Monday, July 13, 2015

Старечка динамика

(By Roger Mortis, 202/82)
Во мизерните несреќи познати како Балкански општества сеприсутен е култот на почитување на постарите лица. Можеби денес помалку од некогаш, барем судејќи према муабетите на постари лица кои се жалат дека не останало повеќе почитување на старците, младите се опишуваат како побеснети, некултурни, злобни и незапознаени со дифолтната старечка вредност.
Верувам дека секоја генерација досега од времето на дедо Ное па и порано од Анунаките до денес се жалела дека помладите генерации се `никакви` и дека во `нивно време` имало ред, поредок и дисциплина. Класичниот меѓугенерациски јаз, злоба на остарени ликови кои љубоморат на нечија младост или само старото добро кукање?

Постои цел арсенал од поговорки и изреки за наводната мудрост на постарите, тоа е опеано во народната песна и приказна, митовите и легендите се полни со `старечки` квалитети. Тинејџерството па и детството како поими се релативно од поново време, со оглед на поместувањето на возрасните граници во однос на минатото како резултат на наголемувањето на животниот век. Детството ионака го измислил Чарлс Дикенс во 1844.
Како што и `староста` веќе не започнува на 40. како некогаш (за жените и нешто порано) туку многу покасно така се менуваат и перцепциите.

Truth be told, постои и контратежа на овој култ а тоа е култот кон младите/децата, но тоа е веќе друга тема...


Кои се тие квалитети кои се вредни за почит кај senior citizens?
Зошто би требало старите лица да се привилегирани во однос на другите?
Дали можеби постарите лица се сметаат за `чувари` на традициите?

Пред се` би требало да се постави прашањето дали постојат `млади` лица на овие простори бидејќи кај младите постои старечка динамика на размислување, кукавичлукот го наследиле од старите кои се уште ги дојат новите генерации со страв и понизност, секоја власт за нив е светиња, секој авторитет е апсолутен. Надворешноста изразена во 25 годишно тело само ја прикрива 96-годишната перцепција на створот кој се крие внатре во тоа руво. Неговите или нејзините прсти можеби се брзи на тастатура или на тач-скрин, можеби имаат секс неспоредливо повеќе од нивните жални претходници а можеби се крајно либерални во однос на лесни дроги, коцка и алкохол. Гледаат различни филмови и слушаат различна музика од нивните родители, баби, дедовци и остали животињи - но тоа се оние небитни, skin deep разлики бидејќи и облеката и фризурата и музиката и Твитер - доаѓаат од надворешниот свет во празната глава на младиот човек. Она што го еманираат од себеси наоколу, тоа е истата онаа морбидна заглупавеност и тотално немање на социјална свест околу било која работа која ќе биде пресудна во нивните животи и во животите на нивното идно потомство...
Затоа не гребете под површината ако не сакате да видите гнилеж.

Генерацискиот јаз и не е нешто голем на Балканот, никогаш не бил, освен технологијата која ги раздвојува - останатите аспекти се многу слични или сосема идентични така да ако се земат животните фундаменти еден 19 и еден 80-годишник ќе се утврди дека размислуваат по идентични шаблони и имаат забележливо отсуство на социјална свест.

Ако одиме и во подалечното минато и забележиме какви народни поговорки и мудрости се зачувале низ вековите ќе стигнеме до глорифицирање на тупоста, стравот, покорноста, бескичмењаштвото и улизувањето. Преварата е во тоа што веројатно секоја генерација го пролонгира митот за старечката мудрост за да си даде лажна вредност и навреме да го отруе бунарот од кој утре ќе пијат помладите.

`Мудрите` генерации ја продадоа иднината на денешната генерација за 150 евра месечно. Денешната генерација ја продава иднината на следната за 200 евра. И сендвич на митинг секако. И тој циклус изгледа никогаш нема да има крај. Единствена надеж е катастрофалниот наталитет, емиграцијата и растечкиот морталитет. Тука би припомогнал и понекој Килотон или соодветен биолошки агенс, стратешки распрскан над полуостровот...

Иако генерализацијата е меч со најмалку две оштрици, понекогаш сама се наметнува со поглед на актуелните состојби. Не е тоа напад врз конкретни поединци или нивните баби и дедовци кон кои истите се приврзани и не им е мила една ваква генерализација. Муабетот е за вредностите кои генерациски се пренесуваат и дали/колку вредат.
А не вредат скоро ништо.

What`s more, ако се оди наназад со векови - полуостровот бил клето место за живеење, перпетуација на срања, никогаш за сантиметар подалеку од гола борба за егзистенција и опстанок. Наведната глава лета и не се јаде.
Интересна коинциденција, во екот на периодот со највисокиот животен стандард на населението во историјата на овие простори, време на т.н. `период на Анте Марковиќ`, рајата очигледно се нашла во непрепознатлива ситуација да биде надвор од борбата за гол живот и комплетно шокирана и збунета, наместо да следи консолидација на тој почеток - следела крвава оргија на злото распоредена низ цела деценија војни, глад, болести, незапаметено крадење и корупција...


Во минатото на овие простори не постоела класа која била надвор од борбата за гол опстанок а денес има една таква мала безначајна група од политичко-криминогено потекло за чие преживување е потребно страдање на мнознството население. А тоа е најлошата можна варијанта...
Вековната борба за опстанок без можност да се дигне главата макар малку над прагот на гомната кои во секој момент се закануваат дека ќе влезат во устата на поединецот, да се земе воздух за да се направи нешто позначајно од преживување - е во основата на проклетието на многу меридијани меѓу кои и на јадниот полуостров, осуден да вирее на диета од делузии и ропство.

Одговорите на поставените прашања сами се наметнуваат.

Скоро и да не постојат квалитети кои се вредни за почит кај senior citizens.
Старите лица не треба да имаат било какви привилегии во однос на другите.
Традициите кои ги `чуваат` постарите лица се ефтина митоманија полоша од рандом измислица на петгодишно дете.

Привидот за евентуален пристоен живот тука пропорционално зависи од тоа колку ќе се раскрсти со тие `вредности` еднаш засекогаш. Веројатно е веќе предоцна за тоа и само се чека на паѓање на завесата, чин кој никогаш не е пријатен за гледање но е логичен резултат на векови и векови морбидна глупавост.

No comments:

Post a Comment