Saturday, March 26, 2011

How I met the Yellow Raven

(By The Priest, 023/007)
(Седев пред големата бела дрвена порта на мојата стара плитава селска куќа. 
Се сеќавам дека гледав далеку на хоризонтот. Мојот поглед ја „пробиваше“ ролатната планина која требаше да се премине за да се стигне до Новото Село. Јас лутав само со мислите, не ни планирав да одам таму. Во раката ја држев потковицата која ја најдов закачена на еден клинец од десната страна на чардакот, веднаш под пенџерето. Ми кажаа дека тоа е се што останало од големата стока што порано била чувана тука, во овие крупни дворишта. Ја тркалав на показалецот. Нозете ми беа прекрстени, десната рака им тежеше. Левата сум ја заборавил во џебот од моето палто. Сигурно сум барал нешто. Очигледно не најдов.

Ми се чини дека бааги време седев и не правев ништо што не го споменав до сега. А сонцето веќе немаше сили, веќе не можеше да се докрепи горе, највисоко што можеше. Полека почна да се тркала по синиот небесен со веќе излитена фраза наречен свод.)

Ја фрлив потковицата од коњот што некогаш тука си го отслужил своето, ги стокмив двете нозе наспроти и главата ми падна на двете дланки. Чиниш изморен бев. Или тажен. А јас само си ги триев очите мои. Само тие беа изморени. Проткаени беа милион приказни додека ја посматрав втората статива на игралиштето. Го барав изворот, онај за кој мислев дека има вода што не се пие, ама не го најдов. Касно лето е, има високи шавари.




Ги ставив двете дланки на колениците како механизам кој ќе ми помогне полесно да станам. Се исправив и го разработив мојот стар рбет во младо тело. Со двете раце како орел раширени се чувстував пријатно. Кога го завршив тој рефлексен ритуал, широко ги отворив очите, погледнав интуитивно надолу по благата стрмнина. По високиот ни наш двор забележав човечка силуета. „Кој ли може да е?“ - се запрашав. Знаете, јас нејќам ненајавени гости во случај да не ми се посебно драги. Нетрпеливо чекав да се доближи, со десната дланка преку челото и зо забрчкани мускули околу очите се трудев да ја победам дифузната сончева сјајност.
Милион мисли, повеќето негативни, ми поминаа низ главата додека правев математики кој би можел да ми дојде на посета. Кој би можел да ме бара тука? 

Човекот беше облечен во црно одело и црна капа со цревена линија наоколу како панделка. Имаше долга светла коса. Кошулата му беше свилена, бојата не ја паметам. Имаше мустаќи. Другите детаљи кои би го опишале неговиот изглед не можам да ги обелоденам, од проста причина што не ги паметам. Кога дојде блиску до мене, бев сигурен дека прв пат го гледам. не ми рече ни здраво. Стоеше исправен пред, со десната рака малку подадена кон мене. Дланката му чуваше кутија цигари. Една беше истакната, што беше доволен знак дека треба да ја земам. Ја зедов. Тој зеде еве. Едната ја стави на увото, другата ја запали. Јас ја запалив и мојата. Но, се изненадив кога тој преку рамо ја фрли кутијата која беше речиси полна. -„Нема да ни треба!“ рече и се упати кон местото каде што до пред неколку минути јас господарев. Пред големата бела дрвена порта. Седна пред вратата на степеницата самоуверено и со блага ароганција како секој ден да го правел истото. Гледаше некаде во далечината, и ја димеше цигарата толку опуштено, како ова да го чекал целиот свој живот. А јас само го гледав. Ми се чини дека во тој момент бев, на некој начин вознемирен и изненадев, воопшто не знаев што се случува. Сега, можам да кажам дека вака требаше да направам, ова требаше да го речам, но, тогаш поинаку размислував. Ситуацијата беше нешто што не се среќава секојдневно. Одлучив да речам нешто, било што. Па го прашав:

- Барем да кажеше добар ден...“
- Добар ти е? Воопшто, добар е?
- ...
- Од кај си?
- Зошто е битно од кај сум. Битно е каде сум.
-А кој си?
- Допрва ќе го установиме тоа. Засега сум човекот кој пуши цигара и гледа некаде во далечината. Знаеш, тие индијанците имале перцепција за која многумина можат само да сонуваат.
- Зошто си тука?
- Каде?
- Овде!
- Ти си таму, јас сум каде што сум. Те молам, не ги компликувај работите! - ми одговори брзо и опуштено со последниот дим од цигарата која ја изгаси токму од потковицата која набргу ја зеде во двете раце за да ја посматра.

- Која е причината што дојде на ова место? Човеку, не те познавам!
- Ниту јас не знам кој си. Тоа не прави еднакви. Дојдов тука од многу причини. Повеќето не ги знам.
- (се насмеав па му реков) Пријателе, не се зафркавај, кажи ми што бараш тука!
- Велат, убаво било ова место. Велат, утрата се прекрасни. И свежи. Велат, имало и чести виножита...


No comments:

Post a Comment