интерес во 2014, после потонувањето на `Севол`. Бил издаден налог за негово апсење а биле претресувани разни објекти и канцеларии поврзани со многуте фирми во владение на сектата.
Јо никогаш не бил приведен поради тоа што ја инсценирал својата наводна смрт. Имено, полицијата пронашла леш во поодмината фаза на распаѓање на некои 300 км јужно од Сеул во Јули 2014.
Прелиминарните ДНК анализи дале резултати кои упатувале на можноста дека се работи за Јо. Начинот на кој смртта наводно го стигнала манијакот не била утврдена бидејќи состојбата во која се наоѓале остатоците не го дозволувала тоа.
Непосредно после случајот со потонувањето, стотици секташи излегле на протест во Сеул, а други изјавувале јавно дека Јо едноставно ќе потоне во мрежата на сектата и дека власта никогаш нема да го фати. Иако власта објавила дека помагање на Јо ќе значи повеќегодишна робија - тоа не ги спречило секташите да објават дека ќе му помогнат на својот водач да избега и дека никогаш нема да го откријат неговото прибежиште. Апсењето на неколку секташи под сомнение дека му помогнале на Јо да избега не дале резултати...

Ако се има во предвид дека Јо и неговата секта располагале со стотици милиони долари, добри врски во корејското општество и мрежа на повеќе од 100.000 секташи низ повеќе земји - фанатично спремни да го скријат од прогонот, тогаш не е тешко да се претпостави дека секташкиот лидер-преварант-перач на пари успеал да остане неказнет.

Би било одлично доколку навистина еден таков религиски психопат со изразени среброљубиви склоности завршил како непрепознатлив леш, убиен од страна на некој реален Декстер Морган кој решил да се одмазди за неправдите. Но реалноста е неспоива со телевизиските сценарија а психопатите се отпорни, барем онолку колку и лебарка...

No comments:

Post a Comment