Friday, July 24, 2015

Оскар Ромеро

(By Roger Mortis, 211/091)
После неколку векови деновиве конечно се појавила позитивна вест од Ватикан, еден од најголемите центри на организираниот мистицизам. Конечно од утробата на ѕверот излегло нешто различно од педофилија, папски енциклики со јаросни демагогии против абортусот и презервативите и подршка на разни геноцидни режими кои со своето дејство ја `збогатиле` веќе пребогатата историја на Несреќата на планетата Земја.

Новиот Папа Фрањо кој го наследи екс-Хитлерјугенд војникот Рацингер после неговата сензационална оставка - дури може да се каже дека делува сосема човечно. Член на редот на Језуитите (погрешно означени во алтернативните медиуми како заговорничко легло) и наследник на традициите на `либералната теологија`, пред неколку дена најави Беатификација на одамна покојниот Оскар Ромеро, лик кој необично многу потсетува на Бискупот од `Железната пета`, книгата на Џек Лондон која го инспирирала Џорџ Орвел за неговата `1984`.

Надбискуп на Ел Салвадор во седумдесеттите, свештеник под чија управа имало многу Језуити склони кон `либерална теологија` која што теологија го толкува ликот и делото на Исус како начин за борба против неправедните и нечовечни социјални и економски услови. Сето тоа било посебно популарно меѓу дел од свештенството во Латинска Америка во тоа време.
Ромеро започнал како крајно конзервативен поп но со тек на време, гледајќи ги страданијата на рајата и неправдите почнал да се менува и сигурно во главата му одекнувале Исусовите зборови од `Проповедта на гората`, без сомнение социјално најсвесниот дел во Светото писмо.

После редица диктатори, манијаци и психопати на власт во Ел Салвадор, државата повторно била на раб на граѓанска војна (која и се случила по смртта на Ромеро), земјата била власништво на полу-феудална олигархија под заштита на армијата, полицијата и паравоените ултра-десничарски единици.
Стандардот на живот, посебно во селата бил на средновековно ниво, без струја, вода, лекови...со еден збор диктатурата ги содржела сите оние елементи кои постоеле во земјите од тоа подрачје (со исклучок на Коста Рика) каде претседателите-диктатори биле назначувани од ЦИА, во согласност со доктрината на Студената војна и корпорациските интереси.
Смртта, болестите и изживувањето на воените формации врз руралното население биле секојдневие.
Црквата за разлика од повеќето случаи, во овој случај под влијание на Језуитските попови со ниваната `либералната теологија` заземала став во корист на оние кои страдаат.

Ромеро како главен свештеник во земјата, почнал јавно да настапува против власта и армијата, и против политиката на САД. Дури и му напишал писмо на американскиот претседател Картер барајќи Америте да престанат со финансирање и обука на војската која таа обука само ја користела за масакри на цивили и одбрана на олигархијата.


Неговите говори почнале да се радикализираат, се` повеќе и повеќе народ откажувал послушност на власта, луѓето започнувале да добиваат некаква надеж дека се можни подобри денови. Ромеро дошол до точка во која барал да се откаже соработка со системот, бидејќи истиот бил во целосна спротивност со учењето на Исус...
Неколку соработници на Ромеро (Језуитски свештеници) се масакрирани, сечени им се делови од телото и покажувани низ селата, некои се убивани од заседа...Страдале и многу `часни сестри` кои пружале помош на гладните, биле силувани од страна на паравојската а потоа ликвидирани и закопани.

Кулминацијата се случила на 24.3.1980.
Откако убиствата на негови `колеги` и `колешки` не вродиле со плод со негово носење на `државоугоден пат`, власта одлучила да го убие и него.
Ликвидиран бил од страна на армиските специјални сили со снајпер, во црква - за време на држење проповед.
Одлуката на воената хунта да го ликвидира била во согласност со интересите на ЦИА но и на Ватикан, каде Ромеро барал поддршка за своите напори од папата Јован Павле II но секако без успех...му било сугерирано дека световната власт била од бога дадена т.е. да не дига многу прашина, бидејќи на тој начин ги поддржува “безбожните“ герилци од ФМЛН кои се бореле против диктатурата.

На неговиот погреб се собрале десетици илјади граѓани да го испратат за последен пат.
Но не било судено да оди сам на последното патување...полицијата и армијата отвараат оган за време на погребот и убиваат преку 50 луѓе а стотици се ранети, многумина се апсат, некои се измачувани по средновековни методи, некои `исчезнале` и до ден денес не им се знае гроб...

ЦИА, власта во Ел Салвадор и Ватикан можеле да здивнат, црната овца била елиминирана заедно со другите `трули јаболка`.

35 години подоцна, Језуитскиот Папа ги признава грешките на своите претходници и му оддава признание на Маченикот, потег кој е за поздравување.
Оскар Ромеро останува да биде еден од ретките позитивни примери во редовите на религијата во последниве половина век, ако не и повеќе.

No comments:

Post a Comment