Friday, August 14, 2015

Островот на радоста

(By Roger Mortis, 219/099)
Островите поради својата специфична положба и природна изолација од копното отсекогаш си имале свое посебно место во агендите на властодршците. Ѓаволскиот остров близу Француска Гијана, злогласен затвор за најзакоравените криминалци од `метрополијата` и противниците на државата, овековечен во книгите на двајца бивши робијаши и еден феноменален филм со Дастин Хофман и Стив Меквин.
Голи Оток и Свети Гргур, трауматичните симболи на Југословенскиот политички прогон, островот Робен, западно од Кејп Таун, апартхејдскиот одговор на Голи Оток кој служел како стовариште за непослушни црнци, Алкатраз - можеби најпрочуениот затвор на сите времиња и секако Возрожденија, бившиот остров кој поради низа `генијални` одлуки на советските политичари и трагедијата на Аралското море доживеал преобразба во полуостров, поранешен таен центар за испитување на хемиско и биолошко оружје, домаќин на експлозии на бомби со Антракс, Бубонска чума и Вариола Вера.

Ниту еден од овие центри на злото не може да се спореди со континуираното, повеќевековно постоење на мизерија, смрт и несреќа на островчето Повељиа, сместено на актрактивна положба во Венецијанската лагуна која е магнет за милиони туристи секоја година.
Иако политиката играла споредна улога во историјата на Повељиа, бизарноста на неговата историја е тешко сварлива.

Поради честите посети на бактеријата `Јерсиниа Пестис` која преку жедните за крв болви со посредништво на стаорците - неколку пати била на праг да го истреби човештвото во `стариот свет` - властите на Венецијанската република одлучиле дека блиското островче е идеално место за Карантин, 40.дневна изолација на потенцијални заболени од чума.
Подоцна островот бил промовиран во масовна гробница за жртвите на таа болест и во изолационен центар за оние кои веќе биле заболени. За брзо време Повељиа се здобил со таква репутација што дури Бенедиктинскиот ред го одбил како поклон доделен од `Млетачкиот Дужд`.

После падот на Венеција, другите `стопани` на ова парче земја се обидувале да го нашминкаат и да ги прогонат суеверијата кои го опркужувале. Биле изградени фортификации, светилник, царински терминали, но сето тоа било однапред осудено на пропаст, дали поради суеверието или поради реално проклетие кое го следело островот е тешко да се каже, во зависност од тоа кој колку верува во натприродното.
Бидејќи чумата не била во мода во тој период, пациенти со други тешки заразни болештини биле носени на островот да умрат во изолација...


Нормално, ако на едно малечко островче-слеш-масовна гробница на повеќе од 100.000 жртви на чума репутацијата оправдано му била нарушена - таа била докрајчена во дваесеттиот век кога бил направен затвор за сторители на најтешки кривични дела, the criminally insane, за да после Првата светска војна, напливот од психички заболени млади лица, последица на `војната која требало да ги заврши сите војни` бил решен со изградба на лудница во која ќе бидат сместени умствено болните.

Резидентниот психијатар во лудницата (на кого за жал историјата не му го запаметила името и затоа оттука натаму ќе го викаме Џузепе) бил креативен доктор кој на свој начин се борел против лудилото. Бидејќи Лоботомијата сеуште не била кристализирана како постапка (тоа ќе се случи некои десетина години покасно), Џузепе на своја рака, аматерски се бавел со лоботомија на `тешки` пациенти, користејќи адаптиран кујнски прибор и други несоодветни апарати како произлезени од сценарио за ефтин хорор филм.
Во својата повеќегодишна напорна борба со лудилото, Џузепе паднал како жртва на олтарот на менталното здравје, и самиот полудел и една ноќ искасапил неколку пациенти со нож. Наредното утро, жалејќи се дека духовите на убиените почнале да го прогонуваат, Џузепе се искачил на светилникот и се фрлил оттаму, како уште едно во низата самоубиства кои станале обичај на Повељиа.

Лудницата егзистирала се` до 1968 кога конечно била затворена, лудаците биле редистрибуирани во разни лудници на копното а со затворањето на установата - островот бил целосно напуштен и останува напуштен и до ден денес, ненаселен запуштен трагичен бисер на неколку стотини метри од еден од најпознатите туристички центри на планетава.
Локалните жители не гореле од желба да го посетат островот а странците...изгледа и тие не се воодушевени од посета на rat infested масовна гробница и затоа островот останува настрана од збиднувањата. Единствено понекој будаласт `ловец на духови` се упатува таму за да ги `снима` наводните јадовни гласови на напатените души кои не нашле мир на оној свет и останале на `ничија земја`, меѓу двата света, заробени во вечното исчекување...

No comments:

Post a Comment