Wednesday, July 15, 2015

Бела Ружа

(By Roger Mortis, 203/083)
Морињата и океаните немаат ексклузивен договор со универзумот за мистериозни настани туку и реките и езерата кријат свои тајни. Ок, некои езера како езерото Мичиген се со големина на море така што бродоломите и не се нешто премногу ретка појава.
Но некои бродоломи се сепак единствени поради многу причини.

Во 1875, скунерот Роза Бел (Убавата Роза) со 10 души на палубата се превртел од непознати причини. После извесно време, превртениот брод задржувајќи каква таква пловна способност бил исфрлен од ветровите и струите точно на пристаништето Гренд Хејвн (Големиот рај), гротескна ситуација кога бродот сам по себе се појавил на докот (!?). Само што од десетте патници и членови на екипажот немало ни трага и никогаш не се разјаснила нивната судбина.

И сето тоа би било само уште трагична мистериозна епизода, фуснота во локалната историја ако бродот не бил доволно зачуван за да се исплати да биде поправен и реновиран.
И ако не се замешала секта...

Откако го реновирале, бродот бил во служба скоро половина век. Во 1921, бил изнајмен од страна на сектата Давидова Куќа, рисјански култ познат по своите напредни сфаќања, афери со оргии, основањето на богоугоден безбол клуб, по тоа што изградиле сопствено гратче и по правилото дека сите мажи морале да носат брада.

А кога рисјанска секта се качува на брод во чие име стои зборот Ружа, па макар и Бела - не може да испадне ништо добро.


Есента 1921, бродот повторно сам од себе се појавил на пристаниште, овој пат Ен Арбор, повторно превртен и повторно без ниту еден од луѓето кои биле на него, во случајов без 11 секташи кои го изнајмиле скунерот.
Секташите ја доживеале истата судбина на несреќниците од 1875, исчезнале без трага за вечни времиња и вечнаја памјат.
Причините за превртувањето не биле познати. Времето и условите биле сосема добри иако на бродот после неговото појавување било забележано мало оштетување, кабината со кормилото била скоро уништена а на трупот над водената линија имало дупка. Тоа наведувало на заклучок дека се работи за судар но ниту еден брод не пријавил такво нешто и никогаш не се појавиле сведоци на таков настан, ниту пак се пронел глас за поправка на оштетен брод кој евентуално би учествувал во сударот.
Никогаш не се утврдило кој е мистериозниот брод кој ја удрил Роза Бел.
А можеби се работело за Вознесение, одамна очекуван религиски ивент од страна на подобро информираните рисјани кога праведните души ќе бидат вознесени директно во рајот додека на земјата ќе останат оние грешните...

Без разлика на превртувањето, како круна на бизарноста, бродот во двата случаи останал над вода и во двата случаи никој не се спасил и не само тоа туку сите тотално исчезнале без траг.

По овој инцидент, почнале да кружат гласови дека бродот зема жртви на одредено време, as if it had a mind of it`s own  а една од теориите подоцна била дека патниците од 1875 влегле во временска дупка, се појавиле во 1921 изнајмиле стар дотраен брод, ја сочекале Роза Бел да доплови до истото место каде што тие исчезнале (и навистина превртувањата се случиле скоро на идентично место) - и со целосна брзина удриле во нивниот поранешен-сегашен брод-душман. Или беше иден?

Временските парадокси отсекогаш ми предизвикуваат главоболие па затоа не сум сигурен дека последната теорија има било каков смисол.
После вториот инцидент било решено да не се ризикува повторно со Убавата Ружа, бродот бил размонтиран за секој случај и завршил како извор на огревно дрво, испраќајќи ја последната симболика за пеколните огништа каде можеби ги испратил секташите поради нивното неправоверие, оргии и секташлук.

No comments:

Post a Comment