Saturday, April 23, 2011

Кафе

(By Naughty, 046/014)
(Прв дел)
Тоа утро стана малку подоцна од обично. Беше будна веќе некое време, но имаше навика понекогаш да продолжи да сонува со отворени очи. Се доближи до прозорецот, и повеќе рутински, го повлече платното за да фрли краток поглед кон патеката што поминуваше зад нејзината зграда. Надвор беше пролет. Неколку зраци срамежливо влетаа во кујната и останаа таму заробени. Бариерата што претходно ги спречуваше да влезат, повторно беше на своето место, овојпат ги спречуваше да излезат.

Живееше сама. Немаше семејство, ниту деца, ни родители. Немаше ниту пријатели, немаше никој што се грижи за неа. Освен мачките, кои и' се умилкуваа само заради храната што им ја даваше - така таа мислеше, дека не ја заслужува нивната љубов, бидејќи некогаш ни самата не ги сакаше. Како и секое утро, откако ги нахрани, три на број, побрза да свари кафе. Уживаше во утринското пиење кафе, ја правеше среќна. Вареше на двапати, за неа со малку шеќер, за него слатко. Пробуричка низ креденецот и поткревајќи се на прстите од нозете, ја дофати кутијата, но сфати дека е празна.
"Немам кафе. Морам да најдам кафе." - како наредба и' проструи низ мислите.

На скалите се размина со жената која живееше над неа.
"Добар ден..." - тивко изусти.
Госпоѓата ја погледна без да ја сврти главата, промрморе нешто и се прекрсти, продолжувајќи да ги качува скалите.
Патеката поминуваше до школското игралиште, каде се' до пладне учениците имаа часови по физичко, а низ целата населба одекнуваше нивниот џагор, како крик со кој животот сакаше да ја докаже својата убавина на сите оние кои ја забораваа. Сакаше да ја слуша нивната игра, ја потсетуваше на деновите кога и таа играше на истото место.
Го забележа детето на соседите како стои покрај аут-линијата, очекувајќи некое од другарчињата да му ја додаде топката. Лука имаше околу десет години и беше најмилото дете што нејзините очи некогаш го виделе.




"Здраво Лука." - го поздрави тивко, дури плашливо..
За момент се збуни. Секогаш се збунуваше кога таа ќе го поздравеше. Родителите му имаа кажано дека е многу болна и дека затоа ретко излегува од дома, затоа е нечешлана и носи излитени фустани. Секогаш беше сама и не зборуваше со никој, а кога ќе проговореше, тоа беше речиси нечујно. Го облеваше по малку страв. Нејзиното бледо лице и тагата во нејзините очи го потсетуваа на дух. Но, го мачеше уште нешто. Зошто само кога го гледаше него, на лицето имаше насмевка?


"Лука! Ќе играш или цел ден ќе стоиш таму!?" - викна некое од децата.
"Здраво" - и' врати Лука набрзина и потрча кон другите деца.
Во продолжение, друштво и' правеше непрекинатото гракање на гавраните од густите крошни на дрвјата кои растеа крај патеката. Како мала многу се плашеше од нив. Ја потсетуваа на смрт. Но сега, нивната груба песна и' беше мелем на душата.
Продавачот ја пречека како што ја пречекуваше секој пат. Љубезен беше со сите муштерии.
"Добро утро, принцезо! Како си ми денес?" - се насмевна.
"Подобро." - одговори. "Ми треба кафе."
Додека ја испраќаше со поглед, лицето му стана сериозно. Загрижено. Длабоко воздивна и се врати внатре во дуќанчето да ги изброи парите.


No comments:

Post a Comment