Friday, July 10, 2015

Добриот граѓанин Барт

(By Roger Mortis, 200/80)
Железницата отсекогаш била цел на вооружени грабежи, имињата на славните престапници од Дивиот Запад како Буч Касиди и Џеси Џејмс или Брус Рејнолдс и Рони Бигс од `кражбата на векот` во Британија се скоро household names и нивната слава се чини дека не проаѓа туку се пролонгира со секој нов филм, документарец или книга посветени на нив.

Во сета таа шаролика галерија на ликови се издвојува еден кој со својата самосвесност и анонимост е како црна овца во заедницата ограбувачи, пред се` поради двојниот живот и изразениот Робинхудовски комплекс а веројатно и со идеолошката мотивација.

Во Декември 1946. на железничката линија помеѓу Троа и Шомон во Франција се случил незапаметен грабеж во кој еден единствен маскиран човек се појавил со пиштол пред шокираните чувари на поштенскиот вагон на возот бр.426 и им се обратил со зборовите - `Не се плашете, само смирено, ми требаат парите ограбени од државата и ништо повеќе`. Заминал со 2,5 милиони Франци, денешен еквивалент на некои 7,5 милиони евра. И тоа не било ништо посебно ниту значајно ако по неколку недели низ цела Франција околу 500 луѓе не примиле мала пратка со по 4.500 Франци (13.500 евра) - која дошла како подарок од небото...

Овој настан ќе биде прв во низата слични во наредните седум години зад кои стоел Бартелеми Варзе, на прв поглед побожен и скромен тип, добар и совесен граѓанин и фамилијарен човек кој со ништо не се издвојувал од средината во која живеел.
Освен можеби со склоноста кон добра храна и добро вино со акцент на конзервирано пилешко, специјалитет на една единствена фабрика во Франција...

Единствена работа која ако може така да се каже `стрчела` кај Варзе бил фактот што никогаш не гласал на избори, локални, регионални или национални а на прашањата зошто не гласа одговарал - `никогаш не сум гласал затоа што не се согласувам со системот. Не сакам да знам ништо за државата која уништува милијарди франци а истовремено илјадници деца се мачат во тешка сиромаштија`.
За некои можеби тоа би бил знак за аларм но добрите жители на Монтрибур и онака не биле особено перцептивни...

Следниот грабеж се случил на 23.Март 1948 на линијата Периге-Бриве каде што возот пренесувал општински пари, 250.000 франци (или 750.000 денешни евра). Копија на првиот напад - и овој прошол без проблеми. Третиот напад бил на 1.Декември истата година на линијата Родез-Северак а пленот - 100.000 франци.


Полицијата почнала да се сомнева во организирана група која `сериски` ограбува возови а настаните почнале да биднуваат и тема на разговор на локалното население. Бартелеми до таа мера се имал соживеано со двојниот идентитет што во разговор со свои пријатели се жалел на неспособноста на полицијата да се справи со такви дрски ограбувачи!
Железниците почнале да најмуваат вооружени стражари, факт кој не го спречил следниот (четврти) напад - на железничката станица во Лонгре во Февруари 1950. Овој пат ситуацијата се покажала тензична, стражарот не го послушал Варзе кој со вперен пиштол му заповедал да го предаде оружјето - туку го удрил Варзе со тупаница и се обидел да го извади револверот од футролата. Варзе не се двоумел, истрелал три куршуми од кои еден бил кобен за стражарот бидејќи го погодил во главата полна со празно херојство на сметка на државата.
Пленот бил 3.086.000 франци што ќе остане рекордна поединечна сума `експроприрана` од страна на Варзе.

Мистеријата на пратките со пари кои осамнувале на адреси на сиромаси била доволна за полицијата да се сомнева во голема и добро организирана група. Дали Бартелеми делувал сам или имал помагачи, дали имал `подмачкано` вработени во поштата и воопшто на каков начин парите стигнувале до луѓето никогаш не станало јасно...

Петтата акција, во Февруари 1951, воз на линијата Париз-Дижон при која чуварите биле послушни а вреќите полни со 1.120.000 франци - била turning point во истрагата бидејќи напорите на полицијата преку своите доушници и информанти во подземјето да дознае нешто - биле залудни - наведувајќи на заклучок дека се работи за Волк Самотник или за малобројна група, одметнат Робинхудовски лик кој веројатно воопшто немал досие или било каков проблем со `законот` претходно. Цајкани во цивил почнале да дремат по разни железнички станици и да патуваат со возови, вооружени и спремни во случај однекаде да се појави непознатиот добротвор.

Сепак јавноста очекувала резултати а надредените промоции и затоа без некои посебни докази - биле уапсени двајца ситни криминалци и обвинети за грабежите и убиството на чуварот на станицата во Лонгре. Варзе во склад со своите убедувања не сакал да дозволи невини лица да страдаат поради него и затоа пратил писмо до судот во кое ги навел сериските броеви на вреќите со готовина како доказ дека анонимното писмо е навистина од вистинскиот сторител.
Правосудните органи биле спори во својата реакција и по неколку месеци погрешно осомничените сеуште биле во притвор што го навело Бартелеми да прати уште едно писмо - овој пат со два куршуми внатре адресирано за судијата Ле Пен во кое пишувало дека во случај да не бидат ослободени осомничените - исти такви куршуми ќе завршат во главата на судијата...

После ослободувањето на двете `жртвени јагниња`, Варзе се притаил некое време.
Една анегдота од тој период најдобро го отсликува ликот на Варзе, имено зимно време со својот автомобил заглавил во снег при што наишол селанец со коњска кола. На молбата да биде извлечен - селанецот ги ангажирал коњите кои го извлекле автомобилот на Варзе од снегот. На вербалната благодарност биле додадени 1.500 франци кои ги имал во себе (4.500 евра) како награда за шокираниот селанец...
На 12.Септември 1952, Варзе тргнал повторно по `поход`, ово пат на линијата Сен` Етјен-Клермон Феран. 585,000 франци со кои се вратил во својот дом и со идеја да напише книга за својот живот, акции и погледите на животот бидејќи бил свесен дека потфатот нема да трае вечно...

10.Април 1953, напад на линијата Ле Ман-Тур со одземени 270.000 франци од државата.

23.Октомври истата година, последниот напад на Бартелеми Варзе, станицата во Жизеј, целта биле 350.000 франци но овој пат тие пари биле штитени од неколкумина вооружени чувари на кои им се приклучиле и неколку цајкани во цивил. Варзе стигнал на станицата како обичен патник, со платена карта и со торба, а планирал да избега со запленето возило.
Ситуацијата ескалирала брзо, почнала престрелка во која биле ранети двајца чувари што му овозможило на Варзе и покрај дождот од куршуми да избега со помош на запленета кола - но овој пат зад себе ја оставил торбата во која што имало една од неговите толку омилени конзерви кои се произведувале во само една фабрика...


Овој траг бил доволен и за не премногу бистрите инспектори кои работеле на случајот.
На 21.Ноември 1953, цајканите ја опколиле куќата на Варзе во Монтрибур. Варзе имал доволно оружје за да се обиде да се пробие но фактот што во куќата била неговата сопруга и неколку роднини кои би се нашле во смртна опасност доколку отпочне пукање - решил да се предаде мирно.
После неколку дена, цајканите раководејќи се од својата вродена генијалност - ја уапсиле и сопругата на Варзе бидејќи сметале дека не е можно да не знаела ништо за акциите на својот сопруг. Подоцна била осудена на пет години затвор иако останал фактот дека не била запознаена со тајниот живот на сопругот - како впрочем и никој на светот...

Инспекторот Таган кој бил назначен да го испитува Варзе изненадувачки прецизно го опишал испитаникот...
`Луѓето сакаат да веруваат дека е луд. Лично сум цврсто уверен дека воопшто не е луд, напротив се работи за исклучително паметен и дрзок човек. Човек кој живеел двоен живот во сите области, контрадикторна и конфликтна личност, необразуван а пишувал книги, служел двоен воен рок а бил жесток антимилитарист, навидум фанатичен Католик - а всушност фанатичен Анархист, човек кој се грижел за сите, кој делел пари на сиромашни вдовици и на болни деца, човек кој секој ден оставал трошки за птиците кои слетувале во неговиот двор - а кој не се двоумел да пука во човечко битие кога бил притеснет. Не можам да се согласам со тврдењата на некои кои велат дека Варзе е само обичен криминалец бидејќи тој е повеќе нешто како литературен лик кој избегал од страниците на некоја книга`

Бартелеми Варзе, типот кој ограбил и подарил преку 8 милиони франци (24+ милиони евра) - бил пронајден мртов во својата ќелија во Јануари 1954 година. Човекот кој сменил илјадници судбини на подобро (или барем се обидел) и кој никогаш не крадел приватен имот туку само `државни` пари - своеволно заминал во амбисот на анонимноста како аномалија која не смее да постои во ваков свет, зрак на светлина кој откривал премногу во видното поле на рајата навикната на narrow band vision...

No comments:

Post a Comment