Tuesday, July 7, 2015

Кај им е сонцето?

(By Roger Mortis, 194/74)
Во светлите анали на секташењето со бледо-златни букви е испишано името на сектата Ред на Сончевиот Храм, меѓународен култ кој се прославил преку ритуални самоубиства, убиства, конекции со организираниот криминал и пружање прибежиште на избегани нацисти. Што повеќе може да се посака од една секта?

Базирана во Франкофонскиот свет и основана во педесеттите години, оваа секта проповедала учење базирано на католички мистицизам испомешан со генерална Езотерија, верувале дека се наследници на витезите Темплари и го очекувале второто доаѓање на Исус. Покрај тоа активно се бавеле со потрага по Антихристот и со прибирање на сомнителни ликови со нацистичко минато како на пример екс-Гестаповецот Макс Хајндл.
Меѓу другото биле инспирирани и од учењата на Телемитскиот војвода Алистер Кроули иако не им било туѓо ниту верувањето во вонземјани.


А добро е познато дека било која секта која држи до својата репутација мора да има контакт со вонземска цивилизација, simply it`s a must...

И така Редот ќе си постоел како уште една фринџ групација на секташи, доколку не се случела промена во раководството на сектата. Извесни Жозеф ди Мамбро и Лик Журе се појавиле на сцената во осумдесеттите години и започнале со радикализација во структурата на верување. Ескалацијата започнала во 1993 кога се смета дека се извршени првите `чистки`, убиства на членови но и на `цивили` за да сето тоа кулминира со убиство на бебе кое го ликвидирале поради неосновани сомненија дека се работи за Антихристот лично, претпоставувам дека веројатно го гледале филмот Омен и го сфатиле сето тоа премногу сериозно.
Бебето било убиено на специјално подготвен олтар со помош на дрвен колец низ срцето. Иако тоа е повеќе анти-вампирска отколку анти-ѓаолска технологија, сепак според секташите била ефикасна и во поглед на новородени ѓаоли.


Неколку недели после убиството на бебето, убедени дека мора да се вознесат во нова димензија, во 1994 на неколку локации во Франција, Швајцарија и Канада секташите организираат `последна вечера` (не се знае какво било менито на тој кулинарски настан), се облекуваат по најнова секташка мода (квази-витешки наметки) вршат масовни самоубиства и убиства на оние кои се `слаби` за да самите си го одземат животот...и во сето тоа страдаат барем 54 лица, вклучително и погоренаведените лидери на сектата. Медиумите и полицијата стапуваат на сцена но и покрај тоа, секташите продолжуваат со спорадични суициди и хомициди барем до 1999 до кога се смета дека паднале вкупно 79 жртви иако некои шпекулираат и со цифра од 100 до 110 мртви.

Новиот лидер на сектата во нејзиното пост-суицидално издание бил суден во Франција на почетокот на 21.век но бил ослободен поради недостаток на докази.

Оваа секта не добила медиумска покриеност како Народниот Храм или Аум Шинрикјо (Канада можеби не е толку телевизична како САД), но и покрај тоа се работи за еден од најжестоките култови во дваесеттиот век, на крајот на Милениумот - кој поради некои причини ги дразнел секташите од Токио до Краков и од Женева до Преторија и претставувал сериозен мотив за секташко насилство свртено кон себе...и кон светот.

No comments:

Post a Comment