Friday, July 10, 2015

Си било еднаш едно животно...

(By Roger Mortis, 198/78)
Рајата во француската област Жеводан, сместена помеѓу реката Лоара и планината Маржерид за време на трулиот `древен режим` (Ancient regime, кралството на Бурбоните) се опоравувала од епидемија на чума, бројот на население почнал да се наголемува повторно, раните зацелувале...кога започнала наезда на разбојници, ликови кои краделе од богатите ама не им текнувало да даваат на сиромасите, напротив ги краделе и нив, даноците повторно натежнувале на грбот на јадните селани а бидејќи животот им бил премногу `забавен` судбината решила да им прати и глад која траела неколку години.

И таман кога рајата помислила дека не може да биде полошо, се појавил Врколак!

Можеби не од оние филмските, кои на полна месечина со крици се претвараат во ѕверови и кои припаѓаат на фантазијата - туку сосема реална опасност која ќе одземе непознат број животи.

Страданијата народни започнале во Јуни 1764 кога нешто налик на волк но многу поголемо и со тенденција да се исправува на две нозе нападнал девојка која чувала стадо волови (во `добрите стари времиња` млади девојки чувале волови). За среќа на девојката крвожедниот створ само ја ранил бидејќи неочекувано неколку волови тргнале во противнапад и го избркале створењето, за разлика од кучињата-чувари кои цвикајќи побегнале...

Изјавите на девојката за огромен волковиден створ биле исмеани од селаните кои сметале дека тоа е привидие како резултат на страв и паника. За крвава потврда на девојчините зборови не требало многу да се чека, истото битие нападнало, задавило и делумно изело `колешка` на преживеаната девојка од првиот напад - после неколку дена.
Во следните неколку месеци почнало владеење на стравот и ужасот, осамени патници по магливите Жеводански патишта, намерници низ шумските патеки, овчари и остали сточари, деца кои си играле малку понастрана од обично и чија крв мрзнела пред злокобното завивање на створењето кое изронувало од утринската магла со демонски сјај во очите - само за да се фрли и да ги задави жртвите - тоа била тажната `шема` по која во наредните три години на оној свет ќе заминат најмалку 113 а најмногу 310 души, проценките варирале како што варирало и тогашното собирање на информации...


Народот се собирал по црквички да се моли за избавување од маката а нивната молитва често била прекратена од завивањето на ѕверот во далечината, најава за нова смрт, страв и неспокој во областа.
Освен за молитва, рајата се фатила и за пушка, вила, секира - дај шта даш и се формирале групи кои требале да го откријат и убијат `сторителот`.
Биле убивани волци на големо, некои од нив прилично големи - но попусто, секој убиен волк давал лажна надеж дека опасноста е елиминирана само за да наредниот ден повторно се копа нечиј гроб...

Наредната година, глас за настаните стигнал и до кралот Луи XV кој финансирал посебна група `специјалци`  поточно искусни ловци собрани од цела Франција кои требало да го решат проблемот. И тие убивале волци наголемо, но попусто. Само еднаш дошле во контакт со наводниот Врколак кога успеале да му нанесат рана иако и неколкумина од елитните ловци задобиле тешки повреди.

Нападите продолжувале се` до Јуни 1767 кога локален ловец по име Жан Шастел, прецизен стрелец, ризикувајќи го својот живот конечно успеал да го застрела битието и тоа со помош на сребрен куршум (!?). Конечно дошол крај на маките но не и на мистеријата. Огромниот и бизарен леш на нешто кое наликувало на хибрид меѓу огромен волк и Мастиф бил однесен во Париз, ловецот бил награден а за гледање на лешот се наплаќале пари. Предлозите да се препарира чудото биле задоцнети, летно време и високи температури - лешот се распаднал и бил закопан, за жал.

Никој не успеал да утврди за што станува збор. Нападите на волци врз луѓе се реткост но створењето и онака не било волк. Брзината и бројот на напади исто така биле невозможни за волк а територијата која ја `покривал` ѕверот во потрага по жртви била неверојатна.
Сребрениот куршум употребен за ликвидација послужил за раѓање на теории дека се работи за Врколак.
Некои тврделе дека `ординирал` специфичен тип на манијак, феномен кој подцна ќе стане познат под називот `сериски убиец` - камуфлиран со крзно, а хибридната животиња само служела за да одвлече внимание и да сее страв, во необично својство на чирак-милениче-убиец.

Створот останал познат како `Ѕверот од Жеводан` и продолжил да живее во легендите и колективната свест во областа долго време. До ден денешен не се знае за што точно се работело, но ако навистина бил сериски убиец и престанал да убива после смртта на `миленичето` тогаш тоа би бил еден од најголемите манијаци било кога, со барем 113 убиства зад себе - што ги прави Џек Мевосек, Зодијак, Лудиот касап од Кингсбери Ран, Џек д`Стрипер, Библискиот Џон и секирашот од Њу Орлеанс - тотални аматери во доменот на садизмот. Заедничка особина им е што останале неоткриени и легендарни фигури во светот на злото...

No comments:

Post a Comment