Tuesday, March 29, 2011

Мојата вечна инспирација, `Пеперутката`

(By Roger Mortis, 026/009)
Тука лежи вољата која не умира. Кој ги познава тајните на вољата и нејзината сила? Она што го викаме Бог не е ништо друго освен големата Воља која ги подредува сите работи според природата на нејзината намера. Човек не се предава на ангелите, па ни на смртта целосно, освен преку слабоста на својата кревка воља.
Џозеф Гленвил

Она што не крши во секојдневието, оние обични работи кои со баналноста и монотонијата не разјадуваат и од кои кукаме секој ден...на некое место,во некое време и за некои луѓе биле маларија, комарци, содомија, колера, самица, ајкули, гиљотина и смрт. И надеж. За бегство. За Слобода.
За еден човек, затвореникот 54345, наводниот убиец на некојси Марсејски сводник, поранешен војник и фалсификатор сите оние поими кои ги прочитавте погоре биле секојдневие 15 години. Неговото име е Шарие. Анри Шарие. Да, тоа е `Пеперутката`. Оној за кого никој на планетава не би се менувал. А кого јас го почитувам како Човекот број еден. Примерот број еден. Надежта која како што често ни солат памет никогаш не умирала.
И онаа воља за која што ни зборува Гленвил, онаа која не умира ни кога гледаш како најубавите години одат низ цевките на канализацијата во самицата во Кајена. Не...ни тоа што останува без сите заби...скоро без коса...што маларијата го зема својот данок..што шест пати е фатен во обид за бекство...што си зборува сам со себе 5 години во изолационата ќелија, сам со својот ум, лебарките и стаорците... Ни тоа не е доволно да го скрши Анри `Пеперутката` кој ете дотерал до петнаесеттата година во Гијана и како стар робијаш има ретка привилегија бидејќи го оставаат да умре на Ѓаволскиот остров, последната станица за луѓето претворени во бројки. Стар...на некој начин...има 38 години иако кога се гледа во огледало препознава старец на кого во Марсеј би му дале 75 и би му помогнале да ја премине улицата. Учтиво.

Една работа на која не сметале властите била таа дека се работи за Анри Шарие. Кај него очигледно проработува некоја искра во мозокот која го тера да ги заборави мртвите другари за кои копал дупки во блатото на Кајена, оние кои исчезнаа без трага при обидите за бекство па и тие кои полудеа во самицата по година-две, а каде тој беше пет. Сепак, Анри не оди сам. Има неколкумина кои се спремни да ризикуваат. Рене, Луи, Паскал...кои сеуште сонуваат за слобода.




Доаѓа и тој ден. Се оди според планот. Бекството успева. Седмо по ред. Дали ќе биде ова конечното? Крајот на агонијата. Можеби...завршуваат во селото каде француската колонијална власт ги населува лепрозните жители на колонијата. Којзнае...и лепрозните можеби ќе помогнат... Тука доаѓа тестот. Оној тест кој ја мрзне крвта и убива во поим. Еден фин господин кој изгледа како авторитет во селото, иако му останале само два прста на раката со која ја држи пурата, цинично го нуди Анри со пурата која ја пуши меѓу лепрозните остатоци кои веројатно некогаш биле јазик и усни. Неприфаќањето на непишаните кодекси во пеколот на Гијана значи смрт. Брза смрт. Дали поради тоа или инаку Анри опуштено ја зема пурата и повлекува. Без гајле. Без страв. Триумфот на човечноста ги полни со солзи лепрозните очи кои скоро и да не гледаат. Има и такви. Кои не се гнасат од лепрозните. И кои делат цигара од евтин тутун. Со човек кој се распаѓа. Им даваат чамец и другарите бегаат...не за долго...судбината повторно им се сере на прагот. Ги фаќаат. Ете и седми пат. Назад во изолација.
Тоа е крајот. Анри Шарие и компанија ги броjат последните денови на Оној остров... И за најтврдокорните еднаш паѓа завесата...тоа е тоа...

Are you shittin` me? Ма каков крај... Анри веќе гледа кон морето. Повторно...Да...нема крај...нема почеток...хоризонтот ги развејува сите маки и црнила кои 15 години го мачат. Сакавте да знаете што е слобода? Тоа е неговиот домен. Ако некој знае знае тој. Пеперутката. Бројот 54345. Кој пакува една вреќа со кокосови ореви. Еден скок. Заборав или слобода.
Неутврден ден 1946. Некој секое утро ја буди Сењора Рита Шарие на брегот на Венецуела. Таква навика има. Станува в зори. Таа му е Оној остров.
Тоа е Анри. Вистинската приказна за Пеперутката. Среќен крај? Да. Рита, три деца, живот во слобода...па и книгата која допринесе пеколот на Казнената колонија да биде надживеан од самиот Анри. 
Напишана од него.
И покрај се.

До последен здив, Mon Ami

No comments:

Post a Comment