Wednesday, July 8, 2015

Црна Ружа ваше младости

(By Roger Mortis, 197/77)
Скоро и да нема човек под 50 години кој нема слушнато за најславната секта на екс-Ју просторите (па и пошироко), митската Црна Ружа, наводна сатанистичка тајна организација која се бави со широк спектар на дејности - од ритуални самоубиства до сквернавења на гробишта, од жртвување животињи до слушање на Панк-Рок и Дет-Метал, дрогирање и оргијашење - и сето тоа во слава на Нечестивиот кој е гладен за кревките и невини души на тинејџери и тинејџерки.

Непостоечка а сеприсутна, кога станува збор за Црна Ружа секогаш се работи за `познавање` на секташките активности од шеста рака, пријател на свекрвата на старосватот на комшијата раскажал како се отепал средношколец некаде после долгогодишен стаж во Црна Ружа...

Сепак сите патишта кон почетоците на овој култен Култ водат во Загреб.
Постојат неколку верзии за појавата на недофатливата секта и сите се фасцинантни на свој начин.

Една верзија е дека најдалечниот траг на поимот Црна Ружа водел кон истоимен кафиќ во Загреб, некаде во времето кога умрел Тито а во тоа време имало наезда на металци, панкери и остали секташи кои шокантно и скандалозно облечени го посетувале кафиќот Црна Ружа, име кое подоцна прераснало во симбол на црнилата, гробиштата, слушањето грамофонски плочи од опаку и жолтите свеќи. Моралното граџанство било вознемирено од едно такво место каде нивните деца се собирале и масовно ја продавале душата на ѓаолот. Наводно се наоѓало во подрумска просторија (логично, под земја, поблиску до Адот)...Не се знае судбината на угостителскиот објект кој го носел тоа име некои тврделе дека пропаднал за време на `Домовинскиот рат` а некои дека култниот кафиќ го изела транзицијата...така барем гласи една од теориите за потеклото на сектата.


Друга верзија зборува за Хеви-Метал бенд со име Црна Ружа, оформен при крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите во Загреб и фронтменката Ненси, млада женска особа која што била вокал на групата. Медиумите во тоа време изнедриле umbrella term за сите нови појави на анти-друштвено поведение кои доаѓале од трулиот запад (Панк, Метал, Њу Вејв, Пост Панк, Хард Рок) во тој период. Тој поим бил `Даркери`, веројатно поради црната боја која преовладувала во дрес кодот на фановите на наведените правци.
Бендот и Ненси имале ограничен успех со свирки низ второразредни клубови а наводно подоцна, под теретот на неостварените сништа, дрогата, алкохолот и сексот - Ненси се самоубила со скок од осми кат со што се родила легендата за суицидалната норма која мора да ја исполнат членовите на Црна Ружа.
Црната Ружа од метал-бенд била промовирана во секта низ тогашните медиуми и се` останато е историја...

Трета верзија е онаа за УДБА, сеприсутна и за жал постоечка организација која во обид да ја зачува традицијата на социјалистичкото самоуправување на работничката класа на Југославија од постојаните закани на западното влијание - ја измислила приказната и преку своите медиумски експоненти ја пласирала меѓу јавноста. Во сето тоа помогнало самоубиството на Ненси кое било искористено за стварање на самоубиствениот мит.

Четврта варијанта кажува за познатиот авантурист и водител на сомнително ток-шоу Жељко Малнар кој наводно бил основач на Црна Ружа. Жељко бил сопственик на кафиќ (или биртија!?) во кој се собирала алтернативна младина која што ја врбувал за членство во Црна Ружа. Една од припадничките била и Ненси која во оваа верзија не била пејачка на бенд туку само металка, ќерка на висок офицер на ЈНА кој во својата соцреалистичка закоравеност и забранил на ќерка си да се дружи со сомнителни ликови и да слуша лоши музики.
Бидејќи тинеџерката била тврдоглава, пушела, пиела, имала еден куп кецови на чколија (а можеби и вошки) - офицерот се решил на драматичен чекор - ја заклучил Ненси во станот. После извесно време, Ненси затворена и изолирана, скренала од умот како што се вели и се фрлила од осми кат.

Радио Милева во тоа време била главен преносител на вести па така во околината на Загреб хистеријата околу Црна Ружа достигнала врв после самоубиството на Ненси кога бесна толпа загрижени верници забележала поп облечен во црна мантија како излегува од Фиќо.
Којзнае зошто, таа ситуација им се причинила дека е некако `секташка` и рајата го претепала попот мислејќи дека е `Даркер`...а тој ни крив ни должен само си носел црна попска униформа!
Тоа не бил единствен напад врз вработен во црквените редови а слични напади имало и врз други особи кои носеле црна гардероба...


Петтиот траг води кон загребскиот сатанист и `гузоњин син` Александар Милес, црвено-буржоаско чедо кое е познато по организирањето на кражба на илјадници ретки книги од националната универитетска библиотека во Загреб, вредни милиони тогашни марки кои подоцна биле криумчарени и продавани по приватни колекции во Австрија и Германија.
Се зборува дека Црна Ружа била криминална а не религиозна организација која ја основал и развил Милес како мрежа за кражба и криумчарење на ретки книги иако се тек на време групата се преориентирала и на други лукративни полиња како шверцот на дрога на пример.
Милес бил уапсен во 1988 и осуден на петнаесет години робија заедно со дел од групата. После несупешниот обид за бекство при кој Милес дури успеал да земе и цајкан како заложник - сатанистот паднал во депресија и си го одзел животот во 1994. Групата наводно опстанала и после смртта на лидерот па дури и се развила во значаен фактор во криминалното подземје на Балканот а убиствата маскирани како самоубиства при криминални пресметки заедно со сатанизмот на оновачот биле повод да се роди медиумската приказна за секта под име Црна Ружа...

Шестстотини шеесет и шестата верзија ја обвинува црквата како организатор на митот за Црна Ружа, во обид да се застраши стадото и да се врати младината на прав пат, група католички попови најмиле неколку богоугодни новинари да објавуваат стории за присутноста на ѓаоло низ улиците на Загреб и пошироко со надеж дека младите ќе се згрозат од бранот на наводни самоубиства предизвикани од разузданиот стил на жиеачка и општиот неморал, а нивните родители ќе имаат нова `Баба Рога` со која ќе ги плашат своите чеда. Подоцна овие стории по принципот на `расипан телефон` се расшириле низ сите екс-Ју држави каде и ден денес се присутни во печатените медиуми и интернет порталите.

Дека патот кон пеколот не е послан со црни ружи туку со добри намери најдобро сведочи тоа што денес скоро секое самоубиство на лице под 30 години во било која од екс-Ју земјите мора да биде поврзано со Црна Ружа на барем еден медиум, тестамент на трајноста на масовната халуцинација, на потребата од скриен непријател кој вреба од темнината и кој иако ѓаолски - ќе ги превземе на себе сите родителски и системски гревови кои довеле до тоа млад човек да посегне по својот живот...

No comments:

Post a Comment