Saturday, April 23, 2011

Кафе

(By Naughty, 047/014)
(Втор дел)
Минувајќи ја улицата, го симна погледот за да ги избегне оние на минувачите од другата страна. Мислеше на тоа колку ќе уживаат во кафето. Додека го пијат, ќе си зборуваат и замислуваат за куќата во која ќе живеат. За бојата на ѕидовите во детските соби. За тоа како ќе ги воспитуваат дечињата. На крајот, кога таа ќе стане да ги крене празните филџани, ќе ја повлече за рака и ќе ја седне во скутот. Ќе ја прегрне и ќе ја пофали дека му сварила најслатко кафе на светот. И ќе ја бакне. 
Наеднаш, почувствува остра болка од левата страна. Рефлексно се сврте и тогаш... Тогаш запре се'. Целиот свет стана нем и се претвори во тишина, можеше да се чуе само себе си:
"Тој е! Тој е! Тој е!" - не престануваше да одекнува во нејзината глава.
"Звездан?!" - подвикна.
Човекот кој веќе беше стигнал до тротоарот, збунето погледна кон неа и се стаписа. 

"Кристина? Ти си?" - извика гласно.
Ја прегрна силно колку што можеше.
"Изгледаш прекрасно. Kако ангел. Секогаш си била." 
"Што бараш тука? Мислев дека си во Америка." - следуваше прашање.
"Се вратив пред некое време. Не можев да издржам повеќе таму. Но, тоа не е важно. Ти како си? Сигурно си веќе омажена. Имаш дечиња, а машкото се вика Лука. Секогаш го сакаше тоа име. Така?" - радоста на неговото лице полека се претопуваше во израз на болка.
"Не будалче, сама сум."
"Kако сама? Зошто?!" - го знаеше одговорот. Му потече солза. Не можеше да ја запре.
"Тоа е твое место." - рече таа. "Патем, уште го пиеш кафето слатко?"
Веќе не беше солза. Беше дожд. Почна да плаче на глас.
"Не требаше да заминам, љубена! Прости ми! Секогаш те сакав! Се вратив за тебе! Никогаш веќе нема да те оставам!"




Немаше сила да мрдне. Не си го чувствуваше телото. Само пулсот. Се' посилен и посилен. Неговата прегратка, неговите бакнежи, неговите солзи, и' вратија безброј слики. Се виде себе си како се смее. Плачеше. Се виде како се радува. Ја болеше. Беше преморена. Но, беше среќна. Конечно беше среќна. 

Полека ги отвори очите. Гледаше во небото. Над неа еден куп луѓе мрдаа со устите. Зборуваа. Викаа. Се' што имаше на нивните лица беше страв. Од тишината полека се издвојуваа пригушени звуци. Од далечината слушна забрзани чекори.
"Што се случи?! Што се случи?!" - викаше некој испаничено.
"Се разминавме на улицата..." - низ солзи, со прекини раскажуваше некој друг. 
"Ме нарече Звездан.. Изгледа мислеше дека сум некој друг.. Кога се завртев, таа се' уште стоеше на средина на улицата... Беше предоцна, не можев ништо да сторам.." 
Гравитацијата и' го повлече погледот на страна. Се' што можеше да види беше регистерската табла на искршениот автомобил. Не можеше да ја прочита. Знаците се прелеваа во чудни форми. Беа прекриени со крв. Само еден јасно се издвојуваше - З. Тоа беше последното што го виде.

Тој ден, навидум се' беше како и обично. Лука сеуште играше со другарчињата. Соседката по којзнае кој пат ги искачуваше скалите. Продавачот љубезно ги дочекуваше и испраќаше купувачите, а потоа задоволно ги броеше парите. Никој не почувствува дека времето запре за момент. А запре. Запре за да ја види најубавата насмевка на лицето на едно безживотно тело. Мачките беа мирни...

No comments:

Post a Comment