Friday, July 3, 2015

Ристе од Јапан

(By Roger Mortis, 189/69)
Заборавете го Ден Браун и компанија, вистинскиот плот твист околу Исус доаѓа од...Јапонија...од причина што Синот Човеков бил таму погребан!

Исус, наспроти популарното мислење дека се викал Јешуа и дека потекнувал од Јудеја, всушност се викал Кирисуто и си живеел во селото Шингомура во префектурата Аомори, се` до својата 21.година кога заедно со брат му Исукири тргнал да ја шири својата гланц нова религија, мешавина на месните верзии на будизам и анимизам (!?) низ светот при што после разни авантури низ Сибир и централна Азија, стигнал во Јудеја каде што неговите учења поради некоја причина наишле на голем одзив кај локалната раја, но и на непријателство од страна на локалните рабини и Римските власти, кои како што знаеме `му ја скроиле капата`...
Понтие Пилат го осудил на распнување и сето тоа, но тука во приказната влетува Исукири (кој наводно многу личел на брата си) и се понудил да се жртвува на крстот за да може Кирисуто да преживее и да ја продолжи Божјата мисија.

Како што знаеме, во Библијата има дупка во биографијата на Исус и тоа од некои триесетина години што било мотив на многумина да шпекулираат околу дејанијата Исусови (Кирисутови?) за време на тој период.


Кирисуто преживеал благодарение на братската жртва и тргнал назад кон Јапонија. После многу перипетии конечно стигнал дома и решил да ја практикува духовноста на малку поприземен начин, се посветил на одгледување ориз, се оженил (жалам Ден Браун, имало луѓе и пред тебе со таква теорија) и му се родиле три ќеркички. Подоцна повторно почнал да проповеда, но тоа биле мирни и нежни проповеди, патувал низ сите Јапонски острови и се упокоил на зрела возраст од 106 години.

Неговата лоза наводно траела до ден денес во Јапонија каде семејството Савагучи сеуште ја негува традицијата на својот славен предок и на ретките намерници и туристи им ја раскажува легендата.
На нивниот имот е и самиот гроб на Кирисуто, а во близина се закопани едно уво од брат му Исукири (!?) кое успеал да го добие на непознат начин од Римските легионери (можеби од самиот Лонгин кој се мотал по ридот Голгота во тоа време) па дури имаат и место каде е закопан прамен коса од Марија Магдалена, извесна Еврејка со која Кирисуто имал кратка но интензивна врска за време на неговиот престој во Јудеја иако не се знае како завршило сето тоа...

Документите кои ги имало семејството Савагучи биле однесени на тестирање во Токио во 1930-те но настрадале за време на ратот кога Токио бил бомбардиран со напалм при што загинале повеќе цивили отколку во експлозиите на двете атомски бомби - заедно, и исчезнале многу објакти од државно значење заедно со многу архиви преполни со списи и документи кои се наоѓале таму.

Which is... quite convenient

No comments:

Post a Comment