Friday, July 24, 2015

Педофилскиот рај

(By Roger Mortis, 212/092)
Си било едно Баварско село во подножјето на Андите...и во тоа село, лика и прилика на рурална идила - си трчкарале наоколу плавокоси дечиња во класична Дирндл носија...Wait, what? Сигурно се мисли на Алпите, во куцањето мора да се поткраднала грешка...

Нема никаква грешка, во подножјето на Андите сеуште постои Германско село, основано во педесеттите години кое ја криело една од најгрозните тајни со кое човештвото имало можност да се запознае после паѓањето на режимот на генералот Пиноче, стандарден лик на корумпиран латино-диктатор со мноштво еполети и ордени на униформата и сурат кој просто потсетува на остарен педофил.

Кошмарот кој подоцна ќе делува како несреќна средба меѓу Дахау и Џонстаун, започнал со бекството на нацистичкиот педофил Паул Шефер од Германија каде што истражните органи започнале истрага за неговите педофилски активности.
Јужна Америка била спасоносна за огромен број пореметени припадници на Вермахтот, СС и Абвер - па така каде сите нацисти таму и Паул, но со битна разлика што Паул освен тоа што обожавал детски гениталии - основал и своја секта!
Сектата била рисјанска, фракција на Католицизмот модифицирана со цел да се создаде нова Ариевска раса врз егалитаријанска база, каде што поединецот нема да постои и каде `повисоката цел` ќе биде алфа и омега. Децата после раѓање биле одземани од родителите и препуштени на `старање` на заедницата.
Останува нејасно од каде му биле парите на Шефер за да купи десетици хектари земјиште во централно Чиле, на околу 400 км далечина од Сантијаго. Не само земјиште туку и градежен материјал и механизација и сите други работи кои се потребни за еден таков потфат. Трагите упатувале на бројната Германска емиграција таму и на старите `другарчиња` од Национал социјалистичката Германска работничка партија.

И така по некое време на Шефер, освен локални Германци му се придружиле и жители на Германија кои дошле во потрага по подобар живот и смисол на постоењето во Колонија Дигнидад, како што било именувано селото. Неколку стотини луѓе започнале деноноќно да работат за Шефер, не само градејќи ја инфраструктурата на местото туку и бавејќи се со земјоделие, фармерство, производство на храна и пијалаци кои потоа ги продавале во Сантијаго. За својата работа не добивале плата, парите оделе во џебот на лидерот на сектата кој со тие пари купувал околно земјиште за да во еден момент неговиот имот достигне 13.700 хектари или 137 км2 !


Имотот бил опкружен со двојна ограда од бодликава жица, изградени биле подземни тунели и скривници и стражарски кули бидејќи Шефер претпоставувал дека многумина ќе сакаат да го напуштат тоа место а такво нешто не смеело да се дозволи.
Проширувајќи ги своите бизниси, Шефер се `побратимил` со локални политичари и полицајци кои дошле на неговиот платен список. На тој начин си обезбедил непречена власт и болесни потфати.
Децата во `колонијата` биле изложени на педофилски изживувања од страна на Шефер и негови пријатели. Подоцна, кога Пиноче дошол на власт, во селото почнале да доаѓаат реномирани Чилеански педофили од светот на политиката и бизнисот кои можеле на мир, далеку од очите на јавноста да уживаат во силување деца. Шефер станал апсолутно недопирлив, деминутивно божанство во забеганиот свет кој го створил.

Покрај деца за секс, Шефер на власта и понудил и место каде што ќе можат да се носат уапсени противници на режимот за да бидат измачувани. Со таа цел и со државни пари биле изградени објекти опремени со најмодерни апарати за тортура кои ќе бидат користени при изживување врз илјадници луѓе во годините на диктатурата. Многу од нив биле и ликвидирани, како што подоцна се дознало со откопувањето на масовните гробници.
Наталитетот на Ариевците се покажал незадоволителен па затоа се пристапило кон купување и `посвојување` на деца на локалното граѓанство. Паул Шефер се истакнува како доајен на педофилијата, со цифри на малтретирани деца единствено достижни од `педо-легендата` Џими Севил.

И така еден ден на сцена во колонијата се појавил и `Ангелот на смртта` лично, кој друг ако не Јозеф Менгеле кој дошол за да надгледува медицински експерименти вршени над политички противници во одлично опремената болница која што била изградена таму. Во подземните запечатени комори се испитувало дејство на бојни отрови врз жртвите, под водство на ветеранот на Злото - Јозеф, во координација со претставници на Чилеанската војска и тајната полиција ДИНА.

Присуството на Менгеле и Валтер Рауф, `пронаоѓачот` на мобилните гасни комори - го предизвикале вниманието на познатиот `ловец` на нацисти Симон Визентал, а веројатно и на Мосад. Имено, во осумдесеттите години - бил упатен еден наводен агент под име Борис Вајсфелер на лице место за да присобере информации околу сектата.
Вајсфелер бил откриен и фатен а подоцна жестоко измачуван и ликвидиран од страна на манијаците во колонијата. 
Се чинело дека сектата ќе си продолжи да снабдува со деца нови генерации на педофили се` до Судниот ден. Но во 1990, режимот на Пиноче паѓа а со тоа пресушуваат и голем дел од финансиите кои го држеле во живот Педофилскиот рај.
Новинари, разни активисти на здруженија за човекови права и `ловци` на нацисти се појавуваат секојдневно околу колонијата, притисокот да се отворат вратите на селото станува се` поголем...и во 1997 Шефер ги напушта своите робови, своите послушници и своите наци-колеги и користејќи ја пистата во колонијата - бега со авион во Аргентина.


Откриен е во 2005 и екстрадиран во Чиле каде што е осуден на дваесет години робија поради педофилските активности, конечно цркнува во затвор во 2010, во поодминати години.
Преживеаните жртви делумно се вратиле во Германија, делумно останале во Чиле а повеќето низ судските лавиринти се обидуваат да добијат отштета од државата Чиле која што ги подложила на сексуални злоставувања и тортури.

Држава како држава, веднаш ги запленила документите кои се наоѓале во колонијата и до денес остануваат под клуч бидејќи очигледно би имплицирале многу локални и меѓународни политичари во нивната незаситна глад за детско месо. Настрана експериментите со бојни отрови и огромните количини оружје кои биле пронајдени таму, одговорноста за финансирањето на колонијата и ред други ситуации кои би се испилиле од јајцето наречено Disclosure.
Денес, селото е реновирано, отстранети се повеќето компромитирачки објекти и служи како туристичка атракција (!?) што претставува извор на приходи за малкумината жители кои останале да живеат таму.

Колонијата била де-факто екстериторијална, надвор од сите правни и даночни закони кои важеле за остатокот на Чиле, уште еден во низата докази за крајната психопатија на политичките и бизнис елити кои со своето постоење предизвикуваат само страдање и невидена мизерија за неброени милиони заглупавени, зомбифицирани луѓе кои си ја сакаат државата...макар каква и да била.

Макар и финансирала силување на дечиња.

No comments:

Post a Comment