Friday, January 8, 2016

Милитаризам

(By Roger Mortis, 254/134)
Одејќи по сокачето кое водеше кон селската задруга равногорскиот син и истријански зет Звонимир Рантовиќ зачу нешто кое оние пооптимистичните би го дефинирале како потпевнување. Моменталниот репертоар гласеше `Иф ју њууу Пеги Су тралалала лав ју ту мај Пегииии, оу Пеги Сууууу` а исполнител беше Енди Бантер, некогашен резидент на Брајтон а денес локално признат авторитет во областа на воената тактика и глобалната стратегија, повремен металостругар во цивилниот живот.

Сместувајќи се неудобно во расклиманите столици пред масата и не очекувајќи услуга од келнерот за кој се пронесоа гласини дека веќе попримил спиритуална форма, двајцата познаници и потенцијални побратими сами си наточија од Антифризот, разблажен со вода и за некои тринаесет минути веќе беа на патот на анализа на најновите светски милитаристички трендови преку евоцирање на дамнешни спомени.

`И така ти викам, Ирак беше голема светска сила, според некои четврта најсилна армија во светот...` започна Звоне.

`Како да не, четврта сила, глупости` се вмеша Енди.

`Не мораш да ми веруваш, во остатоците на библиотеката можеш да најдеш издание на Џејнс дифенс ривју и да ги видиш цифрите. Тие го потврдуваат она за што зборувам`, возврати Звонимир.

`Па тогаш...како е можно толку бројна армија да се распадне како кула од карти за толку кратко време?`, запраша Енди.

`Тоа е поради парадоксот, пријателе. Постои парадокс, може да се и слаби и јаки во исто време. Дозволи ми да појаснам во што е разликата. Ирак без сомнение беше голема конвенционална воена сила.
Само што кога дојде до судар, ирачката армија беше згазена за пар недели, а тешките загуби на коалицијата и новата марионетска ирачка власт не дојдоа во 2003 при инвазијата и сударот со четвртата армија на светот, туку дојдоа подоцна, при средбата со ороман-тороман, куцо и сакато, младо и старо, герилски амалгам во кој имало се` и сешто, најмалку конвенционална логика.


Сличен случај беше и со онаа...Северна Кореја. И тие имаа огромна, масивна, дебела и мрсна конвенционална армија која би била феноменална во 1959 година да речеме.
Во двата случаи имаше нешто заедничко, а тоа беше брзата пропаст на конвенционалната северна армија за време на Втората Корејска војна. И во 1991 и во 2003, регуларната ирачка армија, една од најбројните во светот - доживеа дебакл од неверојатни размери. Сите најави за долг отпор, тајни оружја и супер-специјални единици се распрснаа како меур од сапуница.

Не се ни знае колку ирачки регрути загинаа во 1991, планини од лешеви и уништена опрема, бесцелно жртвување млади животи долж целата линија на секојдневно флуидната линија на фронтот.
Слично сценарио се случи и во 2021, во војната на корејскиот полуостров. Во 2003, ирачката авијација не ни полета. Одбија воопшто да се жртвуваат, поучени од смртта на многу колеги во 1991. Исто како и во случајот на СР Југославија во 1999 кога пилотите на МиГ-21 и Орао не ни полетуваа, освен неколку инцидентни случаи, оние кои се бореа беа на МиГ-29 кој теоретски требаше да е доволно модерен за отпор...but then...it wasn`t.
Што е до некаде и добро, тоа кажува дек има се` помалку будали на светов, ликови кои би се жртвувале во огнена топка на небото.

А што да се каже за оние јадни момци кои страдаа во застарените алуминиумски канти од советско и кинеско потекло во 2021. Има некоја сентиментална црта во тој чин, млад пилот како полетува во МиГ-19 да се пресмета со јужњачки Ф-15К, нешто како слеп и наглув монголоид кој полека се качува во ринг против Мајк Тајсон...` се залета во монолог Звонко, очигледно загреан од антифризот.

`Ако некој неинформиран те слуша ќе си помисли дека силите на Алијансата си поминале како на пикник за време на таа војна`, го прекина мистер Бантер својот соговорник.

`Па добро сега, не е баш дека...`, се обиде да реплицира Звонимир.

Но попусто, бидејќи Ендру веќе фаќаше ритам.
И продолжи : `Сојузниците имаа три варијанти, да ја заобиколат Демилитаризираната зона по 38-та паралела со помош на поморски десанти подржувани од воздух, втората беше нуклеарната опција а третата беше пробој преку ДМЗ.
`Првата варијанта не само што не е можна туку и би била самоубиствена, затоа што и покрај релативно брзото уништување на северната авијација, морнарица и оклопни сили, самата операција на истоварување на огромен број војници на непријателскиот брег и обид за воспоставување на мостобран би донела неприфатливо многу жртви дури и за милитаристичка култура како онаа која беше доминантна во САД.
Третата опција, настапување преку ДМЗ претходено од стварање на `дупка` во одбрамбената линија па и можен продор кон внатрешноста е нешто кое дури ни комбинираната американско-јужнокорејска армија не би била во можност да го оствари без непрегледни потоци од транспортни Ц-130 кои ќе полетуваат од Сувон или Инчон кон САД полни со лимени сандаци. And they look bad on TV.

Пред се` затоа што С.Кореја не е Ирак по два основи, рељефот (теренот) и немањето можност за генерирање внатрешна `петта колона` како што беше случај со Ирак (Курди, Шиа, разни опортунисти, племенски раздори). А тоа би ги лишило америте од големи предности кои ги уживаа во Ирак.
Сличноста беше во бројот на жители и во воената опрема (иако Ирак имаше и понешто западен хардвер).

Затоа во главите на воените стратези од Пентагон се јави четврта опција, слична на онаа од 1999 и нападите на СРЈ кога авијацијата и морнарицата требаше да бидат одлучувачки фактор.
И откога Томахавките, ласерски и џи-пи-ес наведуваните бомби, Мавериците, бункер бустерите, Аваксите, Сајдвајндерите и останатата високотехнолошка опрема сериозно ја `омекна` регуларната бољшевичка династичка армија до тој степен што таа почна да се распаѓа и со тоа овозможи брз десант на северниот брег од страна на Алијансата -  следеше формирање на герила и на сцена стапија старите добри, досадни, лесни за употреба и смртноносни АК, ПКС, Драгунов, РПК, ИЕД и редица други нискотехнолошки оружја кои од Сомалија наваму (најшокантен пример Хезболах vs. Израел 2006) навестуваа нова парадигма во војувањето која беше на пат да направи револуција, нови тактички системи кои донесоа сериозно изненадување.

Тогаш, изненадувањето беше двојно, новиот систем значеше враќање назад во технолошка смисла, а тоа беше резултат на немањето ефикасна стратегија за анти-герилска војна (каунтер-инсурџенси) бидејќи половина век западните стратези беа опседнати со можниот советски продор низ преминот Фулда и непрегледните маси советски тенкови на пат за Ла Манш, што тогаш нормално имало смисла и им донело голем успех при водењето на конвенционалните прокси војни.

Технологијата стана преуспешна за конвенционална војна и преголем фејл за асиметричен судар. А преголемото потпирање врз висока технологија значеше смрт за илјадници прашинари.
Не дека тоа не им беше јасно на америте, но развивањето на анти-герилска технологија би носело неспоредливо помал профит на воено-индустрискиот комплекс во споредба со фурањето на конвенционална опрема. 250 милиони долари за парче Ф-35, сериозно? А прашинарите Хенк од Алабама и Хозе од Ново Мексико ионака беа expendable, so no problem there...`


`Потполно си во право Енди`, тивко призна г-дин Рантовиќ.

И се надоврза : `Можеби требаше да играат на сигурно. Органичени дејства врз стратешки цели и после неколку недели или месеци `пумпање` да следуваше пуштање од ланец на кучињата на пропагандата - слики на полумртвиот CNN од некакви рушевини за кои ќе се тврди дека се северњачки нуклеарни постројки, `заканата` е елиминирана и светот е повторно сигурен за демокраЦките вредности, сето тоа спакувано со соодветна фразеологија и иконографија.
Доказ за `варварските комунистички ѕверства` и онака немаше да мора да се фабрикуваат, мноштвото руини во сосема доволно блискиот за северњачка тешка артилерија Сеул, лешевите на цивили, лоботомијата, домољубието и повторната победа на капитализмот ќе добиеја нов фикс.`

`А толку многу сакав да го посетам Сеул додека сеуште постоеше` тивко рече Енди...

`Јас пак имав план да уплатам аранжман за посета на Пјонгjанг, отсекогаш ме привлекувале морбидно егзотични места. Но што е тука е...последно што слушнав е дека сега на тоа место имало непрегледни пасишта по кои паселе крда диви говеда, често гонети од мутирани Тигри.`, спомена Звоне.

`Ех...јас и ти сме тешки идиоти, другар.` констатираше Енди.

`Знам` потврди Звонимир.
`Небаре нашево место е нешто подобро од Сеул или Пјонгјанг. Додуша доживеа помалку Мегатони отколку некои други места, но сепак е далеку од магнет за туристи...`

`Туристи...` се поднасмевна Мр.Бантер, `одамна не сум го чул тој збор...и веројатно нема да го слушнам уште долго време. Можеби некои наши потомци ќе го воведат повторно во употреба ако преживеат. Ако успеат...ако...бљјдихфудгос`, бидна прекинат Енди на среде реченица од жестоко повраќање.

Звоне нагонски го сврте погледот кој лутајќи си најде фокус кога се загледа во искинатиот рекламен постер кој некогаш повикувал на кариера во некаква армија...

No comments:

Post a Comment