Saturday, August 1, 2015

Има време...

(By Roger Mortis, 214/094)
По се изгледа дека секоја култура или цивилизација има навика да пее своја `Лебедова песна`, оправдано или не, уште од времето на Сумерите кога одразот на Енлил во огледало познат како Енки решил да стави крај на `Златното доба` во земјата на Меѓуречјето.

И нашата цивилизација, ако со такво име смееме да ја почестиме денешната доминантна парадигма во светски рамки, која се појави на сцена благодарејќи на жесток фикс со фосилни горива - е дојдена до степен на психолошки threshold каде што отворено се разговара за `смак света` сценарија. Не само тоа туку и литературата, филмот и телевизијата доживуваат невидена наезда од апокалиптични теми и дилеми.

Во повеќе земји, почнувајќи од 1936 до денес постојат проекти за временски капсули. Станува збор за изолирани комори а во поново време и сателити кои содржат секакви информации за нашава цивилизација, од најобични секојдневни предмети, преку семиња од најразлични видови - до информации околу денешниов свет и општество.
Према податоците на Меѓународното друштво за временски капсули (lol) - ги има околу 15.000 во целиот свет.

Типичен пример е капсулата на Универзитетот Оглиторп во САД каде што пресметале дека нашата цивилизација почнала да го брои времето во 4241 п.н.е (најраната досега откриена запишана дата) што е 6181 години до 1940 кога капсулата била запечатена. Механизмот за отварање на капсулата е подесен да се отвори за исто толку години од кога капсулата е затворена, тргнувајќи од претпоставка дека тогашните луѓе би биле повторно на доволно технолошко ниво да видат за што се работи...во 8113. година
Овој проект не се базира на оптимизам бидејќи претпоставува некаква катаклизма после која човештвото би почнало да се опоравува во далечната иднина.


Сателитот КЕО подржан од Обединетите Нации и лансиран во 2012-та, содржи право богатство од информации за нашава цивилизација. Дел од проектот бил во тоа што имало доволно вградена меморија за секој еден жител на планетава да испише по максимум четири страници лична порака или било што друго што ќе му дојде на памет и преку меил, директно на сајтот или преку пошта да ја прати до агенцијата која што работи на овој проект.
Не е познато на колкав одзив наишол ваквиот пристап но тоа и не е важно.
Освен лични мислења на рандом раја, сателитот носи и податоци за ДНК/Човечкиот геном, примероци на човечка крв, морска вода, земја и воздух, дигитални записи од се` и сешто, енциклопедии, фотографии...

Re-entry во орбитата е предвидена за 52.000 години од денес...што е сигурно сигурно е.
Освен ако тогашните луѓе бидат премногу напредни за да ја разберат пораката. Или ако се вратат на анимален стадиум на развој при што пораката нема да им значи многу. Или ако тогаш не постојат повеќе луѓе...можностите се безбројни.
КЕО не бил прв сателит со ваква намена но е најголем проект до сега. Постојат и други кои треба да се реализираат во непосредна иднина.

Која е целта на овие капсули во денешно време?
Очигледна и рационална цел - не постои, сепак се работи за страв од проклетството на заборавот, од темпоралноста и краткиот животен век на сите човечки продукти - макар тоа биле и глобални цивилизации, потребата да се каже `И јас бев тука`, за што најдобро сведочи феноменот на Римските `графити` кои преживеале вулкански ерупции и два тешки милениуми и немаат никаква друга порака освен веќе наведената.

Можеби оваа цивилизација е пред крај а можеби и не е, секако за разлика од други цивилизации не зависи само од `надворешен фактор` за катаклизма - туку е самата способна за ставање крај, со Атомска зима или мутиран лабораториски вирус без разлика, но човечката потреба од оставање на печат препознатлив во далечната иднина е присутен уште од времето на Сумерите па и многу пред тоа, ако може да се суди спрема цртежите на сеуште нецивилизираниот човек по разни пештери кои датираат од пред 35.000 години.

А којзнае, можно е гледањето во иднината да биде само контрапункт на носталгијата, феномен изроден од незадоволството со сегашноста но со преференца кон непознатата иднина наспроти глорификацијата на минатото кое што никогаш не се случило...

No comments:

Post a Comment