Friday, August 7, 2015

Големиот индиски ѕид

(By Roger Mortis, 217/097)
Се претпоставува дека по мариовските села постоел човек кој немал слушнато за Големиот кинески ѕид. Некои тврдат дека сепак се работи за земјоделец од одредено полошко село, а трети упатуваат на наставник по историја од Радовиш. Без разлика на сето тоа, кинескиот ѕид е општопознат во сета своја фантастичност, величина и визуелна атрактивност која привлекува милиони туристи секоја година.
Древната идеја за изградба на долги ѕидови кои според својата дефанзивна природа би биле пречка за надворешни агресори - има две лица, едното е она одбрамбеното, а другото е помалку познатото, непријатното, а тоа е контролирање на популацијата која што се наоѓа внатре, на територијата која е ограничена од ѕидот. Појасот околу Берлин на пример, драматичниот симбол на Студената војна имал исклучиво офанзивна задача - да ги спречи луѓето да излезат надвор од бизарната творба позната под име `Германска демократска Република`.

Деновиве самодекларираните наследници на некогашните Хуни (унгарците) градат ѕид за да се заштитат од наводна наезда на сиријски бегалци. Згодна иронија, ако се знае дека Хуните биле познати како двоножна Чума, спречувана во своите ненајавени посети на разни територии кои ја имале таа несреќа - баш од разни одбрамбени ѕидови...

Но ниту еден ѕид не може да се спореди со сосема непознатиот Голем индиски ѕид, творбата на џиновската корпорацијата `Источноиндиска компанија` створена за колонијална експлоатација на индискиот потконтинент.
Што е толку посебно во уште еден ѕид, овој пат од другата страна на Хималаите?
Ништо, освен тоа што бил долг 4.000 км.
И тоа што за разлика од другите ѕидишта, овој бил - жив!

Во својата безмилосна потрага по повеќе и повеќе приходи, челниците на компанијата одлучиле да ги наголемат даноците на солта, најважниот продукт на потконтинентот од кој зависела сета економија, заедно со здравјето на поданиците. Поради климатските особености, населението на тие подрачја губи сол од организмот преку губење на телесни течности и потење и таа треба да се надомести.
Солта како стратешки продукт на тие простори била предмет на обиди за монополизација од страна на компанијата, приватен ентитет со државни прерогативи при собирање даноци, царинење и акциза. Имајќи приватна полиција и приватна војска, компанијата долго време се обидувала да ја наголеми наплатата на давачки и да ја намали евазијата и криумчарењето.


Не се знае точно авторот на идејата за изградба на ѕидот иако понекогаш се припишувала на шефот на царинската служба на Агра - некојси Џорџ Сандерс.
Градинарството и одгледувањето на живи огради, ѕидови и лавиринти во Британија е доведено до степен на уметност. Традицијата се протега на стотици години искуство а тоа искуство било повеќе од добредојдено при одгледувањето на Големиот индиски ѕид.
Околу 1840 година, после пробна селекција на многу локални растенија - биле избрани неколку кои ќе бидат посадени во етапи од подножјето на Хималаите на северозапад - се` до Бенгалскиот залив на југоисток во должина од 4.000 км. Заедничка особина на избраните растенија биле трњето, густината и брзината на раст.
Ѕидот бил висок од 3 до 5 метри а широк од два до четири, сосема доволно за да ги обесхрабри можните шверцери на сол и други комодитети.

Очекувано би било да се помисли дека огнот би бил логично решение за уништување на овој ѕид од страна на шверцерите, но една од спецификите на растенијата кои го сочинувале ѕидот била таа што испуштале огромни количини бел, надалеку видлив чад при горење. А тој чад би довел дел од 15-те илјади војници, платеници на источноиндиската компанија и царински чувари распоредени долж ѕидот - на точната локација на местото каде што некој би се обидел да го запали ѕидот.

Овој потфат брзо вродил со плод, населението било приморано да патува низ `тесните грла` долж ѕидот, богато орнаментирани со царински објекти, мерни пунктови и вооружени чувари. Набрзо, приходите од давачки се удвоиле, а подоцна и утроиле. Сепак сето тоа не поминало без инциденти, при разни судари на чуварите и шверцерите загинале 115 службеници а преку 1000 биле ранети за време на скоро 30 годишното виреење на ѕидот.

А тој си растел и растел, одржуван со помош на дел од парите од даноците издвоени за таа намена, изгорените делови биле заменувани со новозасадени трње, стотици бунари и резервоари за дождовница осамнале со цел чудовиштето да се одржи во живот.

Како што знаеме, оданочен човек е жив ѓавол па така и тогашните жители на Хиндустан станувале се` покреативни во избегнувањето на бариерата, спомените од големата Побуна од 1857 биле сеуште свежи а гладот и болестите кои го погодиле Бенгал кулминирале во 1876-78 кога најмалку шест милиони луѓе умреле, делумно и како резултат на постоењето на ѕидот поради недостапноста на солта кај милиони луѓе.
Цифрата е препознатлива бидејќи е еднаква на онаа од Холокаустот со таа разлика што во Хундустан таквите настани биле правило кое се повторувало секои две до три децении, никако исклучок.
После истекувањето на договорот на компанијата со Круната во 1858, управувањето со ѕидот и неговата надградба ја презела британската колонијална управа, крвавиот Британски Раџ на чело со индискиот Вицекрал.

Соочени со опишаните кризни ситуации, растечкиот гнев, масовното дезерирање на чуварите и намалувањето на приходите од даноци, Раџот одлучил да го напушти ѕидот во Април 1879. Без одржување, ѕидот во наредните дваесетина години се проретчил за да потоа и целосно исчезне останувајќи на маргините на сеќавањето, без заслужената историска злогласност која подоцна ја имал неговиот `колега` околу Источен Берлин.

Ако кинескиот ѕид е најголемата градба изградена од човечки раце во историјата, тогаш индискиот ѕид е секако најдолгата засадена било кога, единствен во својата оригиналост, трагичност и брз заборав...

No comments:

Post a Comment