Saturday, March 5, 2011

Победа

(By Roger Mortis, 011/005)
Непрестано гледаше низ отворот.
Се сеќаваше кога за прв пат леташе пред многу години и се чудеше како глетката не престанала да го фасцинира после толку многу време. Светот изгледаше сосема мирно и спокојно како и секогаш.
Се прашуваше. Од каде баш сега сите тие спомени, ненајавени почнаа да се вртат низ неговата  глава. Дамнешни пријателства, полуостварени и неостварени љубови, планови кои добиле  неочекуван правец. Многу поважни работи требаше да му се вртат низ черепот отколку некакви спомени за нечиј живот...неговиот живот.
Прашања. Зошто не побара број од онаа црнокоса, висока, малку уморна девојка која го гледаше онаа вечер во аеродромскиот бар пред да ја добијат неочекуваната команда. Командата за која се обучуваа со години надевајќи се дека нема да ја слушнат, меморирана одамна во еден посебен дел од мозокот.
Не беше вежба. Оперативна задача, лет со активна боева употреба.
Ниедна не доби шанса освен НЕА...другите, нејзините конкурентки, плавокоси и црнокоси, а можеби и по некоја црвенокоса тешко се решаваа да се релоцираат со него, половина година на Окинава, половина година во Аризона, година во Кореја, две на Диего Суарез...но ТАА секогаш го пратеше каде и да оди.

Секогаш беше исполнителен, ведар, по малку ригиден, послушен и премногу не се оптеретуваше со некои прашања. Не беше особено перцептивен за да сфати дека неговите мисли се нечии туѓи фрази со кои го клукале низ военото училиште...
За прв пат го обзеде некое чудно чувство во таа приквечерина на 8000 метри над северниот Пацифик,сам со неколку колеги во некогаш величествениот Boeing B-52 Stratofortress голема и моќна 200-тонска машина која ја познаваше поинтимно отколку неколкуте девојки со кои имал сериозни врски, подобро отколку со родителите, таткото воен пилот missing in action некаде некогаш над некоја безначајна точка на планетава терајќи го змејот на Air America, белиот и зелениот, и мајка му која се држеше некако без воља посебно да го воспитува синот, освен неколкуте приказни за наводните херојски подвизи на татко му, во паузата меѓу гледањето квизови и филмови, спиењето под фенобарбитол и понекоја случајна, брза јебачина со типот кој продаваше хот дог на ќошот и кому му беше сеедно која дупка ја набива...
Нејзиниот син беше битка која ја изгуби без многу борба. За разлика од сопругот кој извади бело знаме неколку месеци од раѓањето на идниот јавач на апокалипсата.




Учеа и тренираа за неа. Иако беше крупна и тешка, зрачеше со некоја енергија која бараше многу калиум и јод за нејзините љубовници. Иако висеше по влажни складишта и немаше којзнае каков социјален живот после трите дена во еден сончев Август, иако ја користеа само на некои опскурни места како Маралинга, Монтебело, Бикини атолот или Танезруфт појасот - беше вистинската. Таа. Бомбата.
Ултимативен симбол на деструкцијата.Оргазам од 1100 килотони сирова снага. B-28M беше нејзиното вистинско име. Нагалено „Molly“...ја викаа и слатката мала, веројатно да го прикријат стравот што летаат со неа, знаејќи ги нејзините склоности.

Непријателот...немаше можност да возврати, стандардите за mutual assured destruction не важеа...
Такви барем беа разузнавачките информации со кои трнаа во напад.

На неколку наврати низ главата му помина мислата “не бевме ние криви...тие први почнаа„ ...“што можевме освен да се браниме“...

Разузнавачките информации, плановите и операциите имаа еден заеднички пресек.
Беа 100% сигурни само во сметките на политичарите.

Овој пат немаше назад.
Напред беше целта.
Molly, слатката мала, беше истоварена по планот.

Горивото беше при крај, последните капки беа беспомошно извлекувани од резервоарите.
Повиците за дополнување на гориво во воздух наидуваа на мртва тишина, летечките танкери кои требаше да се појават не се појавија и не одговараа на повиците.
Немаше каде да слета. Долу беше пеколот, горе беше мерачот за гориво чија сказалка незапирливо одеше кон дното.
Ја испуштија можноста за принудно слетување на вода пред некое време, сигурни во постоењето на својата база. Јасно им беше што се случило, но и онака немаа време за некаква си бура од емоции, гнев, тага. Можеби само шок...
Копилотот веќе извесен период беше навлезен во некој свој филм, потпевнувајќи некаква песна...

As I was walking,
That ribbon of highway,
I saw above me
That endless skyway,
I saw below me
That golden valley.
This land was made for you and me.

Чудно, но не беше активиран автопилотот на авионот. За разлика од автопилотот во главата на нашиот лик, кој во последните минути пред Стратосферскиот ѕвер да биде привлечен од гравитацијата надолу сеуште неуморно работеше.
Не му беше жал за ништо, ни за себе ни за пепелта која ја оставија некаде таму, ни за своите долу. 

Беше задоволен што конечно им покажаа.

No comments:

Post a Comment